Татковци и деца
„Татковци и деца“ (руски: Отцы и дети) — роман на рускиот писател Иван Тургенев од 1862 година. Првобитно, делото било објавено во списението „Руски весник“.[1]
Корица од второто издание (Лајпциг, Германија, 1880) | |
Автор | Иван Тургенев |
---|---|
Изворен наслов | Отцы и дѣти |
Земја | Русија |
Јазик | Руски |
Жанр | Политички, романса, филозофски |
Издавач | Руски гласник |
Издадена | февруари 1862 |
Медиум | Тврд и мек повез |
Страници | 226 |
Претходна | Спроти новите дни |
Следна | Чад |
Содржина
уредиРоманот се состои од 28 глави:
- Глава 1 - 9. Николај Петрович Кирсанов е земјопоседник од малото руско село Мариино, на возраст од четириесет и неколку години. Тој е вдовец и син на поранешен генерал. Тој го очекува пристигнувањето на синот Аркадиј, кој треба да дојде во посета на родниот дом. Аркадиј пристигнува во друштво со својот пријател Евгениј Базаров. По пристнувањето во родната куќа, Аркадиј дознава дека татко му живее во вонбрачна врска со младата Феодосија со која има мало дете. Во домот на Кирсанови живее и брат му на Николај, Павле Петрович, кому воопшто не му се допаѓа Базаров поради неговито нихилизам. Аркадиј му ја раскажува на Базаров животната приказна на чичко му Павле: Во младоста, тој бил убавец и омилен кај жените, редовен посетител на забавите и офицер кого го чекала успешна кариера. Павле се вљубил во кнегината Р. која била светска дама, но во основа, несреќна жена. Павле успеал да ја освои кнегината Р., но по некое време, таа го напуштила и заминала во странство. Павле заминал по неа и живеел во странство во текот на четири години, а по конечната разделба, тој се вратил во Русија. Таму, тој живеел несреќен живот, а подоцна дознал дека кнегината умрела. По некое време, тој се преселил на имотот на својот брат каде живеел повлечен живот.[2]
- Глава 10 - 19: Во една прилика доаѓа до остра препирка меѓу Павле, од една страна, и Базаров и Аркадиј, од друга страна. Павле верува во традиционалните вредности, додека Аркадиј и Базаров ги осудуваат заостанатите сфаќања на руската аристократија и на селанството. Истовремено, и Николај Кирсанов сфаќа дека неговиот син полека се оддалечува од него. Аркадиј и Базаров заминуваат во блискиот град, каде минуваат неколку дена при што посетуваат повеќе луѓе, а на еден бал ја запознаваат убавата и млада вдовица Ана Одинцова. Тие ја посетуваат Одинцова на нејзиниот имот и таму минуваат околу 15 дена при што Аркадиј се вљубува во неа, таа се вљубува во Базаров, а има посебни чувства кон неа. Ана и Базаров често се заедно, а за тоа време, Аркадиј се дружи со помалата сестра на Ана, Катарина. Најпосле, Базаров отворено ѝ ја соопштува својата љубов на Одинцова, но таа е воздржана. Утредента, тој заминува во родниот дом, а нему му се придружуваи Аркадиј.[3]
- Глава 20 - 24: Таткото на Евгениј, Василиј Иванович Базаров е поранешен воен лекар и ситен земјопоседник. Тој и неговата простодушна жена многу го сакаат синот и со нетрпение го дочекуваат дома. Но, по неколку дена, селскиот живот му станува здодевен на Евгениј и тој одлучува да замине, па двајцата се враќаат на семејниот имот на Аркадиј. Неколку дена подоцна, Аркадиј скришум ја посетува Одинцова. Во меѓувреме, на Базаров почнува да му се допаѓа Феодосија и во една прилика дури ја бакнува, но тоа го здогледува Павле Петрович и го предизвикува Базаров на двобој. Во борбата, Павле е лесно ранет во ногата и утредента Базаров го напушта имотот. Павле полека закрепнува од повредата и го наговара Николај да се ожени со Феодосија.[4]
- Глава 25 - 28: За време на престојот кај Одинцова, Аркадиј уште повеќе се зближува со Катарина и веќе нема никакво сомнение дека е вљубен во неа. Најпосле, Аркадиј отворено ѝ ја искажува својата љубов на Катарина, а потоа ѝ предлага брак. На имотот пристига и Базаров, кој сфаќа дека нема можност да воспостави близок однос со Одинцова и поради тоа набрзина си заминува во родниот дом. Таму, кај него се случува голема промена во расположението, па дури и му помага на татко му во лечењето на селаните. Меѓутоа, тој се заразува од тифус и паѓа в постела, тешко болен. Претчувствувајќи ја блиската смрт, тој замолува да ја известат Одинцова, која веднаш доаѓа со лекар, но за Базаров нема никаква надеж и утредента тој умира. Шест месеци подоцна, во Мариино се првата две венчавки: Аркадиј се венчава со Катарина, а такму му Николај со Феодосија. Подоцна, Одинцова заминува во Москва, каде се мажи; Павле, исто така, заминува во Москва и подоцна се жени; Акрадиј постепено го унапредува семејниот имот и живее среќен семеен живот; по некое време, Павле се сели во Дрезден; а родителите на Базаров редовно го посетуваат гробот на мртвиот син.[5]
Осврт кон делото
уредиВеднаш по објавувањето, романот „Татковци и деца“ предизвикал големо внимание во руската книжевна критика. Во таа смисла, во своите белешки „По повод Татковци и деца“ (1868-1869), Тургенев напишал: Го забележував студенилото кое преминуваше во негодување кај многу луѓе кои мене ми беа блиски и симпатични; ми приоаѓаа со честитки, речиси со бакнежи, луѓе од спротивниот табор, непријатели... Додека едни ме обвинуваа за навреда на младото поколение, за заостанатост, помраченост, ми соопштуваа дека со презрива насмевка ги палат моите фотографии, други со негодување ме прекоруваа за додворување пред истото тоа младо поколение...“ Таквиот противречен прием на романот делумно произлегол од фактот што тој бил објавен во првата година по укинувањето на кметството во Русија, така што револуционерните демократи барале поидеален Базаров, реакционерните кругови негодувале поради неговата силна личност, додека либералните кругови застанале на страната на браќата Кирсанови.[6]
Без сомнение, Тургенев му дал на ликот на Базаров исклучителна индивидуална сила, современо образование, голема работна способност и морална цврстина. На тој начин, авторот сакал да го истакне надмоќот на овој општествен тип над својата околина. Тој е само негација, но голема и вистинита негација на непотребното општество на непотребните луѓе. Меѓутоа, истовремено, Тургенев не му дозволил на својот лик да биде сакан, односно Базаров го почитуваат, го ценат, од него се плашат, но не го сакаат. На пример, воодушевувањето на Аркадиј Кирсанов брзо исчезнува откако ќе ја запознае Катарина. Уште повеќе, иако Базаров се одликува со јасен антиаристократски став, ниту селаните не чувствуваат ништо за него. Дури и Одинцова, која веднаш покажува интерес за Базаров, подоцна се повлекува. Во своите „Зимски белешки за летните впечатоци“, Достоевски го нарекува Базаров „немирен и полн со копнеж (знак на големо срце), без оглед на целиот негов нихилизам.“ Самиот Тургенев во белешките со наслов „По повод Татковци и деца“ (1868-1869) напишал дека во Базаров го видел „оној, штотуку никнат, сè уште неодреден принцип, кој подоцна го добил името нихилизам.“ Во овие белешки, тој ги отрфлува обвинувањата дека застанал на страната на татковците, наведувајќи дека во ликот на Павле Кирсанов дури погрешил против уметничката вистина и претерал, доведувајќи ги до карикатура неговите недостатоци, правејќи го смешен. Иако Тургенев е познат по нежните и големите женски ликови кои се присутни во неговите дела, нив ги нема во „Татковци и деца“: Одинцова е само богата госпоѓа со развиена потреба за удобност и за хумор; наивната Феодосија му е само бескрајно благодарна на својот добротвор, Николај Кирсанов; а Катарина, иако е скромна и симпатична, сепак својата среќа ја наоѓа во бракот. Ниту една од нив не може да се спореди со останатите големи женски ликови во делата на Тургенев: Наталија, Лиза и Елена.[7]
Наводи
уреди- ↑ Душа Перовић, „И. С. Тургењев: Оцеви и деца“, во: И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 246.
- ↑ И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 7-53.
- ↑ И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 53-132.
- ↑ И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 132-195.
- ↑ И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 195-239.
- ↑ Душа Перовић, „И. С. Тургењев: Оцеви и деца“, во: И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 246.
- ↑ Душа Перовић, „И. С. Тургењев: Оцеви и деца“, во: И. С. Тургењев, Оцеви и деца. Београд: Просвета, 1961, стр. 246-249.