Носии од Кумановско

Народната носија од Кумановско била носена во градот Куманово и околните села, кои влегуваат во составот на регионите Жеглигово, Средорек и западен дел на Славиште. Женската носија претставува посебна варијанта на носија, а машката е преодна кон машките носии од источниот дел на Славиште, Овче Поле и Скопска Блатија. [2]

Жени од Романовце, Жеглиговско играјки оро со придружба на дудуци (почеток на XX век) [1]

Женската носија

уреди

Женската народна носија од околината на Куманово, во народот означен како Жеглиговски Предел, се состои од бела платнена туниковидна кошула, извезена со богат вез, во гобленска техника, со изразито геометриски форми и посебна нагласеност на црвено-црните тонови. Белата платнена саја од летниот состав и клашнената зимска ќурдија, аловиот појас кемерче, декоративно орнаментираната скутина, крпа, со карактеристични мотиви кола, како и другите платнени и клашнени детали ја оформуваат носијата во една складна целина. Празничната и невестинската носија се дополнуваат со многу украсни додатоци - ракавчиња, крпи, ручници, како и разновиден накит.

Ознаката на невестинството е специјалниот украс на главата челенка, пиле копче, капа со пари, на градите леденик, на појасот пафти. Сето ова ја прави носијата на овој предел извонредно богата, со усогласена складност на формите, боите и орнаментите.[3]

Машката носија

уреди

Мажите во пределите Жеглигово, Средорек и западниот дел на Славиште непосредно на телото носеле платнена поткошулајка и бели везени гаќи со тн. „сорки“. Над нив се носело бела платнена кошула со широки ракави, заменети со набрани ракави со манжетни од ХХ век. Исто така носеле разни облеки од сура клашна – јелек (допојасна безракавна облека), долама (допојасна со долги ракави), чашкири (вид на бечви со црни гајтани по рабовите и џебовите) и јапанџак (долга над колената со кратки ракави и голема јака). Половината се опашувала со четворно-ткаен волнен појас со шарки „на окца“ на горниот дел, и пруги „пруќе“ на темно-бордо основа на долниот дел. На нозете носеле црвени волнени чорапи „колајлии“, заменети со црни дискретно-орнаментирани чорапи, и опинци од свинска или говедска кожа (изработени домашни или од занаетчии); а на главата носеле или фес со бела чалма, или бел платнен навезен нагушњак кој се закопчува зад вратот. [4]

Според сезонската поделба, машката носија од летниот состав е сета од бели платнени облеки - кошула долга до колена, која паѓа во богати набори преку гаќите, чии ногавици се вовлечени во шарени волнени чорапи. Украсните додатоци крпи, ручници се носат на појас, на рамења, а служат и како покривка за глава. Украсите од разнобојни монистра ќустеци се накит што ја дополнуваат празничната носија од овој регион. [3]

Наводи

уреди
  1. „Македония в образи — La Macedoine illustree (1919)“.
  2. Здравев, Ѓорѓи. Типологизација и класификација на Македонските Народни Носии. стр. 3.
  3. 3,0 3,1 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 145 до стр. 146. ISBN 9989-649-25-1.
  4. Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 23 до стр. 34. ISBN 9989-48-009-5.

Надворешни врски

уреди