Тафталиџе

населба во Скопје
(Пренасочено од Тафталиџе I)

Тафталиџе е градска населба во Скопје која се наоѓа западно од центарот на градот. Населбата е целосно урбанизирана. Населбата се состои од три урбани заедници: У.З. Тафталиџе 1, У.З. Тафталиџе 2 и У.З. Владо Тасевски. У.З. Тафталиџе 1 се простира на поголем дел од некогашното село Тафталиџе. У.З. Тафталиџе 2 се наоѓа на дел од некогашното село Тафталиџе, додека пак поголемиот дел од неговата територија спаѓала во атарот на некогашното село Долно Нерези, кое денес е посебна населба со која граничи У.З. Тафталиџе 2. Понекогаш е сметана и за дел од пошироко Тафталиџе.

Земјотресот во Скопје од 1963 година: Три станбени кули во Тафталиџе, подарок од народот и владата на Романија, 1965
Поглед кон станбените објекти, донација од Чехословачка, Тафталиџе
Свечено предавање во употреба на бараките во Тафталиџе кои се подарок од Италија (18 мај 1964)

Местоположба

уреди

Тафталиџе е дел од Општината Карпош и се наоѓа во југозападниот дел на градот, на десната страна од реката Вардар. Тафталиџе се простира во Скопската Котлина на подножјето на планината Водно на целосно рамен терен. У.З. Тафталиџе 1 и 2 меѓусебно граничат на ул. „Московска“, У.З. Тафталиџе 1 и У.З. Владо Тасевски меѓусебно граничат на бул. ,,8 септември''.

На запад Тафалиџе се граничи со населбата Долно Нерези. На север Тафталиџе граничи кај булеварот „Партизански одреди“ со населбите Карпош 4, 3, 2 и 1. На исток Тафталиџе граничи со населбата Буњаковец кај улицата „Франклин Рузвелт“. Јужната граница е поставена кај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ кај што Тафталиџе граничи со населбата Козле.

Сообраќајно поврзување

уреди

Главна сообраќајница на оската исток-запад е булевар ,,Партизански Одреди" кој на источната страна ја поврзува населбата Тафталиџе со центарот на градот, а на западната страна преку мост „Обединети Нации“ на реката Вардар ја поврзува со населбата Влае. На истата оска од јужната страна на населбата минува булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ кој на исток ја поврзува населбата со центарот на градот, а на запад преку „Железнички мост“ на кој впрочем и се празнува христијанскиот празник Водици на реката Вардар, каде од другата страна се поврзува со населбите Влае и Хром.

По оската север-југ низ населбата Тафталиџе минува булевар ,,8 септември" кој преку мост ,,8 септември" на реката Вардар ја поврзува со населбата Момин Поток. На источната страна од Тафталиџе минува улицата ,,Франклин Рузвелт" која на јужната страна ја поврзува со населбата Капиштец, а на северната со населбата Дебар Маало.

На повеќе места низ населбата има поставено такси станици додека на улиците ,,Женевска", ,,Московска", ,,Лондонска" и булеварите ,,Партизански Одреди" и ,,Митрополит Теодосиј Гологанов" има поставено автобуски постојки и станици на ЈСП.

Историја

уреди

Населбата Тафталиџе името го добива од турскиот збор тахталиџе, што во превод значи маало со дрвени куќи. Ова име го добива бидејќи долго време просторот на денешната населбата Тафталиџе била една голема ливада и имало само по некоја дрвена куќа. Откако Турците го зазеле Скопје, земјиштето на денешно Тафталиџе било во сопственост на едно од најпознатите и најугледни турски семејства Хаџи Гали-бегови. Според легендата, семејството Хаџи Гали-бегови за време на Австриско-турската војна 1683 - 1689 му биле десна рака на турскиот султан, и затоа, во знак на благодарност, им подарил голем имот во Скопје. Семејството Хаџи Гали важело за најбогато семејство во Скопје и, покрај Тафталиџе, во нивна сопственост биле уште пет други села. Хаџи Гали-бегови на својот огромен имот во Тафталиџе не одгледувале никакви култури туку целото земјиште било зелена ливада. Семејството ливадата ја оставило за себап на душата, да се шета по неа и турско и каурско. На целата ливада бегот изградил само неколку дрвени куќарки.

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Тавталиџе и било христијанско, со 21 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 49 мажи христијани, со 2 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 102 жители.[1]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 84 жители.[2]

И откако Скопје било ослободено од Турците и земјиштето не било ничија сопственост, Тафталиџе важело за излетничко место. На ливадата скопјани се собирале поради чистиот воздух и убавата природа и затоа ова излетничко место кај граѓаните било познато како воздушна бања[3]. Десетина години по Втората светска војна, кога Скопје почнало масовно да се населува, куќи почнале да се градат и во овој дел од градот.

Делот на Тафталиџе јужно од основното училиште „Војдан Чернодрински“ понекогаш се самонарекува и самопрогласува како Млечен по локалниот млечен ресторан кој беше сместен во зградата на улица ,,Анкарска'' број 21 и работеше во 80-те и 90-те години од минатиот век. По него се нарекува и истоименото плато, платото кај ,,Млечен'' кое е обградено со зградите на улица ,,Анкарска'' со број 21, 23 и 31.

Наводи

уреди
  1. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  2. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  3. Janakije Popović, Tahtailixe, " Južni pregled", br. 3, Skoplje 1931, 118