Народни носии од Преспа
Народните носии од Преспа се носеле во селата по брегот на Преспанското Езеро означени со топонимот Преспа. Во овој регион се носат две различни носии, секоја од нив со поинакви стилски и естетски одлики - носијата од Горна Преспа, кон која со незначителни разлики се приклучува и народното облекување од градот Ресен, и носијата од Долна Преспа. [1]
Носии од Горна Преспа
уредиЖенската носија
Во Горна Преспа женската носија се состои од кошула од тенко платно, украсена со извезени стилизирани вегетабилни мотиви на ракавите, од волнени или свилени разнобојни конци, врз која се облекува џупа од пругасто - шарен материјал и шегун од бела клашна со куси ракави, украсени со волнени поткити и гајтани.
Скутината предсемник се опашува под половината, каде што се наоѓа многупати обвиен црн, долг, плетен волнен појас. Одлика на невестинството е горната облека џубе од црна чоја со раскошни украси од срма. [1]
Машката носија
Мажите во с. Царев Двор и околните села во Горна Преспа носеле бела платнена кошула, која порано се везувала на затиломот и на предниците. Над неа се носело бело клашнено вермеле со црни гајтани, над кое се носела бела клашнена ќурдија со клинови опточени со гајтани. Тие клашнени облеки се сменале во црна боја околу почетокот на ХХ век и периодот меѓу двете св. војни.
Половината се опашувала со црн појас (како и кај жените), кој бил заменат со црвен појас кој бил широк една педа.
На нозете мажите носеле бели клашнени бечви/„клашни“ (од постарите мажи) кои биле прицврстени со навезан гаќник, и волнени чорапи орнаментирани на алена основа, заменати со еднобојни црни чорапи. На главата се носело плитко капче од црн шајак или црно кадифе згора везено со „патка“ од коприна.
За време на зимата носеле сива клашнена гуња со ќулавка за заштита на главата во зимно време, нозете биле завиткани со клашнени објала, и преку појасот се носело сиљав со пиштол и везмиња. [2][3]
Носии од Долна Преспа
уредиЖенската носија
Долна Преспа се наоѓа во најјужниот граничен дел и само неколку села се на територијата на Македонија, а сите останати од другата страна на границата.
Народната носија од овој предел е веќе сосема изобичаена. Од некои зачувани примероци дознаваме дека некогашните облеки, односно оние што биле во употреба до крајот на 19 век, биле сосема поинакви од тие во Горна Преспа. Кошулите се со богат вез на ракавите, клашнените облеки - шегуни, ресачки, декоративните ткаени скутини чултар, со богатите реснати украси од чоја, како и шарените плетени чорапи, сите во светлоцрвена боја, ја оформуваат носијата од овој регион.
Но наместо оваа носија, во која доминирале извезени и вткаени мотиви во светли и живи бои, под влијание на комитските акции во предилинденскиот период, а особено по востанието од 1903 година, почнуваат, како израз на жалост за неуспешниот обид за ослободување, да се носат облеки главно во црна боја.
Тие носии, во кои сите делови од носијата се приготвени и украсени со материјали во црна боја, брзо се прошируваат и во другите соседни региони (поточно во Прилепско Поле, Битолско Поле, Горни Битолски села и во Леринско Поле). [1]
Машката носија
Мажите во с. Сливница и околните села од Долна Преспа носеле бела платнена кошула (од памук) со долги и широки ракави, долга до над коленици. Над кошулата се носело џамадан ткаен од волна, над кој се носело ќурдија исто така ткаена долга до под коленици.
Над ќурдијата се носело ресачка чиј ракави биле сошиени подеди, ресачката била 2 прсти покуса од ќурдијата. Младите носеле бел џамадан шарен со оптоки. Ќурдијата била водена исто со оптоки.
Во прво време носеле бели, а покасно црни џамадани. На главата носеле фес турски и црвен и бел. Панталоните му биле волнени и прави, носеле долги гаќи памбучни. Под кошулата волнена фенела. Исто така носеле шарени волнени чорапи, објоги крпи волнени како ленти си ги давивале но дете до потколеници, и носеле јенински чевли со булки.[4]
Носии од Мала Преспа
уредиМашката носија во селата Туминец, Глобочани, и околните села во Мала Преспа се состои од бела платнена кошула и гаќи кои биле долги до под колената. Над нив се носеле црн шајачки елек и црни/кафеави шајачки панталони. На половината се опашувала црвен волнен појас.
На нозете носеле црни волнени чорапи кои биле долги до под-колена (со шара на горниот дел), опинци од говедска кожа врзани со објало – врвци од кожа врзани накрсно и чевли за време на празниците. Во зимско време се носело волнено џубе, крзнени капи (повеќето црни) итн. „ѕиври“. Носијата на помладите се разликува само во елеците, кои се во светли бои и од сатен.
Децата носат бели памучни кошули, шајачки панталони, еднобојни чорапи долги до под колена врзани со волнена врвца, и опинци. Во зимско време носат плетени капи од кои само лицето можи да се види.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 151. ISBN 9989-649-25-1.
- ↑ Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 105 и 106. ISBN 9989-48-009-5.
- ↑ Антова, Аница (1949). „Народна носија во Горна Преспа (од страна 9)“ (PDF).
- ↑ Белевски, Славко. „Обичаите и носијата во село Сливница на Преспанско Езеро“ (PDF).
- ↑ Џандарова, Елена (1962). „Народна носија во селата Туминец и Глобочани на Преспанското Езеро (стр. 5 до 10)“ (PDF).
Надворешни врски
уреди- Преспа е распостранета во општините Ресен, Преспа и Пустец
- Преспанското езеро