Негорска Бања
Негорски бањи се наоѓа под југоисточните падини на планината Кожуф, на 5 км северозападно од градот Гевгелија и 2 километри од селото Негорци по кој таа го добила своето име , а на надморска височина од само 60 метри. Воедно, таа претставува најниската бања во целата наша земја.
Историјат и одлики
уредиЗа разлика од повеќето бањи во Македонија кои потекнуваат од римскиот период, оваа бања се смета дека прв почнал да ја експлоатира Шукри-паша кој овде прв изградил два базена за капење.
Овде се наоѓаат два извора, и тоа „Врела Бања“, со температура од 40°С и „Ладна бања“ со температура на водата од 38°С. Оваа бања, покрај извонредно поволната туристичко-географска положба во однос на главните комуникациски правци, располага и со 36 хектари густа и убава јасенова шума која се наоѓа во нејзината околина.
Во однос на сместувачките капацитети, овде се наоѓаат објектите „Божур“, „Јасен“ и „Илинден“, сите од „Б“ катергорија, кои располагаат со вкупно 336 легла. Сите тие се поврзани еден со друг а овде, покрај бројната останата содржина, се наоѓаат и два покриени и неколку базени кои се наоѓаат под отворено небо.
На само три километри од Гевгелија, во поднежјето на Кожуф, сместени во ретка јасенова шума, се простираат надалеко познатите Негорски бањи. Тие се природни термо минерални бањи од вулканско потекло, распослани на гевгелиското трусно подрачје.
Историски развој на Негорски Бањи
уредиНаспроти некои бањи во Република Македонија како што се Катлановската, Струмичката и други за кои се знае дека ги користеле уште Римјаните, Негорските термоминерални води како бања почнуваат да се користат дури во најново време.
Првите податоци за оваа термоминерална вода ги дава познатиот југословенски географ Јован Цвииќ кој го посетил овој крај во 1889 година.
Во 1902 година за неа пишува и Р. Хоернес. Меѓутоа, и едниот и другиот наведуваат дека овде постојат само термоминерални извори, но не и објекти кои ќе овозможат користење на истите.
Наредната 1903 година, заповедникот на турскиот гарнизон во Гевгелија, Шукри паша, изградил на појакиот извор бања, односно зграда со два базена и соби за одморање.
Базените и денеска постојат и тоа едниот е поголем и има тркалезна форма со пречник од 2,60 метри и длабочина од 1,20 метри, а вториот е помал и има форма на коцка. Првиот во почетокот служел за капење на жените на Шукри паша, а во вториот се капел само Шукри паша. Над базените на спрат се наоѓале соби, а постоела и една пространа тераса наменета за теферич (уживање) на пашата. По изградбата на бањата, пашата забранил на христијанското население да се капе во отворените вирови. Затоа топлиот вир кој се наоѓал јужно од бањата бил заграден со трска и почнал масовно да се користи од месното христијанско население.
По Првата светска војна, воениот гарнизон од Гевгелија на местото на топлиот извор подигнал бања со голем базен долг 9 метри, широк 4,5 метри и длабок 0,90 метри. Во состав на бањата се изградени и две соби за сместување и една за одморање.
Во периодот меѓу двете светски војни во бањата не се вршени некои пообемни градежни работи. Единствено по 1920 година се извршени одредени санациони работи, односно се изградени дренажни канали, преку кои е овозможено исушување на мочуриштата. Покрај честите поплави што ги правела Серменската Река и силниот земјотрес што ја зафатил и бањата во 1931 година придонел таа да се најде во многу запуштена состојба.
За време на Втората светска војна, бањата сосема е запуштена. За лошата состојба многу придонела и поплавата од Серменската Река и тоа во 1942 година, кога целиот бањски двор бил покриен со талог којшто навлегол и во базенот со топлата бања.
Негорски бањи позабрзан развој доживуваат дури во годините по ослободувањето.
Географска положба на Негорски бањи
уредиНегорската бања е сместена во Гевгелиската Котлина, на околу 4 км северно од Гевгелија.
Бањата се наоѓа во подножјето на планината Кожуф, на надморската височина од 60 метри. Бањскиот комплекс опфаќа површина од 25 хектари целосно пошумена, озеленета и релативно добро уредена површина.
Бањата се наоѓа во непосредна близина на магистралата Скопје – Солун. Таа има двојно значење, од една страна Бањата е добро поврзана со другите просторни целини, а од друга страна Бањата се наоѓа на мошне значаен транзитен правец, што и овозможува да се вклучи како понуда и во транзитниот туризам.
Сообраќајна поврзаност на бањата
уредиСообраќајната поврзаност претставува основен фактор на туристичкиот развој.
Бидејќи Негорска Бања се наоѓа во непосредна близина до меѓународната магистрала Е-75, таа е директно поврзана со овој патен правец преку крак од селото Негорци, а до неа се стигнува и преку Гевгелија.
Од овој град до Бањата води квалитетен асфалтиран пат, кој понатаму продолжува до соседните село Негорци и Прдејци. На оваа релација сообраќа редовна градска автобуска линија.
Со изградба на крак од автопатот до Бањата, нејзината сообраќајна положба осетно се подобри. Тоа претставува и одличен предуслов за забрзан развој на странскиот, особено транзитниот туризам.
Хидрографски одлики на бањата
уредиНегорските термоминерални извори се врзани за расед кој се протега од север – северозапад кон југ – југоисток. Тој расед има карактер на термална линија како резултат на тектонските процеси. Покрај главната раседна линија што се јавува во Гевгелиската Котлина, постојат и други разно димензирани пукнатини низ кои циркулира термо-минералната вода. На местата каде се вкрстуваат овие термални пукнатини се јавуваат термо-минерални извори, како на пример оние кај селото Смоквица, потоа оние во селото Горничет и други. Со тоа е докажано дека покрај постоењето на термо-минерална вода по природен пат, во Негорска Бања се јавува и артерска термоминерална вода. Термоминералната вода која по природен пат избива на површината до алувијалните слоеви, во нив се шири, па затоа во целиот овој слој на територијата на Бањата се јавуваат термоминерални извори.
Водата во негорските термоминерални извори се од вулканско потекло. За постоењето на раседните кои од своја страна условуваат непостојаност на теренот потврда се и појавувањето на честите сеизмички манифестации што се јавуваат во овој крај. Така за време на Валандовскиот земјотрес во 1931 година, во Негорска Бања се појавиле и нови извори, а изменет е и режимот на водата во постојаните. При тоа, температурата на водата се покачила, а се појавил и посеител млаз на пареа. Со смирување на почвата постепено се намалувала и температурата и штедроста на водата. Ова јасно укажува дека при изградба на новите објекти во бањата, на овој проблем мора да му се обрна потребно внимание. Најголемата штедрост од 1.1 л/сек има Новата Каптажа, другите два извора, Ладната и Топлата бања имаат речиси еднаква количини на вода 0.35л/сек. Вкупното богатство на сите три извори изнесува 1.80 што е помало во споредба на Косоврашката Бања 68.8 и Бања Банско 40л/сек. Количината на водата на изворите е иста во текот на целата година. По своите хемиски и физички својства, водата во Негорска Бања спаѓа во редот на хомотермални слабо минерализирани и слабо радиоактивни. Главниот хемиски состав на водата е натриум сулфатот.
Лекувачки можности на бањата
уредиТоплата минерална вода во Негорска Бања доаѓа во бањата неизменета, спроведена од изворите со помош на термо изолирани цевки, за да не изгуби од својата природна топлина. Нејзината минерализација е иста како и на изворот кога се пие од чаша. Тоа се нејзините големи предности. Нејзиното дејство при капењето главно е физикално, што значи дека таа делува со својата топлина и хидростатскиот притисок. Самиот факт дека нејзината топлина е еднаква на телесната топлина е од голема важност, бидејќи водата не мора да се загрева или лади. Негорските минерални води се познати по тоа што лечат голем број на болести меѓу кои:
- Ревматски заболувања
- Дегенеративни заболувања на коски и зголобови и рбетен столб
- Пострауматски и постооперативни состојби во ортопедија
- Остеопороза
- Заболувања на нервните систем
- Заболувања на гастроинтестинален систем
- Кожни заболувања
- Заболувања на уринарниот систем
- Кардиоваскуларни заболувања
- Респираторни заболувања
- Сите форми на коронарна болест
- Гинеколошки заболувања
Врз основа на проверените клинички успеси на болено терапија на бањското лекување денес се гледа како на рамноправно со другите можности, како нивен продолжен и дополнителен фактор. На околу 500 метри јужно од минералните извори се наоѓа и минералното блато (кал) на поголема површина. Тоа е единственото во Македонија и успешно се користи во здравствениот бањски комплекс. Бањскиот комплекс Негорски бањи има три хотели и тоа: “Јасен”, “Кала” и “Божур” во кои квалитетното сместување овозможува пријатен престој за сите гости. Собите располагаат со ТВ, интернет пристап, телефон, клима уред, фрижидер, тераса, тоалет и спална соба со бања.
Литература
уреди- Н. Ташков: Туристичките вредности на бањите во Република Македонија (Универзитет „Гоце Делчев“, Штип), април 2004.