Пластичен Исус (филм)

Пластичен Исус (српски: Plastični Isus) - југословенски филм од 1971 година, во режија на Лазар Стојановиќ, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Томислав Готовац, Светлана Глигориевиќ, Вукица Ѓилас, Кристина Прибичевиќ, Живоин Глигориевиќ, Маланија Бугаиновиќ и Мида Стефановиќ. „Пластичен Исус“ бил дипломски труд на Стојановиќ, а уште пред службената премиера бил забранет и ставен во бункер. Ова е единствениот филм во југословенската кинематографија чиј режисер бил обвинет за „непријателска пропаганда“ и во 1973 година бил осуден на затворска казна во траење од три години, а неговите професори Александар Петровиќ и Живоин Павловиќ биле избркани од работа. Оттука, филмот се смета за симболичен почеток на новиот бран во југословенската кинематографија во 1970-тите. Во „Пластичен Исус“, за првпат во југословенскиот филм, се споменуваат темите од типот на хомосексуалноста и промискуитетот, а првпат се појавува и кадар на гол маж.[1]

Синопсис

уреди

Том (го игра Горовац) е млад човек од Загреб без средства за живот. Тој се обидува да се занимава со филм во Белград и така успева некако да преживува, а притоа има бројни врски со повеќе жени. Тој не верува во никого, не почитува никаков режим, сила, водач и идеологија и затоа постојано е во конфликт со власта, а едно време живее како бездомник, поради што е приведен од милицијата. Откако го напушта една згодна Американка, Том започнува врска со жена чиј маж работи во странство. На крајот од филмот, поради својата љубовна врска, тој е убиен.

Паралелно со главното дејство, во филмот се уфрлени и бројни архивски снимки поврзани со студентските демонстрации во Југославија, четниците, усташите, Хитлер и Тито со кои се прави споредба меѓу различните режими. Исто така, во филмот е снимена венчавката на режисерот Љубиша Ристиќ на која присуствувале бројни претставници од Комунистичката партија, ЈНА и државната безбедност.[2] [3]

Наводи

уреди
  1. „Пластични Исус“, РТС, пристапено на 15.1.2019.
  2. YouTube, PLASTIČNI ISUS, 1971., Jugoslavija, 73 min., пристапено на 17.2.2018.
  3. „Пластични Исус“, РТС, пристапено на 15.1.2019.

Надворешни врски

уреди