Писма без адреса
Писма без адреса (Письма без адреса) е дело создадено во 1899-1900 година, на основачот на рускиот марксизам Георгиј Валентиновиќ Плеханов (1856-1918). Делото се состои од четири писма и едно продолжение. Плеханов се обраќа на замислена личност, и употребувајќи многу цитати и споредби, тој ја истражува уметноста. На некои места текстот е прекинат.
Прво писмо
уредиВо првото писмо Плеханов го разгледува чувството на убавината, стремежот за имитирање, начелото на антитезата, чувството на ритамот, појавата на музичките инструменти, чувството на симетрија и развојот на културата.
Чувството за убавото до Дарвин било сметано за исклучиво човечка особина. Дарвин прв покажал дека и животните имаат чувство за убавото, кое игра важна улога во нивниот живот. Плеханов се согласува со него и додава дека убавото за нижите животни често е убаво и за човекот. Разликата во сфаќањето за убавото, според Дарвин, треба да се бара не во биологијата, туку во социологијата, затоа што токму со општествените причини се објаснува околноста што кај цивилизираниот човек чувствата за убавината се асоцираат со многу сложени идеи.[1] Плеханов покажува дека таквата асоцијација не постои само кај цивилизираниот човек, преку следниов пример:
„Познато е дека кожите, канџите и забите од животните играат важна улога во украсувањето на примитивните луѓе. Со што се објаснува оваа улога? Сигурно не со убавината на овие предмети, туку со нив дивјакот ја покажува својата умешност и сила. Ваквото украсување е делумно и суеверие, затоа што овие предмети на дивјакот му служат како амајлии.“
Плеханов покажува дека изразот за богатството (кај жените) и изразот за силата (кај мажите) го асоцираат чувството за убавина. Исто како и сфаќањето за моралот кое не може никогаш и никаде да биде апсолутно исто, туку се менува, така и сфаќањето за убавото е условено од начинот на живеењето и развиеноста на производните сили и односи.
Стремежот за имитирање кај човекот игра мошне голема улога.[2] Човекот (класата) или ги имитира естетските вкусови и моралните чувства на друг човек (класа), или пак им противречи, со што сака да го негира другиот човек (класа).
Начелото на антитезата игра голема улога при изразувањето на чувствата кај луѓето и животните. Плеханов, барајќи го дејството на начелото на антитезата во потеклото и развојот на обичаите, разгледува низа примери со кои се покажува дека во специфични услови, поинакви од секојдневните, нормалните услови, луѓето се однесуваат поинаку и го прават она што не го прават во нормални услови, и така ги манифестираат своите чувства. Психологијата игра важна улога заедно со Дарвиновото начело на антитезата.
„Но, зошто еден општествен човек ги има токму овие, а не некои други вкусови, зошто му се допаѓаат токму овие, а не некои други предмети, тоа зависи од условите во кои се наоѓа“,[3] односно тоа се општествените услови. Тука може да стане збор и за условите одредени од природата, но влијанието од природата всушност зависи од нашиот однос кон неа (кон природата).
Разликата на вкусовите се појавува и во однос на цвеќињата. Така на пример, примитивните ловечки народи никогаш не се китат со цвеќиња и сметаат дека е недостојно, па не покажуваат интерес кон растенијата. Ова се објаснува со фактот дека собирањето на растенијата било женска работа.
Вториот психолошки закон за Плеханов е музичката уметност. Тој вели дека луѓето од некои примитивни племиња не се музикални, но имаат развиено чувство за ритам.
„Во музиката на бразилските Индијанци исто така мошне силно се изразува чувството за ритам, меѓутоа тие се многу слаби во мелодијата, и изгледа немаат никаков поим за хармонија. Истото можеме да го речеме и за домородците од Австралија.“[4]
Од ова може да се заклучи дека во природата на луѓето е способноста на луѓето да ја забележуваат музиката и да уживаат во неа. Дарвин покажал дека и животните имаат таква способност, што не зависи од каков и да е социјален момент. Додека кај човекот „тактот на кој му се потчинува примитивниот производител ... зависи од технолошкиот карактер на дадениот технолошки процес, од техниката на даденото производство. Кај примитивните племиња секој вид труд има своја песна, чија мелодија секогаш е точно приспособена кон ритамот карактеристичен за производствените движења од тој вид работа.“[5]
Сите овие моменти биле пресудни и во создавањето на содржината на песните. Но ,сепак, музиката и поезијата не заостанале зад работата. Се појавиле и првите музички инструменти, кои всушност биле орудија за труд адаптирани да произведуваат звуци. Така се појавува тапанот, кој кај некои народи и до денес останува како единствен инструмент, а потоа се појавиле жичените и дувачките инструменти.
Плеханов укажува и на чувството на симетрија кое го има секој човек, и вели дека луѓето повеќе ја сакаат хоризонталната отколку вертикалната симетрија. Тоа е на некој начин нормално, бидејќи најчесто се среќаваме токму со таа, хоризонталната симетрија.
За развојот на литературата вели дека го поминува истиот пат како и развојот на личноста на човекот: детство, младост, зрелост, итн. „Тоа значи дека ако дадениот народ излегол од епохата на младоста, поезијата (како прв степен на уметноста), неопходно мора да доживее опаѓање. Литературата како одраз на националната духовна природа, е производ на оние исти историски услови од коишто е создадена таа природа. Значи, не природата на човекот, не карактерот на дадениот народ, туку неговата историја и општественото уредување ни ја објаснуваат неговата литература.“[6] Иполит Тен, како и други пред него, дошол до оваа вистина, но бидејќи бил идеалист, не ја извлекол сета корист од неа.
Второ писмо
уредиВторото писмо или уметноста на примитивните народи, ги содржи следниве разгледи: односите во првобитното општество и односот меѓу играта и трудот.
Бидејќи економијата и уметноста се во тесна врска, пред да се зборува за уметноста на примитивните народи треба да се каже во какви односи живеат тие. Постои убедување дека првобитното општество било комунистичко, затоа што сè што поседувала една заедница, било заедничко за сите членови на таа заедница, дури и храната. Карл Бихер, познатиот германски економист, ја негирал првобитната заедница и поединечната економија ја сметал за прва историска форма. Плеханов не се согласува со него за тоа дека тие племиња не собираат храна за резерва, и дека членовите на племето биле оставени поединечно да соберат храна за себе.
Поделбата на храната кај нив многу наликува на поделба во комунистичко општество. Исто е и кај Ескимите, сè им припаѓа на сите во границите на крвните сојузи. Истото важи и за нашите далечни предци, за кои се мисли дека живееле заедно и си помагале дури уште и кога само наликувале на човекот.
Плеханов се обидува да даде одговор на прашањето што е постаро: играта или трудот, и уметноста или производството на корисни предмети.
Кај бразилските племиња, постои танец со мотив од војна, и тука е нормално да се заклучи дека војната (иако не е труд) е постара од овој танец, односно дека тие луѓе морале да видат војна т.е. да учествуваат во една војна, за да можат да измислат танц на таа тема. „Кај Багабосите, едно од домородните племиња во јужен Минданао, и обата пола се занимаваат со земјоделство. На денот кога се сее оризот, мажите и жените се собираат заедно рано изутрина, и ја почнуваат работата. Напред одат мажите, и играјќи во земјата ги забодуваат железните копачи. По нив доаѓаат жените кои ги фрлаат зрната ориз во вдлабнатините што ги направиле мажите и ги засипуваат со земја.“[7] Ова е пример на здружување на играта и работата, и овде е нормално да се заклучи дека трудот е постар од играта, „освен ако не помислиме дека Багабосите отпрвин ги забодувале своите копачи во земјата и го сееле оризот заради забава, па дури подоцна почнале да ја обработуваат земјата заради прехрана.“[8]
Приврзаниците на теоријата дека играта е постара од трудот, како доказ ја земаат играта на децата. На пример кога децата си играат војна (кај Индијанците во Северна Америка и кај Австралијанците) или кога австралиските домородни девојчиња танцуваат со движења како да вадат корења од растенија, и во двата случаи за децата играта е постара од трудот, т.е. тие прво си играат, а подоцна во животот навистина го прават тоа што го претставуваат со играта. Но, од општествена гледна точка, трудот е постар од играта, како што е постаро производството на корисни предмети од уметноста.
Трето писмо
уредиТретото писмо е многу кратко, и во него Плеханов ги објаснува изразите „ловечки народи“ и „нижи ловечки племиња“.
Плеханов кажува дека човекот најпрво почнал со употреба на растителна храна, дополнета со ситни животни, а тоа е основата врз која се темели мислењето дека земјоделството му претходело на сточарството. „Најдолу од сите племиња се племињата што се задоволуваат со едноставно собирање на готовите дарови од природата ... а исто така и со лов, кој кај нив се јавува во најпримитивна форма.“[9] Овие племиња, Плеханов ги нарекува: нижи ловечки племиња.
Четврто писмо
уредиВо четвртото писмо ја објаснува уметноста на примитивните народи од материјалистичка гледна точка на историјата. Плеханов зборува за танците, мачкањето на телото со бои, тетовирањето, носењето на украси.
Постојат разни видови на танци, но сите имаат една заедничка одлика - ритамот. Понекогаш танците претставуваат едноставно имитирање на движењата на животните, какви што се „австралиските танци на жабата, на пеперутката Ему, на динго, на кенгурот. Такви се и северноамериканските танци на мечката и бизонот. Најодзади во нив треба да се вбројат и таквите танци на бразилските Индијанци, каков што е рибјиот танец и танецот на лилјакот кај племето Бакаири.“[10]
Постојат танци во кои се имитираат движењата при трудова дејност, постојат борбени танци, погребни танци и други „духовни“ танци, љубовни танци, религиозни танци, ловечки танци, и секако поделбата на машки и женски танци.
Почетоците на козметиката, според Плеханов, ги наоѓаме во мачкањето со бои, сокови, глина и друго, кај примитивните народи. Таа примитивна козметика се развила првенствено според користа што ја имале луѓето од тоа мачкање (заштита од инсекти, од сончевите зраци, и др.). „На тој начин, најпрвин човекот се мачкал со глина, маснотија или сок од растенија, затоа што тоа било корисно. Подоцна, вака намачканото тело почнало да му изгледа убаво, и тој почнал да се мачка заради естетско задоволство. Штом се стигнало до овој момент, се појавило множество разновидни „фактори, кои со своето влијание ја условувале натамошната еволуција на козметиката.“[11] Така се појавува контрастот, односно црната кожа да се мачка со бела боја, а белата со црна. Се појавува и тетовирањето како една од можностите за шарање на кожата. Постојат два вида тетовирање: „внесување во кожата по механички пат средства што бојат, кои распоредени по одреден ред, оставаат повеќе или помалку постојана шара“,[12] и шарање на кожата со помош на засечоци „кои се предизвикуваат со потсекување или подгорување на кожата“.[13] Тетовирањето го практикуваат светлокожите народи, а засекувањето црните, од проста причина што со тетовирање се оставаат темни траги на кожата, а со засекување - светли. Некои племиња со помош на тетовирање ги претставуваат своите роднински врски, а некои пак и целиот свој живот.
Носењето на ловечки трофеи, се разбира, се јавува кај ловечките народи. Тоа е машка одлика, и со неа мажите си ја докажуваат својата сила и умешност. Додека, пак, жените од истите племиња носат парчиња на дрво, слама, дури и камен. Со поечетокот на железното доба, металните украси ги истиснале ловечките трофеи. Металните прстени ги носат и мажите и жените, затоа што тие го претставуваат богатството што го поседуваат тие луѓе. Колку повеќе вакви прстени носи жената, толку таа им изгледа поубава на луѓето од целото племе.
Продоложение
уредиВо продолжението зборува за геометриските фигури, сликарството и вајарството, за појавата на сликовното писмо и способноста за сликањето.
Плеханов зборува за украсите кои се цртаат на предметите што е употребувале со корисна цел. Така на пример, чешелот кој почнал да се употребува затоа што бил корисен, со понатамошното усовршување се јавува и како естетски предмет. Исто така и на дршката од секирата се појавуваат разновидни украси и геометриски фигури. Така почнуваат да се развиваат сликарството и вајарството. Се појавува и сликовното писмо, кое им било потребно на тие племиња за да си ги разменуваат и соопштуваат своите мисли.
Интересно е да се забележи дека оваа способност за цртање повеќе се појавува кај ловечките племиња, отколку кај селанецот-земјоделец, а потребата била таа што го научила човекот да црта, дури и географски карти.
Наводи
уреди- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 141
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 148
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 159
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 166
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 167
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 173 и 175
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 208/209
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 209
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 231
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 234
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 245
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 249/250
- ↑ „Писма без адреса“, Плеханов, Скопје, стр. 250