Портал:Биографија/Одбрана статија/2007/декември
Станислав Лем (Лавов, 12 септември 1921 — Краков, 27 март 2006), полски писател, сатиричар, философ и футуролог. Еден од најпознатите писатели и теоретичари на научна фантастика и најпреведуваниот полски писател. Делата му се преведени на 41 јазик и продадени во над 27 милиони примероци и со тоа е најпреведуваниот автор на научна фантастика од едно неанглиско говорно подрачје. Во нив средишно место имаат филозофските теми, односно рефлексиите за технологијата, за природата на интелигенцијата, за неможноста од меѓусебна комуникација и разбирање, како и длабокиот песимизам поради ограничувањата што произлегуваат од природата на човекот и од неговото место во вселената.
Станислав Лем е роден на 12 септември 1921. во (тогаш полскиот) град Лавов, Украина каде што го минал и детството. И покрај еврејското потекло на неговото семејство Лем бил воспитуван во католички дух, меѓутоа тој лично се сметал за атеист.
Во текот на советската окупација од 1940. до 1941. студирал медицина на Медицинскиот универзитет во Лавов. За време на германската окупација ги прекинал своите студии, и, користејќи лажни документи, работел како автомеханичар и заварувач. Тогаш соработувал со полското движење на отпорот. Своите студии ги продолжил во 1944. кога советските сили повторно влегле во Лавов. Во 1946. со семејството заминува од Лавов, кој бил присоединет кон СССР, и се преселува во Краков, каде во 1948. ги завршува студиите по медицина на Јагелонскиот универзитет. Во тоа време започнува да се занимава со литература. Своето прво дело Człowiek z Marsa (Човекот од Марс) го објавувал во продолженија во списанието Nowy Świat Przygód (Нов свет на можности).