Остатоци од материјалната култура во Македонија
Најраните траги од животот на луѓето во Македонија потекнуваат уште од далечното ново камено време (неолитот). Според археолошките наоди, во овој период луѓето веќе имале постојани живеалишта и се занимавале со примитивно земјоделство и сточарство. Мошне застапено било грнчарството и изработувале разни домашни ракотворби. А меѓу најбогатите археолошки наоѓалишта од тој период се Анзабегово (Светиниколско) и Маџари (Скопско).
Исто така, особено познато е и наоѓалиштето кај село Таринци (Штипско). Тукашните луѓе главно се занимавале со земјоделство, а користеле мазнети камени секири и праќа, од која исфрлале јајчести топки од глина.
Неолитот во Пелагонија пак познат е по повеќе наоѓалишта. Тука, меѓу другото, пронајдени се и коскени орудија, убаво украсени глинени садови и обредни предмети.
Слични наоди пронајдени се и во други наоѓалишта во Македонија.
Покрај остаоците од неолитот, во Пелагонија откриени се и наоди од преодниот период меѓу неолитот и бронзеното време (од металното време). Тоа е време кога и во Македонија продреле племиња дури од руските степи. А од тоа време се и откриените наколни живеалишта во Струшко.
Во бронзено време продолжиле упадите на разни племиња од север. Затоа, за заштита од нападите, населбите биле градени и на недостапни возвишенија. Меѓу остатоците се срќаваат и куќи од камен.
Од железното време има голем број наоѓалишта низ цела Македонија. Меѓу најстарите племиња од овој период во Македонија познати се Бригите и Пајонците, а кон крајот на 9 век пред н.е. речиси низ сите области постепено настанале и античките Македонци.
Во тоа време постепено јакнела племенската аристократија, се развила трговијата и започнало зголемено влијание на грчките колонии. Истовремено се одвивал и процесот на формирањето на најстарите народи во Македонија и започнало формирањето на првите држави.
Богатите археолошки наоди од убаво обработено злато и други метали потврдуваат дека занаетчиството доживувало голем подем. Посебно значајни се наодите во Требениште, Охридско, каде се пронајдени златни маски, златни сандали, нараквици и други украсни предмети од сребро, слонова коска и друго за погребните ритуали.
Поврзано
уреди- Списоци на археолошки наоѓалишта во Македонија
- Остатоци од Требениште, Охридско
- Остатоци од Маџари, Скопско
- Остатоци од Маџари, Скопско
- Остатоци од Породин
- Остатоци од Таринци, Штипско
- Праисториска керамика
- Праисториски алатки од камен и коска од околината на Скопје
- Бројни остатоци можат да се видат во Музеи на Македонија, Скопје
Надворешни врски
уреди- Студентско археолошко здружение "Аксиос" Архивирано на 12 јануари 2005 г.