Торинскиот коњ (филм)

Торинскиот коњ (унгарски: A torinói ló) е игран филм од 2011 година, во режија на Бела Тар (Béla Tarr) и Агнес Храницки (Ágnes Hranitzky). Сценариото е дело на Ласло Краснахоркаи (László Krasznahorkai) и Бела Тар. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Јанош Держи (János Derzsi), Ерика Бок (Erika Bók) и Михаљ Корош (Mihály Kormos). Музиката во филмот е дело на Михаљ Виг (Mihály Víg), а директор на фотографијата е Фред Келемен (Fred Kelemen). Филмот, кој трае 146 минути, е сниман во црно-бела техника, во унгарско-француско-германско-швајцарско-американска копродукција (TT Filmmûhely, Vega Film, Zero Fiction Film итн.). Премиерата на филмот се одржала на 31 март 2011, во Унгарија. По снимањето на филмот, Тар објавил дека тоа е неговото последно дело.[1][2][3]

Содржина

уреди

Филмот претставува антитеза на создавањето на светот, опишано во Библијата. Имено, како што библиското создавање на светот траело шест дена, така дејството во филмот се одвива во шест дена во кои е прикажан животот на еден селанец и неговата ќерка. Меѓутоа, за разлика од Библијата, каде создавањето на светот започнува од мракот, во филмот, животот на главните јунаци завршува во темница.

Инаку, насловот на филмот е инспириран од еден познат настан од животот на Ниче, кој раскажувачот (гласот на Михаљ Радај) го прераскажува на почетокот на филмот: На 3 јануари 1889 година, Ниче, кој престојувал во Торино, присуствувал на една сцена на улицата Карло Алберт, во која кочијашот го камшикува непослушниот коњ. За да го спаси коњот, Ниче го гушнал околу вратот, липајќи, а потоа се онесвестил. По овој настан, Ниче западнал во тешка ментална болест од која останал нем и закован в кревет во следните единаесет години, сè до неговата смрт. Филмот, всушност, е фиктивна приказна, која ја прикажува судбината на коњот.[4]

Селанецот Олсдорфер (го глуми Держи) живее во сиромашна, трошна куќа, во едно пусто, осамено место, заедно со својата ќерка (ја глуми Бок). Тој заработува за живот така што со запрежната кола пренесува разни работи до градот. Филмот започнува така што, во едно невреме, проследено со силен ветар, селанецот се враќа во својата куќа. Утредента, тој се облекува и го впрегнува коњот со намера да оди во градот, но коњот одбива да тргне, и покрај камшикувањето. Оттука, селанецот се откажува од намерата. Сепак, поради силниот ветар, тој не може да замине во градот ниту во следните денови. Освен тоа, од ден на ден, коњот е сè послаб, одбива да јаде и очигледно е дека полека умира. Поради невремето, селанецот и ќерка му не можат да ја напуштат куќата. Во меѓувреме се случуваат некои чудни знаци за пропаста која се приближува: Така, селанецот забележува дека повеќе не се слушаат црвите кои со години ги нагризувале дрвените предмети во куќата; Еднаш, во нивниот двор доаѓаат Цигани, кои им велат на домаќините дека ќе се вратат и дека ќе им ја земат земјата; Еден ден, тие ги собираат повредните работи и го напуштаат домот, но поради силниот ветар, повторно се враќаат; петтиот ден, ненадејно изгаснуваат ламбата и огнот во печката. Селанецот и ќерката си легнуваат со надеж дека утредента ќе се врати светлината, но филмот завршува така што во шестиот ден, селанецот и ќерката се будат во целосен мрак и тишина.[1]

Филмот се одликува со многу бавно темпо и во него речиси ништо не се случува, туку постојано се повторуваат истите сцени: ќерката му помага на таткото да ја облече или соблече облеката; таа полни вода од бунарот во дворот; надвор, ветрот дува со огромна сила, носејќи суви лисја низ опустената земја; таткото и ќерката секој ден јадат компири итн. Исто така, во текот на филмот, таткото и ќерката разговараат многу ретко, а само во една сцена има подолг монолог на соседот, кој ги посетува со цел да купи ракија. Поддржан од прекрасната музика, филмот прикажува тешка, депресивна состојба на постепеното згаснување на животот.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди