Слепченски апостол

Слепченски апостол — полн изборен апостол кој датира од 12 век, претставува најстар препис на словенскиот превод на Апостолот директно од перото на светите браќа Кирил и Методиј. Се состои од 154 листа на пергамент со македонска редакција. Пишуван е со мастило и киновар со уставно кирилско писмо. Иницијалите се од зооморфен тип. Некои од листовите се палимпсест, словенскиот текст е пишуван врз грчки. Текстот на Слепченскиот апостол го пишувале двајца писци, едниот пишувал ситно и право, другиот крупно и косо. Потекнува од Охридската книжевна школа и првобитно му припаѓал на Слепченскиот манастир Демирхисарско, односно, создаден е од слепченските монаси во манастирскиот скрипториум. Денес неговиот најголем дел се чува во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, сигн. F.n. I. 101 (130 листа), и во Пловдивскиот музеј, а негови помали делови 1 до 6 листа во Москва и Киев.[1] Од неодамна негова целосна дигитална копија пооседува и библиотеката на Слепченскиот манастир.

Лист од Слепченскиот апостол

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1378. ISBN 978-608-203-024-1.