Смешни љубови
Смешни љубови (чешки: Směšné lásky) - збирка раскази на чешкиот писател Милан Кундера. Расказите се напишани во периодот од 1960 до 1968 година, а збирката е објавена во Прага во 1969 година. Меѓутоа, поправената, дефинитивна верзија била објавена во 1970 година, на француски јазик, и според таа верзија подоцна биле објавени преводите на другите јазици.[1]
Содржина
уредиКнигата се состои од седум раскази:[2]
- „Никој нема да се смее“: Еден асистент-доктор предава историја на уметноста на универзитетот. Тој живее во еден стан со својата девојка Клара со која го прославува објавувањето на неговата статија во едно ликовно списание. Тој добива писмо од непознат човек со презиме Затурецки, кој го моли да напише позитивна рецензија за неговата статија. Бидејќи статијата е лоша, асистентот е решен дека нема да ја напише рецензијата, но нема храброст да го одбие Затурецки и поради тоа постојано ја одложува работата. Меѓутоа, Затурецки е упорен и постојано му додева, поради што асистентот почнува да се крие од него. Откако Заурецки ќе го побара во станот, асистентот на шега го обвинува дека се обидел да ја заведе Клара, мислејќи дека така ќе се ослободи од него. Но, токму тогаш почнуваат неговите непријатности, зашто во целата работа се вмешува сопругата на Затурецки, која заедно со сопругот ја бараат Клара за да побараат од неа извинување за навредата. Како последица на тоа, угледот на асистентот на универзитетот уште повеќе се влошува, а тој е јавно осуден на состанокот на уличниот одбор. Најпосле, тој се среќава со госпоѓата Затурецка на која ѝ кажува дека нејзиниот сопруг напишал лоша статија за која нема да напише позитивна рецензија. Меѓутоа, поради претрпените непријатности, Клара му соопштува дека го напушта.[3]
- „Златното јаболко на вечната желба“: Главниот јунак и неговиот другар Мартин запознаваат убава болничарка која живее во друг град со која договараат средба за следната сабота. Меѓутоа, Мартин е оженет и поради тоа треба да се вратат дома порано. Тие заминуваат во градот Б., каде со девојката договараат средба за вечерта. Во меѓувреме, тие запознаваат друга девојка со која, исто така, закажуваат состанок, а потоа во паркот среќаваат млада девојка на која ѝ се претставуваат како режисерот Милош Форман и неговиот камерман при што закажуваат средба и со неа. Меѓутоа, наспроти нејзиното ветување, таа девојка не се појавува во закажаното време, а поради тоа ја пропуштаат средбата и со претходната девојка. Најпосле, кога доаѓаат пред болницата, тие ја чекаат болничарката некое време, а кога се појавува таа во друштво со нејзина другарка, тие го напуштаат градот.[4]
- „Лажен авто-стоп“: Млад човек оди на одмор со својата девојка и патем застанува да наполни бензин. Тогаш, девојката го напушта автомобилот и оди пеш по патот, а потоа почнува да стопира. Момчето застанува и таа се качува во автомобилот при што двајцата почнуваат да глумат дека не се познаваат. На почетокот, двајцата уживаат во играта, но подоцна, момчето почнува да се сомнева дека неговата девојка не глуми, туку дека навистина е неморална. Двајцата одат во еден хотел, изнајмуваат соба и тој ја принудува девојката да се соблече и да води љубов како проститутка. За време на играта, девојката за првпат почнува да се чувствува слободна, а момчето е гневно на неа и почнува да ја мрази. На тој начин се губи границата меѓу играта и реалноста.[5]
- „Symposion“: Во собата за дежурства на една болница се собрани д-р Хавел, сестрата Алжбета, примариусот, една докторка и младиот стажист Флајшман. Алжбета упорно му се нуди на д-р Хавел, но тој ја одбива, докторката му е љубовница на примариусот, Флајшман е тајно вљубен во докторката, а примариусот го убедува дека Алжбета го сака него. Кога докторката ќе го отвори прозорецот, Флајшман помислува дека му дава знак за состанок и излегува надвор, но таа останува во собата за дежурства. Во собата, под дејство на виното, Алжбета симулира стриптиз, а д-р Хавел ѝ дава прашок за спиење и таа си заминува. Флајшман повторно помислува дека докторката му дава знак за средба и излегува надвор, но ја наоѓа Алжбета како лежи гола и без свест, како последица на труењето со гас. Тој веднаш ги повикува лекарите, кои ја носат во интерното одделение, каде успеваат да ја вратат во живот. По немилиот настан, д-р Хавел и примариусот мислат дека Алжбета се обидела да изврши самоубиство, а докторката смета дека станува збор за несреќен случај. Флајшман си оди дома со грижа на совеста, мислејќи дека Алжебта сакала да умре порадни неговата невозвратена љубов и затоа ја посетува во болницата. Во меѓувреме, докторката се враќа во болницата и води љубов со д-р Хавел. Утредента, четворицата лекари повторно дискутираат дали се работи за несреќен случај или обид за самоубиство, а Флајшман повторно мисли дека докторката му дава таен знак за љубовен состанок.[6]
- „Старите мртви нека им отстапат место на младите мртви“: Во еден мал град, млад човек ненадејно ја среќава жената која не ја видел веќе 15 години, а во која бил вљубен во минатото. Таа го посетила градот накратко за да ги среди административните процедури околу гробот на нејзиниот сопруг, но од управата на гробиштата дознала дека, поради неплатените сметки, во неговиот гроб ставиле друг мртовец. Жената е загрижена како ќе му ја соопшти веста на својот син кон кого е многу приврзана. Сепак, таа ја прифаќа поканата и оди во станот на младиот човек каде двајцата се сеќаваат на нивната заедничка историја. Притоа, тој се сеќава дека дента имал полов однос со неа никако не можел да си го претстави нејзиниот лик и нејзиното тело. Оттука, тој посакува пак да води љубов со неа, но таа го одбива, знаејќи дека е стара и дека ќе го разочара. Сепак, на крајот, таа сфаќа дека треба да се живее секој миг од животот и се согласува да водат љубов.[7]
- „Докторот Хавел по десет години“: Докторот Хавел е веќе остарен и страда од болки во жолчката поради што мора да оди на бања. Тој е оженет со позната глумица, која е многу помлада од него, многу го сака, но е љубоморна, знаејќи ги неговите бројни поранешни љубовни авантури. Во бањата, д-р Хавел сфаќа дека е веќе стар и дека не е привлечен за жените. Таму, тој се запознава со младиот уредник на бањскиот весник. Откако ќе дознае за славното љубовно минато на докторот, уредникот го замолува да ја оцени девојката која ја сака. По заедничката средба, д-р Хавел му го кажува на уредникот своето неповолно мислење за девојката и му ја препорачува докторката Франтишка. Во меѓувреме, во бањата пристигнува сопругата на д-р Хавел и оттогаш жените почнуваат да покажуваат интерес за него. Така, тој има сексуален однос со масерката, а потоа закажува средба и со уште една привлечна жена, а уредникот успева да ја освои докторката Франтишка.[8]
- „Едвард и Бог“: Наговорен од својот постар брат, Едвард ѝ се обраќа на строгата директорка на училиштето (која во минатото била причина поради која неговиот брат бил избркан од студиите) со молба да вработување. Така, тој станува учител во еден мал провинциски град. Тој се запознава со девојката Алиса која е многу побожна и упорно ги одбива неговите настојувања за телесни задоволства. Во обид да ја освои, Едвард се преправа дека е побожен, но поради тоа се соочува со непријатности на работното место. На сослушувањето, тој лаже дека е побожен и директорката Чохачкова си зема обврска да го превоспита. При една средба во нејзиниот стан, Едвард лаже дека чувствува симпатија кон неа, а неколку дена подоцна, директорката повторно го повикува во својот стан и отворено му се додворува. Едвард се принудува себеси да води љубов со Чохачкова при што ја тера да клекне и да се моли. Истовремено, Алиса дознава за неговите непријатности во училиштето и му се восхитува на храброста. Како последица на тоа, нејзиното однесување кон него се менува целосно и таа најпосле се согласува да отпатува во селото во кое живее брат му. Таму, Алиса и Едвард водат љубов, но токму тогаш, тој се разочарува од нејзината недоследност и ја напушта. Подоцна, Едвард постепено почнува да освојува разни жени, но повремено одржува сексуални односи и со Чохачкова. Еден ден, тој ја посетува црквата и внатре конечно му се причинува дека го гледа Бога.[9]
Наводи
уреди- ↑ „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 6.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 7-38.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 39-57.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 58-76.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 77-111.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 112-130.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 131-160.
- ↑ Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 161-192.