Најдолгиот ден (филм од 1962)
„Најдолгиот ден“ (англиски: The Longest Day) — американски филм од 1962 година, во режија на Кен Анакин (Ken Annakin), Ендрју Мартон (Andrew Marton) и Бернхард Вики (Bernhard Wicki) по сценариото на (Cornelius Ryan), (Romain Gary), Џејмс Џоунс (James Jones), Дејвид Пурсал (David Pursall) и Џек Седон (Jack Seddon). Главните улоги ги играат: Џон Вејн (John Wayne), Роберт Мичам (Robert Mitchum), Хенри Фонда (Henry Fonda), Ричард Бартон (Richard Burton), Шон Конери (Sean Connery), Род Стајгер (Rod Steiger) и Роберт Вагнер (Robert Wagner). Филмот, снимен од тројца режисери и петмина сценаристи, се смета за еден од најголемите спектакли во историјата на филмот. Тој е заснован врз истоимената книга на Корнелиус Рајан, а прикажува краток временски период - неколку часа пред денот „Д“. Со буџетот од 10 милиони долари, со траење од речиси три часа, со вистинската воена опрема и неколку десетици илјади глумци и статисти (меѓу кои и професионални војници) и со оригинални локации, долго време тој бил најскапиот филм во црно-бела техника. Во филмот се појавува и познатиот пејач Пол Анка, кој ја компонирал насловната тема. Филмот освоил две награди „Оскар“ (за фотографија и за специјални ефекти), а имал уште три номинации за оваа награда. Исто така, филмот бил награден и со „Златен глобус“ за најдобра фотографија, со наградата „Еди“ на Американското здружение на монтажерите (за најдобра монтажа во долгометражен филм) и со наградата „Давид ди Донатело“ за најдобар странски филм.[1] [2]
Синопсис
уредиНа почетокот на јуни 1944 година се знаело дека сојузничките сили подготвуваат десант на Европа, никој не бил сигурен кога и каде ќе се случи тоа. Временската прогноза најавувала дека лошото време ќе продолжи и врз основа на тоа, германскиот воен штаб заклучил дека инвазијата ќе се случи подоцна. Сојузничките војници веќе подолго време биле во состојба на подготвеност и нестрпливо го чекале денот кога ќе заврши неизвесноста. Наспроти лошото време, на 5. јуни, генералот Ајзенхауер издава наредба инвазијата да почне утредента. Оттука, група сојузнички авиони, полни со падобранци, полетале кон Нормандија за да го подготват теренот за инвазијата....[1]