Смртта на Мара — позната слика масло на платно од класицистичкиот сликар Жак-Луј Давид од 1793 година. Сликата е заснована на вистински настан од 13 јули 1793 година кога Шарлот Корде, член на конзервативната Жирондинска партија, го избодела еден од водачите на револуционерната јакобинска екстремна партија, Жан-Пол Мара, во бањата.

Смртта на Мара
француски: La Mort de Marat
Творец Жак-Луј Давид
Година 1793
Димензии 162 см × 128 см
Место Кралски музеи за ликовни уметности на Белгија

Историја

уреди

Сликата ја нарачала француската влада на јакобинската диктатура, а Давид го искористил неокласичниот стил во служба на современите политички настани. Имено, Давид, како и убиениот Мара, припаѓал на јакобинската партија и учествувал во работата на Националниот совет кој гласал да се гилотинира на кралот Луј XVI. Подоцна, за време на диктатурата на Робеспјер, двапати бил затворен, но Наполеон му ги вратил сите привилегии, му ја доделил титулата барон и го назначил за дворски сликар. По прогонството на Наполеон, Давид ја напуштил Франција и умрел во Брисел во 1825 година каде што ја завршил сликата „Смртта на Мара“.

Особини

уреди

Сликата е вертикална, но облиците се сместени во квадратниот дел од долниот дел од сликата, додека горниот е „речиси“ празен, исполнет само со благ тонски премин кој навестува извор на светлина од десната страна. За разлика од повеќето неокласични дела, сликата не прикажува класична тема, туку неодамнешен настан. При прикажувањето на Мара како жртва, Давид се потпира на иконолошкиот приказ на страдањата Христови, додека влијанието на Караваџо се чувствува во темната позадина од која фигурата излегува на светлина. Така, Давид сакал на својата слика со обликување на формата да прикаже интелектуално и политички, буквално, „просветлена“ личност.

На сликата, Мара е идеализиран во духот на неокласицизмот, додека во реалноста телото му било со лузни од кожна болест, поради што морал секој ден да се капи во топла вода. Во исто време, Давид реално ја истакнал убодната рана и водата обоена со крв што го натопила прекривачот. Мара има поставено подлога за пишување над кадата, а во раката го држи писмото на убиецот на кое пишува: „Il sufit que je sois bien malheureuse pour avoir droit à votre bienveillance“, што значи: „Морам само да бидам несреќна за да ја заслужам вашата наклоност“ .

Мара бил жртва на лукава жена и Давид го насликал писмото видливо за да ја направи нејзината измама политичка пропаганда. Ножот што убиецот го фрлил на подот покрај кадата е иронично во контраст со перото кое сè уште е во безживотната рака на Мара. На инструментот насилство и смрт се спротивставува симболот на цивилизацијата, кој во овој случај е симбол на револуционерен политички збор. Во насмевката на Мара се чувствува потсмевот на човек што умира и трагичната иронија на настанот. Можеби фактот што Мара бил убиен од член на поконзервативна партија, обично не склона кон насилство и тероризам, го поттикнал Давид да му даде таков израз на лицето.

На масата каде што се наоѓа неговиот прибор за пишување, Давид напишал и потпишал лична и политичка порака во исто време: „À Marat, David“ (На Мара од Давид), а под неа ставил датум „L'an Deaux“ (втора година), односно во втората година од календарот на Француската револуција.

Наводи

уреди