Тажната Јасмина (филм)
„Тажната Јасмина“ (англиски: Blue Jasmine) е американски игран филм од 2013 година, во режија на Вуди Ален (Woody Allen), кој исто така е автор и на сценариото. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Кејт Бланшет, Алек Болдвин, Петер Сарсгард, Сали Хокинс итн.[1] Филмот добил 52 награди (меѓу кои и „Оскар“, „Златен глобус“ и „БАФТА“ за Бланшет) и имал уште 74 номинации.[2] [3]
Содржина
уредиВо филмот се прикажува судбината на Јасмина (ја игра Бланшет), која живее во брак со богатиот Хал (го игра Болдвин) во Њујорк. Набргу, нејзиниот живот се распаѓа кога Хал е уапсен поради финансиски малверзации. Всушност, токму таа го пријавува сопругот во полицијата откако ќе открие дека тој постојано ја изневерувал со други жени. По апсењето, Хал извршува самоубиство, а нивниот син го напушта универзитетот и започнува самостоен живот. Овие настани предизвикуваат големи психички проблеми кај Јасмина и таа се преселува во Сан Франциско, каде живее во станот на својата сиромашна сестра Џинџер (ја глуми Хокинс), која е разведена, но има симпатичен вереник. Претходно, Џинџер и нејзиниот сопруг добиваат голема сума пари на лотарија кои му ги даваат на Хал за да ги инвестира, но нивната инвестиција пропаѓа. Џинџер се однесува добро кон Јасмина и се труди да ѝ го олесни животот, но нејзиниот вереник е непријателски настроен кон Јасмина, обвинувајќи ја дека е себична. По првичниот шок, Јасмина почнува да работи во една стоматолошка ординација, а истовремено посетува курс за компјутери, посакувајќи да стане дизајнер. По нападното додворување на заболекарот, таа ја напушта работата. Сепак, на една забава, Јасмина запознава еден богат дипломат и тие планираат да се венчаат. Притоа, таа лаже за своето минато, со цел да не си ја упропасти иднината. Меѓутоа, еден ден, Јасмина го среќава поранешниот маж на Џинџер кој му кажува на нејзиното момче за нејзиното минато. Истовремено, таа дознава каде живее нејзиниот син, но кога го посетува, тој изјавува дека не сака да ја види. Така, Јасмина повторно доживува бродолом и седнува на една клупа, зборувајќи си самата со себе. Во меѓувреме, на истата забава, Џинџер запознава еден маж со кого стапува во врска. Нејзиниот вереник е бесен, а подоцна запаѓа во очај и ја моли да му се врати. Мислејќи дека конечно нашла добар маж, Џинџер доживува разочарување, откривајќи дека тој е веќе оженет. Така, таа повторно му се враќа на својот вереник.[4]