Туѓа крв
„Туѓа крв“ е расказ на рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.
Содржина
уредиПо Поклади, во селото Филиповка паднал првиот снег. Дедото Гаврила Василич излегол во дворот и почнал да размислува за својот син-единец Петро. Кога започнала Октомвриската револуција, Гаврила продал два пара волови, купил добар коњ, го опремил и го испратил синот да се бори против Црвената армија. Оттогаш поминале многу години, а Гаврила не знаел ништо за судбината на синот, кој не се вратил од војната. Еден месец по испраќањето на синот, во селото дошла советската власт, која Гаврила неизмерно ја мразел и, за да ги нервира, постојано ја носел својата војничка облека, целиот накитен со царски ордени. Во меѓувреме, неговиот имот почнал да пропаѓа, бидејќи тој немал никого за да му помага, живеејќи само со својата жена. По неколку години, во селото започнале да се враќаат Козаците, кои се бореле против Црвената армија, но никој не знаел ништо за судбината на Петро. Возбудени, со надеж дека ќе се врати и нивниот син, Гаврила и неговата жена му подготвиле облека на Петро. Еден ден, од Турција, во селото се вратил Прохор Лиховидов, кој служел во истиот полк со Петро. Тој ги посетил старците и им ја соопштил страшната вест дека Петро загинал во една борба против црвеноармејците. Немоќен да се соочи со вистината, Гаврила не сакал да ја прифати веста, излегол надвор од куќата, легнал на снегот и ги затворил очите.
Еден ден, во дворот на Гаврила дошле неколку војници, со намера да му одземат дел од житото за потребите на армијата. Наеднаш, во дворот се појавиле неколку Козаци, кои ги убиле црвеноармејците, по што набрзина избегале. Гледајќи ги во дворот умрените тела на младите војници, Гаврила почувствувал дека во него повеќе ја нема омразата кон советската власт. Разгледувајќи го телата, тој забележал дека еден од војниците не бил мртов и затоа го внел во куќата, каде со својата жена почнале да го негуваат. Поминувале денови, недели и месеци, а тие двајца, со упорна и грижлива нега, успеале да го опорават момчето. Во меѓувреме, толку многу го засакале него, што речиси целосно заборавиле на својот син Петро. Кон крајот на март, момчето оздравело и старците му предложиле да остане да живее со нив, како нивни син. Тоа се викало Николај Косих, но старците го викале Петро, во спомен на нивниот мртов син. Пред војната, Николај живеел некаде во Урал, каде работел во железарница. Кога имал седум години, татко му бил убиен во тепачка, а мајка му си заминала со друг маж и него го оставила сам. Така, момчето останало да живее во домот на Гаврила, кого го нарекувало татко. По некое време, во куќата на Гаврила притигнало писмо во кое другарите на Николај го повикувале да се врати назад и да им се придружи во напорите да ја обноват фабриката. Николај сакал да им се придружи на другарите, но истовремено, не можел да ги остави старците сами. Растргнат од желбата да си оди, Николај започнал да слабее и еден ден, донел одлука да го напушти домот на Гаврила. Старецот го испратил својот син до крајот на патот, а срцето му се кинело од болка поради ознанието дека тој нема да се врати никогаш.[1]
Наводи
уреди- ↑ „Туѓа крв“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 96-121.