Прекуморска заедница

територијална единица на Франција што се однесува на неколку острови

Прекуморска заедница (француски: collectivité d'outre-mer или COM) — првостепена административна единица на Франција налик на регионот, но со изевсен степен на втономија. Овој статус го имаат некои поранешни колонии и други прекуморски владенија, стекнат со уставната реформа од 2003 г. Ваквата единица се разликува од прекуморските департмани и региони, кои имаат исти права како оние во Метрополска Франција.

Карта на прекуморските заедници на Франција (со сино).

Како составен дел од Франција, прекуморските заедници имаат свои претставници во Националното собрание, Сенатот и Економско-социјалниот совет. Од нив, само Свети Мартин е во Европската Унија и гласа на европските парламентарни избори. Во паричен поглед, прекуморски заедници во Тихиот Океан го употребуваат тихоокеанскиот франк (XPF), кој е курсно врзан за еврото, додека пак атлантските заедници го користат самото евро.

Денес постојат пет прекуморски заедници на Франција:

  • Француска Полинезија — тихоокеанска територија на Франција сочинета од голем број острови. Станала прекуморска заедница во 2003 г. По законот од 2004 г. се нарекува „прекуморска земја во состав на Републиката“ (pays d'outre-mer au sein de la République или POM), но правно останува со тој статус. Француска Полинезија има голем степен на автономија, со свој симболичен претседател и свое собрание.
  • Валис и Футуна — три мали острови во Тихиот Океан. Имаат виш управник и територијално собрание.
  • Свети Мартин — северната половина на истоимениот остров во архипелагот Мали Антили. Го стекнал овој статус со неговото отцепување од прекуморскиот департман Гваделуп во 2007 г. Има територијален и извршен совет. Останал дел од Европската Унија и по отцепувањето.
  • Свети Вартоломеј — остров во Малите Антили. Се отцепил од прекуморскиот департман Гваделуп во 2007 г. Има територијален и извршен совет. Со отцепувањето ја напуштил Европската Унија.
  • Свети Петар и Микелон — група острови во Атлантскиот Океан недалеку од Њуфаундленд, Канада. Има територијален совет. Претставува последен остаток од некогашното колонијално поткралство Нова Франција.

Поранешни прекуморски заедници и територии

уреди
  • Мајот бил прекуморска заедница од 1976 до 2011 г., кога станал прекуморски департман.[1]
  • Нова Каледонија од 1946 г. имала статус на прекуморска територија, но во 1999 г. добила посебен статус согласно Нумејската спогодба од претходната година. Со неа е воведено новокаледонско државјанство и постепено отстапување на надлежностите од француската држава.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Benoît Hopquin (31 March 2011). „Mayotte accède à son statut de département dans la confusion“. Le Monde. Посетено на 31 March 2011.

Надворешни врски

уреди