Жупа (Македонија)
Жупа — предел во Дебарско, Македонија. Се простира на западните падини на планината Стогово, почнувајќи од селото Горенци на север, па сè до селата Елевци и Долгаш на југ. Источната граница на пределот води по сртот на планината Стогово, а западната по источниот брег на Дебарското Езеро[1], односно десната страна од долината и течението на реката Црн Дрим. Теренот е планинско-долински со езерски површини. Тој е составен од шкрилци и пластови од варовници. Климата е умереноконтинентална. Земјиштето е испресечено со долини и силно се нагласени ерозивните процеси. Жупа се дели на Горна и Долна Жупа. Во неа постојат 18 села, во кои живеат 6.300 жители (попис 2002 год.). Во минатото голема населба со значајни функции била Коџаџик, а денеска тоа е Центар Жупа (Вапа), која има 800 жители и е седиште на истоимената општина.
Населението во однос на етничката и верската припадност е со мешан состав. Овде живеат Македонци – православни и муслимани[2], потоа Албанци и Турци. Најголемо село населено со Албанци е Баланци, а со Турци Коџаџик. Главно се занимаваат со сточарство, а во поново време масовно заминуваат на работа во странство, и тоа најмногу во Италија.