Тектонска несреќа - Моклиште

Тектонска несреќа - Моклиште — уривање на ридот како последица на тектонското движење на земјата, во раните утрински часови на петти септември 1956 година, дошло до уривање на ридот „Градот”.[1][2]

Месноста "Градот", во Моклиште во моментот на тектонската несреќа

Настан

уреди

Во раните утрински часови, помеѓу 6 и 7 часот во месноста “Градот“, оддалечено околу 9 километри југоисточно од Кавадарци, се случила голема тектонска несреќа. За неполни петнаесетина минути според сведоштвото на неколкумина очевидци на овој ужасен настан, кој се случил над населбата “Моклиште“, се одронал огромен комплекс земјана маса. Како последица на оваа големо поместување на огромна маса, земја и камења покриле простор во должина од 1000 и во широчина од 400 метри. На одделни места натрупаната земја достигнувала до стотина метри длабочина.[3]

Жртви

уреди

При оваа природна катастрофа животот го загубиле: Ѓошо Бојаџиев од Ваташа, Методија Димитриев од село Конопиште, Ристо Камчев од село Долна Бошава, Шериф Ахмед од село Вешала-Тетовско, Илија Паризов и Мишо Кузманов од село Дреново, Лазо Петров и Гано Стојанов од село Возарци, Ајредин Бекташ од село Божовци-Тетовско, Ганија Мифтари Белор од село Трново-Тетовско и Илија Панов Илов од село Грбавец.[3]

Покрај загинатите имало  и неколкумина повредени лица меѓу кои Лазо Атанасов од село Крњево, а младинецот Перо Кузманов од Ваташа бил очевидец на судбината на Ристо Камчев од село Долно Бошава, кој со своите две ќерки одел на пазар во Кавадарци. Двете негови девојчиња со помош на неколкумината очевидци  биле спасени, а Ристо бил затрупан од огромната маса земја и камења.[3]

Проценки и претпоставки за настанување на несреќата

уреди
 
Месноста "Градот", во Моклиште по тектонската несреќа

На местото на несреќата било веднаш упатена стручна комисија одредена од државниот секретаријат за внатрешни работи на Република Македонија која ја сочинивале проф. Милош Павловиќ, инг. геолог Благоја Филиповски, геолог Владимир Паскалов, инг. Киро Шкартов, Кочо Мешков и Киро Ширговски. Комисијата престојувала неколку часа на местото на несреќата и дошла до заклучок дека одронувањето на огромна маса земја била предизвикана од природни причини и дека според увидот на самиот терен, било практино невозможно да се извлечат телата на затрупаните луѓе.[3] 

Комисијата обиколувајќи го теренот на несереќата од сите страни и врз основа на прибраните податоци, дошла до заклучок дека свлекувањето на земјата настанало по должината на една од порано формирана пукнатини во земјата, длабока околу стотина метри. Геолошкиот состав на земјата им овозможил на подземните и атмосферски води што продреле низ оваа пукнатина да ја пореметат стабилноста на целото тоа подрачје. Одронувањето на земјата настанало и поради осетното подигање на нивото на подземните води, како и поради долгиот сушен период во летото 1956 година.[3] Целиот тој простор е без било каква вегетација. На целиот тој простор била поместена земјишна маса од 12 до 15 милиони кубни метри земја,  што било многу голема причина за да не можат да се извлечат затрупаните луѓе.[3]

По овој повод на 55 годишнината од оваа трагедија, општина Кавадарци и месната заедница од селото Ваташа, на местото на несреќата поставија спомен плоча, која ќе остане да сведочи за овој трагичен настан. [3]

Наводи

уреди
  1. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 406. ISBN 978-608-4621-04-1.
  2. „Кавадарци одбележува 67 години од тектонската несреќа кај месноста Моклиште“. kanal5.com.mk. 5 септември 2023.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 „Шеесет години од тектонската несреќа во кавадаречко Моклиште“. Сител Телевизија. Посетено на 2024-06-19.