Портал:Биографија/Одбран портрет/2007/септември
Карл Маркс (5 мај 1818 - 14 март 1883) е германски философ, политички економист и револуционер. Еден е од најистакнатите претставници на Меѓународното здужение на работниците (попознато како Прва интернационала) и е втемелувач на марксизмот.
Иако делото на Маркс се поврзува со повеќе различни области и теми, тоа е најпознато според сфаќањето на човечката историја како борба меѓу класите, сумирана во познатиот цитат од воведот на Комунистичкиот Манифест: „Историјата на сите досегашни општества е историја на класната борба“.
Маркс своето учење за општеството не го нарекол социологија, туку историски материјализам, сакајќи на тој начин да ги надмине тогашните статички гледања на општеството и идеалистичките објаснувања на општествените настани. Марксовите анализи главно се насочени кон објаснување на општествените промени до кои дошло за време на индустриската револуција. Во таа смисла тој конституира една теорија дека општеството се движи напред врз основа на одредени противречности што постојат во негови рамки. Меѓу тие противречности посебно место заземаат спротивностите меѓу општествените класи. Во секое општество има една доминантна класа: во антиката тоа е робовладетелската класа, во феудализмот сопствениците на земјата - феудалците, а во капитализмот сопствениците на средства за производство, капиталистите.