Сплинот на Париз (Le Spleen de Paris/Petits Poémes en Prose) - збирка песни во проза на францускиот поет Шарл Бодлер.

Содржина

уреди

Збирката содржи 50 песни во проза и еден поетски епилог:[1]

  • Странец
  • Двојноста на старицата
  • Конфитеорот на уметникот
  • Шегаџија
  • Соба на двојноста
  • Секој има своја химера
  • Дворскиот шут и Венера
  • Кучето и шишенцето со мирисна вода
  • Лошиот стаклар
  • Во еден часот наутро
  • Дивјачката и кокетата
  • Толпа
  • Вдовици
  • Стариот забавувач
  • Колач
  • Часовник
  • Полутопката во твојата коса
  • Повик на пат
  • Играчката на сиромавиот
  • Самовилски дарови
  • Искушенија, или љубов, злато и слава
  • Самрак
  • Самотија
  • Намери
  • Убавата Доротеја
  • Очите на сиромавиот
  • Херојска смрт
  • Фалсификувани пари
  • Великодушниот игра
  • Јаже
  • Склоности
  • Тирз
  • Пијанете се
  • Веќе!
  • Прозорци
  • Копнеж за сликање
  • Добродетелствата на Луната
  • Која е вистинската?
  • Коњче од благородна раса
  • Огледало
  • Пристаниште
  • Портрети на љубовниците
  • Послушен стрелец
  • Супа и облаци
  • Стрелиште и гробишта
  • Изгубениот ореол
  • Госпоѓицата Бистур
  • Каде и да било вон светот
  • Да ги претепаме сиромашните
  • Добрите кучиња

Историјат на збирката

уреди

Првиот вистински творец на поезијата во проза е францускиот автор Алојсиус Бертран (Aloysius Bertrand), кој овој нов жанр го создал во делото „Gaspard de la Nuit“, објавено во 1842 година.[2] Бодлер бил восхитен од баладите на Бертран и, како што самиот напишал во предговорот на „Сплинот на Париз“, тие му дале непосреден поттик да пишува песни во проза. Своите песни во проза, или „poèmes nocturnes“ како што понекогаш ги нарекувал, Бодлер започнал да ги објавува уште во 1855 година, по разни списанија и весници, а предговорот на „Сплинот на Париз“ бил објавен пред објавувањето на книгата, т.е. тој бил отпечатен во 1862 година во весникот „La Presse“. Од април до септември истата година во весникот биле објавени дваесеттина песни од „Сплинот на Париз“. Меѓутоа, откако веќе била завршена збирката, ниту еден француски издавач не сакал да ја објави и таа излегла од печат дури во 1869 година, т.е. две години по смртта на Бодлер, во четвртата книга на неговите „Целокупни дела“, и тоа под насловот „Мали песни во проза“. Инаку, познато е дека и самиот Бодлер долго се колебал околу насловот на книгата, разгледувајќи неколку наслови, но подоцна било утврдено дека тој конечно се одлучил за насловот „Сплинот на Париз“, така што грешката на издавачите на збирката подоцна била исправена и сите натамошни изданија го носат насловот „Сплинот на Париз“.[3]

Врз основа на бројни писма, забелешки и усни изјави утврдено е дека самиот Бодлер многу ги ценел своите песни во проза. Збирката „Сплинот на Париз“ може да се смета за продолжение на „Цвеќињата на злото“, за што сведочи Бодлер во писмото до Жил Труба во кое вели: „Всушност, тоа е пак Цвеќето на злото, но со многу повеќе слобода, многу повеќе поединости и исмејување“. И навистина, повеќе песни од „Сплинот на Париз“ се тематски и лексички речиси исти како некои песни од „Цвеќињата на злото“, како: „Самрак“, „Повик на пат“, додека во бројни други песни има делумно совпаѓање. Сепак, постојат значајни разлики меѓу овие две збирки: покрај сета музикалност и совршена флуидност, во „Сплинот“ се среќаваат и дисонантни акценти во оркестрацијата на чувствата. Исто така, „Сплинот“ е многу посмирен, во него има многу повеќе забележување, самокритика, егзактно набљудување, сатира и горчлив сарказам, но и најфино сонување и непосредно предавање на копнежот.[4]

Бодлер работел на „Сплинот на Париз“ од 1855 година до смртта, полека и стрпливо дотерувајќи ги песните. На пример, во едно друго писмо на Труба, тој му се жали на следниов начин: „О, колку лутина и работа ми предизвика тој Сплин, па сепак сум незадоволен од некои делови!“.[5]

Наводи

уреди
  1. Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952.
  2. Vladislav Kušan, „O pjesmi u prozi i Baudelaireovu djelu Spleen Pariza“, во: Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 165-167.
  3. Vladislav Kušan, „O pjesmi u prozi i Baudelaireovu djelu Spleen Pariza“, во: Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 170-171.
  4. Vladislav Kušan, „O pjesmi u prozi i Baudelaireovu djelu Spleen Pariza“, во: Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 171-173.
  5. Vladislav Kušan, „O pjesmi u prozi i Baudelaireovu djelu Spleen Pariza“, во: Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 172.