Падобранство
Падобранство е спорт од групата воздушни спортови.
Историјат
уредиПрвата скица на падобран во форма на платнена пирамида, отворена на долната страна, ја направил Леонардо да Винчи во 1483 година. Во 1617 година, врз основа на цртежите на да Винчи, Фауст Вранчиќ направил конструкција од платна, обрабени со дрвени штици, која ја нарекол „летечки човек“ (homo volans). Постои легенда дека тој скокнал од кулата во Венеција и дека успешно се приземјил, но тоа не е потврдено со историски извори. На 22 октомври 1797 година, Французинот Андре-Жак Гарнерен (André-Jacques Garnerin) го извел првиот скок со падобран над Париз. Неговиот падобран бил направен од свилено платно обрабено со дрвена рамка, а целата конструкција била прицврстена на балон со чија помош се вивнал во воздухот. Кога се нашол на висина од околу еден километар, Гарнерин ги исекол јажињата со кои падобранот бил прицврстен на балонот и потоа безбедно се спуштил на земјата, а неколку илјади гледачи воодушевено го поздравиле. Сепак, дури едне век подоцна бил изработен првиот падобран без рамка. Во 1897 година, Американецот Том Болдвин (Tom Baldwin) скокнал со таков падобран. Современиот тип падобран започнал да се развива непосредно пред и за време на Првата светска војна, служејќи за спасување на екипажите на погодените авиони. По завршувањето на војната падобранот започнал да се користи и за спортски и рекреативни цели. Во 1919 година, Американецот Лесли Ирвин (Leslie Irwin) го извел првиот скок со падобран, којшто се состоел од слободен пад, со отворање на падобранот на помала височина. Овој скок се смета за почеток на спортското падобранство, иако овој спорт станал популарен дури во 1950-тите.[1]
Особености
уредиВо соврмени услови, најчесто се користат падобрани со правоаголна форма, кои за првпат биле применети во американската армија за време на Виетнамската војна. Со овој тип падобран, наречен „летечки душек“, лесно се управува, а тој овозможува лебдење во воздухот, прецизно приземјување и поминување големо хоризонтално растојание при спуштањето. Старомодните падобрани во кружна форма денес се употребуваат или како помошни (резервни) или за рекреативната активност позната како parasailing, каде се лебди во воздухот со помош на падобран којшто е врзан за чамец или за брод.
Под рекреативно или спортско падобранство се подразбира слободен пад со активирање на падобранот на висина од 1.000 до 1.500 метри (Skydiving). Пред приземјувањето, скокачот дополнително ја намалува брзината преку активирање на механизмот кој, спротивно на насоката на движење, делува со вертикалната сила нагоре, па вертикалната брзина ја заменува со хоризонталната брзина. Притоа, во зависност од брзината на ветрот, скокачот едноставно доскокнува на земјата или прави неколку чекори пред да застане. По правило, скокачот секогаш се приземјува спротивно на насоката на дување на ветрот.
Падобранството се смета за екстремен спорт, зашто евентуалните грешки на конструкцијата или при управувањето со падобранот може да доведат до тешки повреди, па дури и до смрт, на скокачот. Сепак, несреќите се случуваат ретко, бидејќи според статистичките податоци, на 150.000 скокови се случуваат 21 несреќен случај, т.е. 0,0007%. За спречување на несреќите, скокачите носат два подобрана: главен и помошен. Исто така, во зависност од прописите во одделни земји, почетниците или сите скокачи задолжително треба да го употребуваат уредот за автоматско активирање на резервниот падобран (Automatic activation device, AAD) при што помошниот падобран автоматски се активира, ако на одредена критична висина скокачот сè уште наоѓа во состојба на слободен пад. Најголем дел од несреќните случаи настануваат при спроведување опасни летови, како што е т.н. swooping, кога скокачот со голема брзина лета ниско над земјата. Исто така, ризикот се зголемува ако при спуштањето наеднаш се промени насоката на движењето на ветрот или ако се заплетка падобранот.[1]