Прво Мексиканско Царство

мексиканската држава од 1821 до 1823 година

Мексиканско Царство (шпански: Imperio Mexicano) ― прва независна мексиканска држава која била основана како уставна монархија, и единствена поранешна колонија од Шпанското Царство која по независноста воспоставила монархиски систем на владеење. Мексиканското Царство било една од ретките независни монархии во Америка, заедно со долготрајното Бразилско Царство (1822-1889) и Првото Хаиќанско Царство (1804-1806). Обично се нарекува Прво Мексиканско Царство за да се направи дистинкција од Второто Мексиканско Царство со кое владеел царот Максимилијан (1864–1867).

Последниот шпански вицекрал во септември 1821 година го потпишал Договорот од Кордоба по што била создадена првата независна мексиканска држава. Поранешниот воен офицер Агустин де Итурбиде, кој владеел како Агустин I, бил единствениот монарх на ова царство. Итурбиде уживал голема популарност во војската и меѓу народот; Конгресот го изгласал за цар, а бил крунисан во јули 1822 година на раскошна церемонија.

Царството во текот на своето кратко постоење се соочувало со несогласувања меѓу конгресот и царот и со банкрот. Итурбиде го распуштил конгресот во октомври 1822 година, и го заменил со хунта од свои поддржувачи. Веќе во декември истата година почнал да ја губи поддршката од војската, која се побунила, покрај другото, и за обновувањето на конгресот. Откако не успеал да го потисне бунтот, царот Агустин во март 1823 година повторно го свикал конгресот и абдицирал. Власта потоа ја презела Привремената мексиканска влада која ја укинала монархијата и ја создала Мексиканската Република.

Заднина

уреди
 
Грбот на Првото Мексиканско Царство.

Во 1807 година, откако Наполеон Бонапарта ја нападнал Шпанија и по соборувањето на шпанските крал Фернандо во 1808 година, Наполеон на шпанскиот престол го поставил својот брат Жозеф. Во Нова Шпанија, свештеникот Мигел Идалго и Костиља, кој долго време бил дел од интелектуален кружок кој се залагал за реформирање на колонијалниот систем, во 1810 година ја поттикнал Мексиканската војна за независност. Војната всушност била еднодецениска војна меѓу бунтовниците кои се залагале за независност од Шпанија и ројалистите кои го поддржувале постоечкиот колонијален поредок. На чело на востанието бил Идалго, кој подоцна бил фатен и погубен. Него го наследил отец Хосе Марија Морелос, кој исто така бил заробен и погубен. Другите востаници, меѓу кои бил и Висенте Гереро, воделе герилска војна во селата на југот од Мексико. Агустин де Итурбиде бил мексикански офицер во шпанската армија, член на мексиканската елита лојална на Шпанија. Во 1820 година откако власта во Шпанија ја презеле либералите, бил вратен шпанскиот Устав од 1812 година, кој ја ограничувал моќта на Фернандо VII и ги ограничувал привилегиите на елитата и институциите; мексиканската елита увидела дека Либералната револуција во Шпанија од 1820 година ги загрозува нивните интереси. Затоа, Итурбиде побарал сојуз со мексиканските востаници. Тој го подготвил Игуалскиот план и меѓу другите ја добил и поддршката од водачот на востаниците Висенте Гереро. Заедно ја основале Армијата на трите гаранции, која во септември 1821 година на Мексико му донела независност од Шпанија .

Новооснованото движење се засновало три принципи, или „гаранции“: дека Мексико ќе биде независна уставна монархија управувана од шпански принц; дека Американците, односно сите Мексиканци без разлика на раса и оние родени во Шпанија ќе уживаат еднакви права и привилегии; и дека Римокатоличката црква ќе ги задржи своите привилегии и позиција како официјална и ексклузивна религија во земјата.[1] Според одредбите од Игуалскиот план од 24 февруари 1821 година, Мексиканскиот конгрес основал регентски совет на чие чело бил Итурбиде.

Вицекралот Хуан О'донохју ги прифатил барањата на мексиканските востаници.[2] На 24 август 1821 година, тој го потпишал Договорот од Кордоба. Мексиканскиот конгрес сакал да воспостави лична унија, при што Фернандо VII од Шпанија ќе биде и мексикански крал, но двете земји ќе бидат управувани со посебни закони и преку посебни законодавни тела. Доколку шпанскиот крал ја одбиел функцијата, планот предвидувал друг член од Бурбонската династија да застане на мексиканскиот престол.[3] Мексико пратил комесари во Шпанија за на шпански крал да му го понудат мексиканскиот престол, но Шпанија одбила да ја признае независноста на Мексико и не дозволила ниту еден друг шпански принц да го прифати престолот.

Избор на цар

уреди

Со тоа што Фернандо VII го отфрлил Договорот од Кордоба, поддржувачите на Итурбиде виделе можност на престолот да постават свој кандидат. Ноќта на 18 мај, Првиот пешадиски полк започнал демонстрации за на престолот да биде поставен Итурбиде. На демонстрантите им се придружиле и други војници и многу цивили. Кога пристигнале пред домот на Итурбиде тој се согласил да биде цар. Толпата славела цела ноќ.[4]

Следното утро се одржала вонредна седница на конгресот за да се разгледа темата за крунисување на Итурбиде. На отворањето на седницата, војската упатила манифест до Конгресот со кој го поддржува Итурбиде за цар. Опозицијата изразила загриженост дека народните демонстрации во главниот град не биле доволна основа за избор на Итурбиде и дека прво треба да се консултираат провинциите. Бил даден предлог да се добие согласност од две третини од покраините, а потоа да се назначи комисија која ќе напише привремен устав со цел да се избегнат уставни кризи.[5]

Заменикот Валентин Гомес Фаријас, иден претседател на Мексико, се залагал Конгресот да избере цар. Тој ги фалел заслугите на Итурбиде за нацијата и бидејќи Шпанија го отфрлила Договорот од Кордоба, тврдел дека Конгресот според истиот тој договор може да одлучува кој да биде цар.[6] Гласањето продолжило. Шеесет и седум пратеници гласале за Итурбиде да биде цар, а петнаесет биле против. Сепак, на гласањето немало законски кворум од сто и два пратеника.[4]

Крунисување

уреди

Конгресот објавил заклетва со која царот се обврзува дека ќе го почитува уставот, и исто така мексиканската монархија ја прогласил за наследна, давајќи им благороднички титули на семејството на Итурбиде. 19 мај бил прогласен за државен празник.[7]

Царскиот двор на Итурбиде требало да биде полуксузен од тој на поранешниот шпански вицекрал, а ова предизвикало негодување кај народот зошто државата восушност била банкротирана. За да ги надмине финансиските потешкотии, мексиканската влада го забранила извозот на пари и побарала принуден заем од 600.000 пезоси од Мексико Сити, Пуебла, Гвадалахара и Веракруз. Во меѓувреме бил формиран државен совет, составен од тринаесет членови избрани од царот од список од триесет и еден номиниран претставник доставен од Конгресот.[8]

Крунисувањето се одржало на 21 јули. Главниот град бил украсен со цветни аранжмани, транспаренти и знамиња. Власта не можела да си дозволи да фалсификува круна, и затоа требало да се позајмат накит и скапоцени камења, но на крајот биле направени прстен, жезол и круни. Облеката била направена врз основа на цртежи од крунисувањето на Наполеон. Членовите на конгресот ги придружувале царот и царицата до Националната катедрала. Во катедралата, царот и царицата требало да седнат на престоли покрај новооблагородените мексикански принцови и принцези. Итурбиде бил крунисан од претседателот на конгресот.[9]

Владеење

уреди

Веднаш по прогласувањето за цар, Итурбиде се судрил со Конгресот. Се јавиле несогласувања за правните овластувања на царот кои во тој момент не биле јасно зацртани. Кон средината на 1822 година, три главни прашања биле дали Итурбиде има право да назначува членови во Врховниот суд, дали има право на вето на законодавството како што имал шпанскиот крал според шпанскиот Устав од 1812 година, и желбата на царот да основа рурални воени трибунали.[10] Итурбиде сакал да основа воени трибунали во главните градови на провинциите; тоа биле специјални судови составени од двајца воени офицери потпомогнати од адвокат. Тие требало да водат евиденција за заговори против царот, но исто така со дозвола на генералниот капетан на округот и да одлучуваат за евентуални убиства, грабежи и други повреди на правото, а на судовите ќе им биде дозволено да ги заобиколат статутите со што ќе можат да се мешаат во брзото спроведување на судските процеси. Сепак, Конгресот бил против проектот.[11] Цело време, работењето на донесување устав на царството било занемарено.[12] Најголем непријател на Итурбиде во конгресот бил заменикот Сервандо Тереза де Миер, цврст републиканец, кој честопати го исмевал царот и неговата слава.[13]

Апсење на пратениците

уреди

Во август 1822 година бил откриен заговор за соборување на царот. Заговорниците, сметале дека изборот на Итурбиде бил незаконски и планирале бунт во главниот град, да го преселат конгресот во Тексоко и да прогласат Република. На 26 и 27 август, биле уапсени петнаесет пратеници под сомнение дека се вмешани во заговорот, меѓу кои и Миер, Карлос Марија Бустаманте, Франциско Тагле, Хосе дел Вале и Хосе Хоакин де Херера.[14] Конгресот бил во шок од апсењето на некои од неговите најистакнати пратеници. Утрото на 27 август, законодавниот дом испратил писмо до војската во кое го поддржува имунитетот на Конгресот и ги обвинил властите дека дејствувале вон рамките на законот. Секретарот за внатрешни работи, Андрес Кинтана Ру им одговорил дека врз основа на шпанскиот Устав од 1812 година, владата има овластување да апси пратеници осомничени за вмешаност во предавнички заговор, и дека Конгресот ќе биде и понатаму информиран за резултатите од тековната истрага. Конгресот претпочитал самиот да им суди на осомничените пратеници, но предлогот бил отфрлен. Обвинението против заговорниците не напредувало и неколкумина од нив биле ослободени на крајот од декември 1822 година.[15][16] Еден од уапсените, Хосе дел Вале, всушност, Итурбиде го назначил за министер за надворешни работи неколку месеци подоцна.

Распуштање на Конгресот

уреди

Потоа следеле контроверзи околу реконституирањето на Конгресот. На Конгресот му било наложено да се подели на две комори, но тоа не се случило. Телото останало обединето со цел за изготвување на нов устав. Конгресет на ниеден начин себеси не се сметал за обврзан со шпанскиот устав од 1812 година, кој бил де факто устав на Мексико. Конгресот станал финансиски товар на државата. Заменикот Лоренцо де Завала предложил да се намали бројот на пратеници и исто така да се подели телото на две комори, предлог што царот го сметал за прифатлив.[17] На 16 октомври, Итурбиде во својот дом собрал неколку пратеници и генерали и почнал да разговара за мерката распуштање на конгресот под изговор дека тој не ги претставува пропорционално провинциите како претходно.

Следниот ден, членовите на државниот совет, генералите со седиште во Мексико Сити и преку четириесет пратеници се собрале во домот на Итурбиде за да одржат конференција во врска со проблемите со конгресот. Итурбиде го обвинил Конгресот дека за осум месеци не направил ниту еден чекор за пишување нов устав, дека не донел ниту еден закон за финансии и војската и дека повеќе бил насочен за напаѓање на царот. Неколку пратеници истакнале дека ако треба да се реформира Конгресот, предлогот треба да дојде од самиот Конгрес. Како резултат на оваа конференција бил донесен предлог бројот на пратеници во Конгресот да се намали на седумдесет пратеници.[18] На 17 октомври 1822 година, предлогот бил претставен пред Конгресот. Конгресот ја отфрлил мерката, но прифатил компромис со кој се согласил да се придржува кон шпанскиот Устав од 1812 година како привремен устав, и му дозволил на Итурбиде право на вето над законите и право да избира членови во врховниот суд.

Сепак, Итурбиде побарал и други отстапки, сметајќи дека неговото право на вето треба да се прошири на сите членови од секој новодонесен устав кој ќе го подготви Конгресот, а исто така и понатаму барал намалување на бројот на пратеници во Конгресот. Предлозите на Итурбиде биле отфрлени, по што Итурбид на 31 октомври 1822 година го распуштил Конгресот.[19][20] За распуштање на конгресот бил задолжен бригадирот Луис Кортазар, а пратениците заминале без протести и насилство.[21][22]

Финансиски проблеми

уреди

Како замена за конгресот, Итурбиде формирал Национална институционална хунта составена од четириесет и пет членови. Хунтата официјално била поставена на 2 ноември 1822 година и ѝ била доделена законодавната власт сè до формирањето на нов конгрес. Итурбид на телото му доверил задача да изготви прописи за одржување на нов конгрес, но и да се насочи на тешките финансиски прашања со кои се соочувало царството. На 5 ноември 1822 година, хунтата одобрила принуден заем од преку два милиони пезоси и запленила преку еден милион пезоси кои требало да се извезат надвор од земјата.[23]

Итурбиде, исто така, почнал да издава хартиена валута, а на 20 декември владата одобрила печатење на банкноти во вредност од четири милиони пезоси. На секој што ѝ должел пари на власта му било дозволено една третина од долгот да го исплати во банкноти и две третини во пари.[24]

Бунт против царот

уреди

Последното шпанско упориште во Мексико била тврдината Сан Хуан де Улуа која се наоѓала на мал остров во близина на брегот на Веракруз. Генералот Антонио Лопес де Санта Ана, кој бил стациониран во Веракруз, имал план за освојување на тврдината на тој начин што божем Веракруз ќе му го предаде на новиот командант. Ечевари, генерален капетан на месните провинции, откако пристигнал во Веракруз, го одобрил планот и се согласил и тој учествува во него. Своите трупи ги позиционирал во Веракруз за да ги нападнат Шпанците кои ќе пристигнат во Веракруз, а кои се надевале на поддршката од Санта Ана. Меѓутоа, на 26 октомври 1822 година, кога пристигнале Шпанците, војската на Санта Ана сѐ уште ја немало, а Ечевари едвај ја победил Шпанците, кои на крајот ја задржале контролата врз тврдината. Ечевари на Итурбиде му рекол дека се сомнева дека сето тоа било план на Санта Ана за да го убие него (Ечевери) како одмазда затоа што Санта Ана не бил назначен за генерален капетан на негово место. Итурбиде заминал за Веракруз и го отпуштил Санта Ана од неговата команда, но не отворено, туку демек сака да го премести на друга позиција во Мексико Сити. Сепак, Санта Ана се посомневал и во декември 1822 година започнал бунт за воспоставување на републиканска форма на владеење.[25]

Висенте Гереро и Николас Браво ја смениле страната и на 5 јануари 1823 година тргнале кон Чилапа за да се приклучат на револуцијата. Тие доживеале катастрофален пораз кај Алмолонга. Востанието веќе било задушено во тоа време, Викторија била под контрола во Пуенте дел Реј, а Санта Ана сè уште бил опколен во Веракруз.[26]

Ечевари со преку три илјади добро снабдени војници бил испратен да се справи со бунтот во Веракруз, но на крај пребегнал. Тогаш, опозицијата во царството почнала да преговара со војската. На 1 февруари 1823 година, во Веракруз, неколку воени началници од хунтата се состанале со Мигел Санта Марија и го објавиле Планот од Каза Мата.[27] Армијата се обврзала дека ќе го обнови Конгресот, истовремено отфрлајќи секаква намера да му наштети на царот или да ја собори мексиканската монархија. На 14 февруари, Пуебла го прифатила планот, по што следеле Сан Луис Потоси и Гвадалахара. Веќе во март, поголемиот дел од Мексико дал поддршка за планот.[28] Во Џалапа била формирана воена хунта за спроведување на Планот од Каза Мата.

Абдикација на Итурбиде

уреди

На 4 март 1823 година, Итурбиде издал декрет за повторно свикување на Конгресот. Пратениците се состанале на 7 март. Итурбиде се обратил на седницата, со надеж за преговори и избегнување конфликт. Воената хунта одбила да го признае Конгресот ако не се гарантира неговата слобода. На 19 март, Итурбиде плашејќи се од соборување, свикал вонредна седница на Конгресот и ја објавил својата абдиција. Конгресот предложил воената хунта да се сретне со Итурбиде по ова прашање, но хунтата одбила и дала предлог Итурбиде да се отстрани од главниот град и да ја чека одлуката на Конгресот. На 26 март, бил постигнат договор со кој хунтата ќе го признае Итурбиде под секакви услови кои ќе му ги даде Конгресот. Итурбиде, исто така, се согласил да замине од главниот град; командата со градот била предадена на револуционерните трупи, а власта била предадена на Привремената влада на Мексико.[29]

Територија

уреди
 
Покраини во Царството

Територијата на Мексиканското Царство се поклопувала со границите на поткралството Нова Шпанија, со исклучок на генералните капетании Куба, Санто Доминго и Филипини. Гватемала била припоена кон царството веднаш по неговото основање.[30]

За време на Првото Мексиканско Царство, територијата која ја зафаќало Мексико била најголема во неговата историја; царството се протегало од северна Калифорнија до провинциите во Средна Америка (со исклучок на Панама, која тогаш била дел од Колумбија), кои првично не сакале да станат дел од Мексиканското Царство, но се приклучиле веднаш по стекнувањето независност.[31]

По абдицирањето на царот, на 29 март, мексиканскиот генерал во заминување Висенте Филисола свикал нов Средноамерикански конгрес и на 1 јули 1823 година средноамериканските провинции ја основале Федерална Република на Средна Америка, а само провинцијата Чијапас одлучила како држава да остане дел од Мексико.

 

Поврзано

уреди

 

Наводи

уреди
  1. Michael S. Werner, уред. (2001). Concise Encyclopedia of Mexico. Taylor & Francis. стр. 308–9. ISBN 9781579583378.
  2. Eric Van Young, Stormy Passage: Mexico from Colony to Republic, 1750-1850.
  3. Christon I. Archer, ed.
  4. 4,0 4,1 Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 770–771.
  5. Zamacois, Niceto (1879). Historia de Méjico: Tomo 11 (шпански). Mexico City: J.F. Barres and Co. стр. 290–296.
  6. Zamacois, Niceto (1879). Historia de Méjico: Tomo 11 (шпански). Mexico City: J.F. Barres and Co. стр. 297.
  7. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 774–775.
  8. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 776.
  9. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 777–778.
  10. Anna, Timothy (2001). Forging Mexico: 1821-1835. University of Nebraska Press. стр. 95.
  11. Navarro y Rodrigo, Carlos (1906). Agustín de Iturbide vida y memoria. A. Pola. стр. 222.
  12. Zamacois, Niceto (1879). Historia de Méjico: Tomo 11 (шпански). Mexico City: J.F. Barres and Co. стр. 358.
  13. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 780–781.
  14. de Zavala, Lorenzo (1845). Ensayo histórico de las revoluciones de México: Tomo Primero (шпански). Mexico City: Manuel de la Vega. стр. 139.
  15. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 782–783.
  16. Zamacois, Niceto (1879). Historia de Méjico: Tomo 11 (шпански). Mexico City: J.F. Barres and Co. стр. 372–373.
  17. Navarro y Rodrigo, Carlos (1906). Agustín de Iturbide vida y memoria. A. Pola. стр. 223.
  18. de Zavala, Lorenzo (1845). Ensayo histórico de las revoluciones de México: Tomo Primero (шпански). Mexico City: Manuel de la Vega. стр. 145–146.
  19. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 784.
  20. Christon I. Archer (2007). The Birth of Modern Mexico, 1780–1824. Rowman & Littlefield. стр. 220. ISBN 9780742556027.
  21. Navarro y Rodrigo, Carlos (1906). Agustín de Iturbide vida y memoria. A. Pola. стр. 225–226.
  22. Rivera Cambas, Manuel (1873). Los gobernantes de México: Tomo II (шпански). Aguilar Ortiz. стр. 89.
  23. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 785.
  24. Payno, Manuel (1862). Mexico and Her Financial Questions. Mexico: Ignacio Cumplido. стр. 31.
  25. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 786–789.
  26. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 792–793.
  27. Rivera Cambas, Manuel (1873). Los gobernantes de México: Tomo II (шпански). Aguilar Ortiz. стр. 92.
  28. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 793–794.
  29. Bancroft, Hubert (1862). History of Mexico Vol. 4. New York: The Bancroft Company. стр. 801–802.
  30. Kenyon, Gordon (1 May 1961). „Mexican Influence in Central America, 1821–1823“. Hispanic American Historical Review (англиски). Duke University Press. 41 (2): 183–184. doi:10.1215/00182168-41.2.175. JSTOR 2510200. Посетено на 3 July 2022.
  31. Quirarte, Martín (1978). Visión Panorámica de la Historia de México (11th. изд.). Mexico: Librería Porrúa Hnos.

Надворешни врски

уреди