Старите мајстори. Комедија

„Старите мајстори. Комедија“ (германски: Alte Meister. Kömedie) — роман на австрискиот писател Томас Бернхард од 1985 година.

Содржина уреди

Една сабота, Ацбахер оди во Музејот на уметноста во Виена, на закажаната средба со Регер, но намерно оди порано од договореното време со цел скришум да го набљудува својот пријател додека тој е задлабочен во една слика на Тинторето. Регер, кој веќе 35 години редовно го посетува музејот, се спријателил со чуварот Ирзиглер – човек кој сонувал да стане полицаец, но откако бил одбиен, ја прифатил чуварската служба од која е целосно задоволен. Регер пишува музички критики за весникот Тајмс, но не е признат во Австрија. Тој го посетува музејот секој втор ден, и тоа само претпладне, зашто секое попладне го минува во хотелот „Амбасадор“, но тој ден за првпат го посетува музејот во сабота откако претходно му закажал средба на Ацбахер. Регер е голем љубител на уметноста, особено на музиката, но има остар, критички однос кон големите сликари, писатели и филозофи, а особено е непријателски настроен кон историчарите на уметноста. Тој потекнува од богато семејство, а детството го минал без родителска љубов. Во соработка со чуварот Ирзиглер, единствено Регер има право да седи на клупата пред сликата на Тинторето која се наоѓа во салата Бордоне, зашто само така тој може да размислува. Во текот на повеќе децении, тоа правило било нарушено само во една прилика, кога при својата редовна посета на музејот Регер затекнал еден Англичанец како седи на истата клупа, набљудувајќи ја сликата чија копија се наоѓала во неговата куќа. За време на Втората светска војна, Регер живеел во Лондон, но по смртта на родителите се вратил во Виена. Токму на клупата во салата Бордоне, Регер ја запознал својата идна сопруга, богата и интелигентна жена, а бракот со неа му го спасил животот по годините минати во очај. Потоа, тој ја запознал сопругата со уметноста и под неговото влијание, и таа започнала редовно да го посетува музејот. По нејзината неодамнешна смрт, Регер западнал во очај и неколку месеци воопшто не го напуштал својот дом и целосно пропаднал физички и духовно, плачејќи со денови зашто многу ја сакал. Од очајот го спасил Шопенхауер чии дела му дале сила да го продолжи животот. Во 12:30, точно во договореното време, Ацбахер се појавува во салата Бордоне за да се сретне со Регер. Инаку, Ацбахер е филозоф кој со децении работи на своето единствено дело од кое никогаш не објавил ништо. Регер и Ацбахер излегуваат надвор од музејот и тогаш Регер му ја кажува причината за закажаната средба: тој купил две влезници за една театарска претстава и вечерта тие одат заедно во театарот.[1]

Осврт кон делото уреди

„Старите мајстори“ е претпоследниот роман на Бернхард кој настанал по смртта на Хедвиг, жената со која живеел повеќе од 35 години. По тој повод, во една прилика, Бернхард изјавил: „Беше поврзана со мене во сè, од неа научив сè... Со нејзината смрт исчезна сè. Тогаш си потполно сам... Секој месец си сè поблизу до лудилото, затоа што си изгубен... Неодамна сонував дека таа с еврати. Ужасно беше сето ова време додека беше отсутна, ѝ реков...“[2]

Наводи уреди

  1. Tomas Bernhard, Stari majstori. Komedija. Beograd: LOM, 2019.
  2. Tomas Bernhard, Stari majstori. Komedija. Beograd: LOM, 2019.