Нешвил (филм)
Нешвил (англиски: Nashville) - американски филм од 1975 година, во режија на Роберт Алтман (Robert Altman), по сценариото на Џоан Тјуксбери (Joan Tewkesbury). Главните улоги ги играат: Кит Карадин (Keith Carradine), Дејвид Аркин (David Arkin), Барбара Баксли (Barbara Baxley), Рони Блејкли (Ronee Blakley), Нед Бити (Ned Beatty), Карен Блек (Karen Black), Шели Дувал (Shelley Duvall), Џералдин Чаплин (Geraldine Chaplin), Мајкл Марфи (Michael Murphy) итн. „Нешвил“ се смета за еден од темелните американски филмови од 1970-тите и еден од најважните филмови на Алтман. Тој се одликува со повеќеслојна и сложена приказна, а снимен е во документаристички стил. Со употребата на дијалози што се преклопуваат, полуимпровизирани улоги, долги кадри и со вештата употреба на звукот, монтажата и камерата, Алтман успеал да создаде единствена слика на американското секојдневие во времето на Виетнамската војна и аферата „Вотергејт“ и да ја соопшти својата антивоена и општествена критика. Многу од глумците во филмот самите ги компонирале и ги отпеале своите песни, придонесувајќи за несекојдневниот реализам на филмот. „Нешвил“ бил номиниран за „Оскар“ во повеќе категории, но освоил само една награда (за најдобра песна).[1]
Синопсис
уредиВо Нешвил пристигнуваат бројни ѕвезди кои треба да учествуваат на познатиот фестивал на кантри-музика. Меѓу нив е пејачката Барбара Џин (ја игра Блејкли), која веднаш по пристигнувањето на аеродромот колабира и завршува во болница. Во меѓувреме, низ градот е во тек кампањата на еден независен претседателски кандидат со радикална програма. Истовремено, во градот се наоѓа и новинарката на Би-Би-Си, Опал (ја игра Чаплин), која прави репортажа за фестивалот, но и за целокупната состојба. Кога излегува од болницата, Барбара Џин настапува на еден концертно почнува да се губи и го прекинува настапот. На крајот, таа настапува за време на митингот на претседателскиот кандидат, но тогаш еден човек од публиката пука во неа.[1]