Ринитис
Ринитис („воспаление на носот“; грчки израз ῥινίτις од старогрчки ῥίς [генитив ῥίνος] „нос“ и суфиксот -итис за „воспаление“) претставува акутно или хронично воспаление на носната слузница предизвикано од инфективни, алергиски или псевдоалергиски причини. Најчесто се јавува во рамките на настинка и тогаш се најчесто е познато како акутен ринитис (прелада). Ако е засегнато и грлото, тогаш станува збор за ринофарингитис, а при засегање и на евстахиевата туба се нарекува риносалпингитис.
Форми на ринитис
уредиАкутен ринитис
уредиКај акутниот ринитис – вообичаена настинка – се работи за најчесто безопасна инфекција (инфективен ринитис), предизвикан од различни вируси – особено риновируси (род на пикорнавируси) и аденовируси. Главните симптоми се течење на носот (ринореја) и назална конгестија предизвикана од отекување на слузните мембрани.
Вкупно, повеќе од 200 „вируси на настинка“ се можни причинители на вирусниот ринитис, кој се јавува како дел од „настинката“. Ова исто така вклучува вируси како што се полиовирусот и трите подтипови на инфлуенца вирусот.
До сега, сè уште не е развиена вакцина против ринитис.
Постојат назални спрејови кои краткотрајно ги чистат дишните патишта (на пример со активните состојки трамазолин и ксилометазолин), но тие имаат само симптоматски ефект - делуваат врз симптомите, но не и врз причинителот.
Носните спрејови кои ја содржат активната состојка оксиметазолин имаат директно антивирусно дејство со тоа што го спречуваат изразувањето на т.н. ICAM-1, рецептор за човечкиот риновирус, преку кој ринувирусот навлегува во клетките на носната слузница.
Ако спрејовите за нос се користат долго време (користење повеќе од една недела), често доаѓа до т.н. медицинска настинка (или привинизам), при што носната слузница е постојано отечена, доколку не се користи активната состојка на носниот спреј. За ублажување на симптомите, се користат вдишувања на солена водена пареа, како и носни спрејови со морска вода достапни во аптеките.
Периодот на инкубација (времето помеѓу инфекцијата и појавата на првите симптоми) е помеѓу неколку часа и седум дена; симптомите се:
- Кивање или чувство за кивање
- чешање
- прекумерно лачење на густ или тенок носен исцедок (течење на носот)
- отекување на носната слузница и со тоа попреченост на назалното дишење
- болка во вид на печење
Отекувањето на носната слузница и болката се јавуваат како резултат на имунолошката реакција преку формирање на различни цитокини. За чистење на носната слузница се формираатмукополисахариди.
Акутниот ринитис обично се повлекува по една недела.
Атрофичен ринитис
уредиКај атрофичниот ринитис доаѓа до губење т.е. намалување на ткивото (атрофија) на носната слузница. Вообичаеното име за ова е смрдлив нос, бидејќи атрофичната мукозна мембрана олеснува колонизација на бактерии што испуштаат непријатен, слатко-гнил мирис. Бидејќи и жлездите на слузницата атрофираат (се намалуваат), внатрешноста на носот веќе не може соодветно да се навлажнува, што доведува до сушење на слузната мембрана и на тој начин до формирање на кора (круста) од црна до жолто-зелена боја. Последиците од формирањето кора (инкрустрација) може да бидат главоболки, болки во носот, крварење од носот и гноење. Заболените често страдаат од социјална изолација поради мирисот на носот. Поради аносмија (поради атрофија на нервите за мирис) и поради тоа што нервите за мирис се навикнуваат на сопствениот мирис, пациентите самите не ја забележуваат смрдеата. Примарниот атрофичен ринитис е веројатно е наследен, а се јавува почесто кај жените и обично започнува на возраст од пубертет. Секундарниот атрофичен ринитис може да има различни причини, како што се:
- тумори на назофаринксот
- малформации на носната преграда
- злоупотреба на ксилометазолин (активна состојка во деконгестивните капки за нос)
- последица на хируршки интервенции во носната шуплина
Постојат различни пристапи за терапија за атрофичниот ринитис, но не може да се очекува комплетно излекување:
- За одржување на влажноста на носната слузница, се препорачуваат капки од масла за нос и мази за нос.
- Кората може да се отстрани механички или со плакнење на носот
- Високите дози на витамини А и Е помагаат во регенерацијата и се спротивставуваат на атрофијата
- Носната шуплина може да се стесни хируршки со имплантација на парчиња 'рскавица, што може да спречи сушење, а со тоа и формирање на кора и колонизација на бактерии кои предизвикуваат мирис. Тоа значи дека болеста често може да се ублажи за неколку години.
Алергиски ринитис
уредиХипертрофичен ринитис
уредиХипертрофичниот ринитис е зголемување на волуменот на долната и средната носна школка, на која често се развиваат задебелувања слични на полипи. Носните школки лежат блиску до носната преграда, оставајќи само тесен јаз низ кој поминува воздухот. Носот често се стеснува. Не страда само носното дишење, туку и сетилото за мирис, говорот (носен глас) и гласот при пеење. Резултатот е иритација и дразнење на устата и грлото, гркланот и бронхиите. Хипертрофичниот ринитис е многу тврдоглава и досадна состојба.
Ринитис предизвикан од лекови
уредиГлавна статија: медицински ринитис
Псевдомембранозен ринитис
уредиПсевдомембранозен ринитис е манифестација на дифтеријата која денес е ретка состојба. Предниот дел од носната слузница ( назален септум) обично е засегнат изолирано само од едната страна. Она што е карактеристично е формирањето на таканаречената лажна мембрана или псевдомембрана: ефектот на ектоксинот на бактеријата Corynebacterium diphtheriae предизвикува оштетување на носната слузница и формирање на вискозна, сиво-бела секреција со мешавина од клеточен отпад, фибрин и макрофаги (бели крвни зрнца), како и самите бактерии, Ако секретот се исуши, се прилепува толку цврсто на површината што доаѓа до крварење при обидот да се отстрани.
Ринитис сика
уредиРинитис сика се карактеризира со суви слузни мембрани и формирањето кора. Атрофијата на слузната (мукозната) мембрана, а со тоа и на нејзините серомукозни жлезди може да биде предизвикана од хронично вдишување на егзогени штетни супстанци (т.н. нокси), како што се: кокаин, или како резултат на автоимуни болести како што е Сјогренов синдром. Во оваа форма на ринитис постои контраиндикација за употреба на α-симпатомиметични капки за нос. Наместо тоа, се користат препарати за навлажнување и нега на носната слузница, како што се липозомални спрејови или мази за нос.
Вазомоторен ринитис
уредиПри ова воспаление на носната слузница, познато и како НАРЕ-синдром (од Non-Allergic Rhinitis with Eosinophilia Syndrome, скратено NARE), се нарушува регулацијата на крвните садови во носната слузница. Причината е сè уште нејасна и може да доведе до апнеја при спиењето.
Иако не постојат докажани алергиски причини, лекарите претпоставуваат дека екстремните температурни промени (на пр. загреани простории и студени надворешни температури во зима), топли пијалоци, алкохол, стрес, злоупотреба на дрога или друг психолошки стрес, како и злоупотреба на назални капки или спрејови може да доведат до вазомоторна настинка бидејќи овие фактори го зголемуваат протокот на крв во садовите на носната слузна мембрана. Ова предизвикува отекување на носната слузница и, слично на алергиска настинка, се развива водена слуз, што доведува до намалено чувство за мирис.
Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето). |