Се викам Џо (англиски: My Name is Joe) e британски филм од 1998 година, во режија на Кен Лоуч (Ken Loach), а според сценариото на Пол Лаверти (Paul Laverty). Главните улоги ги толкуваат: Питер Мјулан (Peter Mullan), Луис Гудал (Louise Goodall), Дејвид Мекеј (David Mckay) и Ан-Мари Кенеди(Anne-Marie Kennedy). Филмот трае 101 минута и снимен е во колор техника. Во 1998 година, Питер Мјулан ја освоил наградата на Канскиот фестивал, во категоријата „најдобар глумец“, а филмот освоил вкупно 13 награди и имал уште 10 номинации.[1]

Содржина

уреди

Џо Каванах (го игра Мјулан) е поранешен алкохоличар и корисник на социјална помош, кој живее сам во еден сиромашен кварт на Глазгов. Тој е тренер на аматерска фудбалска екипа, која се поистоветува со германската фудбалска репрезентација од 1970-тите години. Џо е другарски настроен кон сите членови на екипата, а особено му помага на Лијам (го игра Мекеј), поранешен нарко-зависник и продавач на дрога, која лежел в затвор, а сега живее со својата жена Сабине (ја игра Кенеди), зависничка од хероин, и малолетниот син Скот.

Еднаш, Џо ја запознава медицинската сестра Сара Дауни (ја игра Гудал) и се понудува да ѝ го вароса станот. Додека работи, него го фотографира социјалниот работник, заканувајќи му се дека ќе ја изгуби социјалната помош, бидејќи работи на црно, но го спасува Сара. Поради тоа, Џо ја поканува на куглање, а потоа, таа преспива во неговиот стан и така започнува нивната љубовна врска. Меѓутоа, проблемите доаѓаат кога локалниот мафијаш Мек Гован го киднапира Лијам поради големиот долг на неговата жена, Сабине. За да му помогне на Лијам, Џо се сложува да превезе две пратки со дрога, но откако ја завршува првата задача, за тоа дознава Сара, која ја раскинува врската, иако истовремено дознава дека е бремена.

Сакајќи да ја спаси врската со Сара, Џо оди кај Мек Гован и се откажува од натамошната работа, ги тепа него и неговите гангстери, а потоа оди во својот стан и се опива. Во меѓувреме, бегајќи од одмзадата на мафијашите, кај него доаѓа Лијам. Гледајќи дека луѓето на Мек Гован ќе влезат во станот на Џо, Лијам скока од прозорецот и се обесува со метално јаже. На закопот на Лијам повторно се среќаваат Џо и Сара.[2]

Наводи

уреди
  1. IMDB, My Name is Joe (1998) (пристапено на 30.9.2014)
  2. Антена, број 841, 8.8.2014, стр. 26.