„Роман за Лондон“ (српски: Роман о Лондону) — роман на српскиот писател Милош Црњански од 1971 година. За него, Црњански ја добил НИН-овата награда за најдобар роман на годината.

Структура

уреди

Романот се состои од две книги. Првата книга се состои од 28 глави:[1]

  • Прва глава на романот
  • На ридот ветерница
  • Многу врева за ништо
  • Беа живи закопани
  • Чамецот во Версај
  • Му велат: догледање, на своето куче
  • Чудниј метаморфоз
  • За оџачарот
  • Писмо од војвотката
  • Мелибоун
  • Вечерна шапка на главата
  • Ему, австралиска птица
  • Женска нога од кристал
  • Пролетта пристигна во Лондон
  • Ручек во Лондон
  • Сексот е коренот на сè
  • Белиот Еским
  • Долг ред на чевлите на покојникот
  • Летувањето на чевларот
  • Мустафа
  • Океанот и капачите
  • Хотелот кој се викаше „Крим“
  • The Listener — оној што прислушкува
  • Triste Tristan
  • Превртената Изолда
  • Госпоѓата Петерс Петрјаев
  • Сорокин во ѕидот
  • Преместениот Рус

Содржина

уреди

Книга прва

уреди

Рускиот кнез Николај Родионович Рјепнин и неговата сопруга Надежда (Надја) живеат во Мил Хил, предградие на Лондон. Тие се руски бегалци — Николај е поранешен офицер, а Надја е ќерка на поранешен генерал, а во градот пристигнале пред неколку години, откако претходно долго време се селеле од едно до друго место во повеќе земји. Во тек е студена и долга зима по Втората светска војна, а брачниот пар Рјепнин живее сиромашно и осамено. Надја изработува кукли и секојденвно патува во Лондон обидувајќи се да ги продаде, најчесто без успех. Николај никако не може да најде работа, а немаат помош од никого, така што често гладуваат, очајни и заборавени од сите. Нивниот очај се зголемува кога нивниот станодавател бара да се иселат, бидејќи повеќе не можат да ја плаќаат закупнината на куќата. Николај не гледа никаков спас, па ја наговара Надја да се пресели кај тетка ѝ во САД, а тој размислува за самоубиство. Сепак, Надја ги продава своите свечени фустани и така заработува доволно пари за живот. Набргу, Николај се вработува како благајник во продавница за чевли, но и понатаму останува потиштен и разочаран од животот во Лондон. Со помош на еден полски пријател, тој ги посетува приватните клубови, со надеж дека така ќе дојде до подобра работа, меѓутоа не може да се приспособи во тој свет што го чувствува за туѓ. Летото се случува единствената промена во неговиот живот, кога добива платен годишен одмор и заминува на море. Таму, тој престојува во хотелот „Крим“ каде се запознава и со неколку Руси. Притоа, неколку жени од гостите во хотелот му се додворуваат, меѓу кои и младата поранешна балерина Олга, која е омажена за богат старец. За време на еден излет крај морскиот брег, еден од Русите потонува во водата, но сепак успеваат да го спасат. Иако несреќата е избегната, гостите во хотелот веруваат дека не се работи за несреќен случај, туку за обид за самоубиство. Еден ден пред крајот на одморот, скокајќи од карпа во морето, Рјепнин ја повредува ногата, поради што неговото враќање дома се одложува за еден месец. Тогаш, нему повторно му се јавуваат мислите за самоубиство. Повреден, се враќа со воз во Лондон, каде го пречекува Надја.[2]

Книга втора

уреди

Брачниот пар Рјепнин живее повторно во Лондон, недалеку од станот во кој живеел за време на војната. За време на неговито летен одмор, Надја минала десетина дена во гинеколошка болница, но не му кажува на Николај ништо повеќе за тоа. Иако ногата сè уште му е во гипс, Рјепнин се враќа на работното место. При отстранувањето на гипсот повторно му пука Ахиловата тетива, но тој одбива да оди на операција, иако организацијата на руската емиграција му нуди да ги плати трошоците. По некое време, тој има многу остар разговор со новото раководство на емигрантската организација и потполно ги прекинува односите со организацијата. По преселбата во Лондон, познаниците од хотелот „Крим“ постојано изразуваат желба да се дружат со брачниот пар Рјепнин, но Николај упорно ги одбива сите нивни покани. Сепак, најпосле тој попушта и ја прифаќа поканата да го посети брачниот пар Парк, кого го запознал за време на летниот одмор, а таму среќава и дел од гостите во хотелот „Крим“. За време на посетата, господинот Парк му нуди помош, но Рјепнин го одбива. Во ноември, Рјепнин добива отказ на работното место и некое време се преправа пред Надја дека сè ушет оди на работа. Истовремено, на нејзино барање, по цели 26 години, тој ја бричи брадата. Надја веќе редовно добива пари од тетка ѝ, така што нивната финансиска состојба малку се поправа. По некое време, со помош на својот пријател Орднински, Рјепнин се вработува во една книжарница. Во февруари, следната година, Надја носи одлука да замине кај тетка ѝ во САД, а Рјепнин дава отказ во книжарницата. Инаку, веќе еден месец, Надја е бремена, но за тоа не му кажува на сопругот. Во мај, таа заминува со брод во САД, а откако ја испраќа, Рјепнин оди во една кино-сала, каде гледа воена парада во Москва при што чувствува гордост. По некое време, Рјепнин дознава дека неговите познаници од хотелот „Крим“, брачниот пар Крилов, се разведуваат и дека лекарот Крилов ги грабнал децата и побегнал во татковината. По налог на грофицата Панова, тој се сели во едно мало место крај Лондон, каде што работи во нејзиното ергеле на коњи. Таму живее мирен и повлечен живот, со лесна и здодевна работа, но повторно се чувствува осамен и тагува по Надја и по Русија. Почнува да се обложува на коњските трки и заработува многу пари, но целата заработка ја губи кладејќи се на главната трка. Во меѓувреме, тој добива лоши вести од Надја чија тетка западнала во финансиски проблеми, а тоа ја намалува можноста за неговото доаѓање во САД. Набргу, Рјепнин добива отказ од станот во кој живее, но ненадејно го посетува Ордински, кој му го отстапува својот стан во Лондон. По некое време, него го посетува младата Олга Парк, која му се подава, и така тие започнуваат љубовна врска. Нејзиниот стар маж повторно му нуди работа на Рјепнин, но тој ја одбива понудата. Орднински го најавува своето враќање кон средината на октомври и Рјепнин треба да го напушти станот, меѓутоа, тој е цврсто решен да изврши самоубиство, но не знае дека бремената Надја треба да се породи во октомври. Тој внимателно се подготвува за смртта и ги известува своите познаници дека ќе замине во Париз, а оттаму во Алжир, а за да делува уверливо, го испраќа својот багаж во Париз. Неколку дена пред смртта, тој оди во американскиот конзулат, каде соопштува дека нема намера да бара влез во земјата. Најпосле, една вечер, носејќи вреќа со камења, со воз патува во едно мало приморско место, каде во ноќта незабележливо зема чамец, испловува на море и пука во себе. Неговото самоубоство не го забележал никој, а неговото тело останало на морското дно.[3]

Изданија

уреди

Романот бил првично објавен во 1971 година во два тома, како издание на издавачката куќа Нолит. Во 1986 година, романот бил повторно објавен во издание на Нолит и БИГЗ, со предговор на Марко Недиќ, а во 2004 година се појавил како заедничко издание на НИН и Заводот за учебници и наставни средства. Критичкото издание на романот го приредил Светозар Кољевиќ во 2006 година, кое било објавено од Легатот на Милош Црњански. Во 2007 година, романот бил објавен во Црна Гора. Во 2012 година се појавило изданието во два тома на издавачката куќа Mascom booking,[4] а потоа во 2019 година бил објавен и од издавачката куќа Лагуна. Исто така, романот е преведен на унгарски,[5], на руски, на француски[6] и на полски јазик.[7]

Наводи

уреди
  1. Милош Црњански, Роман о Лондону 1. Београд: Mascom booking, 2012.
  2. Милош Црњански, Роман о Лондону 1. Београд: Mascom booking, 2012.
  3. Милош Црњански, Роман о Лондону 2. Београд: Mascom booking, 2012.
  4. Милош Црњански, Роман о Лондону 1. Београд: Mascom booking, 2012.
  5. Crnjanski, Miloš (1974.). London regénye. Bzdapest: Forditotta Acs Karoly. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)
  6. Tsernianski, Milos (1991.). Le roman de Londres. Lausanne. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)
  7. Crnjanski, Miloš (2003.). Powieść o Londynie. Torun. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)