Носии од Мала и Долна Река

Носии од Мала и Долна Рекамакедонски народни носии од повеќе села во средниот дел на реката Радика, означен како Мала Река и Долна Река, во кои живее население што го носи етнонимот Мијаци. Познати се како сточари, но и како најизразити македонски печалбари. Особено е карактеристична нивната носија, зачувана како единствена, не само кај Мијаците во матичната област, туку и кај нивните преселници[1] - с. Елхоец[2] - Копачка, с. Смилево - Битолско, с. Ореше и Папрадиште - Азот и гр. Крушево. [1]

Носење на невестата на чешмата во Битуше, Долна Река

Машка носија

уреди

Машката мијачка носија со бројни облеки од дебела валана клашна, со карактеристични украси од црни гајтани, носи белези на планинско сточарска носија. Клашнените бечви се украсени со редови црни гајтани, од кои најмногу зетовските со седум реда. Околу половината се носи темноцрвен ткаен волнен појас, прошаран со попречни бели пруги. На горниот ден од телото се носи минтан и темнокафено зобанче, кепе, со голема јака од која може да се направи ќулавка. Капата кече е плитка и рамна, слична на црногорската, но без украси и е само црна. Врз сите облеки од празничната и свечената носија се носи бела клашнена долама, долга до колена, тесна во горниот дел и со ракави, широка и многу набрана во долниот дел, украсена со црни гајтани и бикме. За младоженците, во обредниот состав на носијата, оваа облека е украсена со зелени гајтани, и се означува како зелена зетоска долама. [1]

 
Карта на населбите во Долна Река      и Мала Река     

Вакви или слични на оваа носија носеле мажите и во другите соседни предели од околината на Дебар, а се протега на југ до Охридското Поле и Струшкото Поле, зафакајќи ги Порече, Кичевија, Железник и Дебрца. Со незначителни разлики, ваква носија носат и Торбешите од Долна Река и Жупа, Турците во Горна Жупа (околу Коџаџик), како и Албанците. [1]

Женска носија

уреди
 
Група на жени во народни носии, пред чешмата Упија во с. Галичник, почеток на XX век

Носијата на жените ја карактеризира белата долга платнена туниковидна кошула, по полите украсена со бели ажурни везови чикмиња. Ракавите се богато извезени со специфичен ажурен вез кинатица, и обилно украсени со црвени волнени рески. Во составот на женската носија има повеќе клашнени облеки диференцирани по возраст, во која влегуваат клашеник за мажени жени, со раскошна декорација од срмен вез, филигрански украси и срмени гајтани и долама за девојки, порано од бела а подоцна од темноцрвена клашна, украсена со срмени везови и филигрански украси. Масивниот метален накит - пафти, игли, низалка, го дополнуваат целокупниот состав на оваа изразито богата народна носија. [1]

 
Смилевки во народна носија во 1913 г. — една од првите фотографии во боја во светот

Празничните, свечените и невестинските носии се најбогати. Специјалниот украс за на глава сокај и главинка, украсните киски и везената дарпна, како покривки за глава, двата појаса здолначе и препашка со богати поткити од рески, скутината кифчена, како и специјалните чевли емении придаваат на носијата од овој регион посебни декоративни одлики. [1]

Женските носии од мијачките села во другите предели на Македонија, кои по своите зачувани карактеристични мијачки етнички особини се издвојуваат како оази меѓу соседното население, по своите основни белези се еднакви со народната носија од матичниот предел, но и со одредени варијантни разлики. Народните носии од селата Смилево, Ореше и Папрадиште и од градот Крушево се посебно впечатливи по запазеноста и раскошната убавина во обликувањето и украсувањето на одделните облеки, по специфичниот карактеристичен ажурен вез, обилноста на реските и другите декоративни украси, како и по изразито богатиот метален накит. [1]

 
Димитрија, Никола и Павле Чуповски во носии од селото Папрадиште, мијачкиот дел на Азот (1892, крај на ХIХ век)

Во повеќе села на Долна Река, измешани со македонско христијанско население, живеат помуслиманети Македонци - Торбеши, кои зборуваат македонски, со мијачки говорни одлики. Примањето на муслиманската вера внело промени во нивниот начин на живот, а со тоа и во нивната носија. [1]

Носијата на мажите, по материјалот, кројот, начинот на украсување и воопшто по целокупниот состав, е истоветна со мијачката машка носија. Во носијата на жените се чувствува ориенталното влијание. Врз кошулата од бело тенко памучно или свилено платно се носат широки платнени гаќи и скутина бовча, најчесто разнобојна, а за невести бела и елечиња украсени со срма и бикме, како и многу монистрен накит. [1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 148 и 149. ISBN 9989-649-25-1.
  2. Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 76. ISBN 9989-48-009-5.

Надворешни Врски

уреди