Средна (планина)
Средна — мала средновисока планина во источна Македонија, меѓу долините на реките Брегалница и Желевица. Највисок врв е Бејаз Тепе со наморска височина од 1.348 м.
Средна | |
---|---|
Највисока точка | |
Надм. вис. | 1.348 м |
Матичен врв | Бејаз Тепе |
Координати | 41°50′47″N 22°49′5″E / 41.84639° СГШ; 22.81806° ИГД |
Величина | |
Површина | 68,6 км2 |
Географија | |
Место | Македонија |
Област | Пијанец, Источна Македонија |
Местоположба
уредиПланината Средна се наоѓа на југ од Делчево и северозапад од Пехчево. На запад е оградена од долината на Брегалница каде се наоѓа селото Разловци, на исток е оградена од долината на реката Желевица и селото Нов Истевник каде се наоѓа регионалниот пат кон Пехчево и Берово, додека на север се отвора котлината Пијанец каде е сместено селото Тработивиште, а на југ се отвора Малешевската Котлина каде е сместено селото Робово. Лежи неколку километри западно од границата со Пиринска Македонија (денес во Бугарија). Зафаќа површина од 68,6 км2,[1] од која поголемиот дел административно припаѓа на Општина Делчево, а помалиот на Општина Пехчево.
Има многу слабо определен срт на протегање во правец север - југозапад со многу разгранувања и долови кон исток и запад. Врвовите се благи и зарамнети без голема издаденост и определеност, обраснати со шума до самите сртови. Покрај највисокиот врв Бејаз Тепе, на планината Средна има уште неколку врвови повисоки од 1000 метри: Робоски Бричак (1311 м.н.в.), Стредна (1298 м.н.в.), Било (1296 м.н.в.), Грбавец (1259 м.н.в.), Калуѓер (1239 м.н.в.), Баждарова Чука (1228 м.н.в.).
Геолошки одлики
уредиПланината е мал хорст, одвоен со раседи од Беровската и Делчевска Котлина, како и и долините на реките Брегалница и Желевица. По геолошки состав, Средна е сочинета од метаморфни дијабази и габра, гранитоидни карпи и доста трошни наслаги од плиоценот и квартарот.
Растителност и образби
уредиПокриена е со шумска и тревна растителност, наместа со пошумени појаси. Во особено значителен обем е застапена природната борова шума по падините и целото планинско било. Во помала мерка на западните падини се застапени и листопадните шуми од даб. Јужните и по источните делови на планината се одликуваат со силна разјаденост. На североисточната страна, кај селото Нов Истевник процесот создал забележителни земјени пирамиди, наречени „Кукуље“. Во овој предел на должина од околу 200 м (во правец сси-јјз) и широчина од 30–50 м, во подножје на поголем природен мел, се изградени 50-тина земјани пирамиди со височина до 15 м[2]. Најистурените и најстари пирамиди, што се наоѓаат поблиску до долинското дно на Истевнички Поток, веќе се сосема оформени[2]. Над нив се помлади пирамиди, сè уште поврзани со седиментни гребени со кои заедно градат сложени форми што наликуваат на замоци и куполи[2]. Уште повисоко, долинската страна е испресечена со повеќе паралелни, длабоки ерозивни долчиња, раздвоени со гребени од неогени песоци и глини[2]. Овие гребени, со ерозија и плакнење од атмосферски врнежи, постепено се истенчуваат, прекинуваат и добиваат изглед на земјани пирамиди[2]. Така, процесот се поместува нагоре по падините, што значи создавањето на пирамидите е активно и во денешно време[2].
Геоморфолошките вредности на планината Средна вклучуваар: флувиоденудациски релјеф (бројни кратки речни долини, земјени пирамиди „Кукуље“, долови, долчиња, мелови, остенци и др.).
Галерија
уреди-
Поглед кон Бејаз Тепе на Средна
-
Бејаз Тепе на средишниот дел на планинското било
-
Глетка од Средна
-
Непосредно на источната падина на Бејаз Тепе
-
Глетка од падините на Средна
-
Северниот дел на планинското било на Средна
-
Гребенот Димов Рид на западниот дел на планинското било
Наводи
уреди- ↑ Група автори (2016). „Бејаз Тепе“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 118. ISBN 978-9989-110-90-0.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Милевски, Ивица (27 ноември 2011). „Кукуљето – втора Куклица во Република Македонија“. ИГЕО Портал. Посетено на 15 ноември 2018.