Мумија (филм од 1932)
Мумија (англиски: The Mummy) — американски филм од 1932 година, во режија на Карл Фројнд (Karl Freund), според сценариото на Нина Вилкокс Путнам (Nina Wilcox Putnam) и Ричард Шајер (Richard Schayer). Главните улоги ги играат: Борис Карлоф (Boris Karloff), Зита Џохан (Zita Johann), Дејвид Менерс (David Manners), Артур Бајрон (Arthur Byron) и Едвард Ван Слоун (Edward Van Sloan).
Содржина
уредиПознатиот англиски археолог Џозеф Вемпл (го игра Бајрон) пронаоѓа необична мумија во Египет — од телото не биле извадени внатрешните органи, туку станува збор за принцот Имхотеп (го игра Карлоф), кој бил жив закопан. Заедно со мумијата е пронајден и ковчег со записот на богот Тот, кој може да ги оживее мртвите. Еден член на експедицијата го отвора ковчегот и се обидува да го прочита записот, но тогаш мумијата оживува, а тој полудува од страв. Десет години подоцна, синот на Џозеф, Френк Вемпл (го игра Менерс) се подготвува да го напушти Египт, откако неговата археолошка експедиција завршува неуспешно. Меѓутоа, него го посетува непознат човек, кој му соопштува каде се наоѓа гробницата на една древноегипетска принцеза. Пронајдената мумија на принцезата е изложена во музејот во Каиро, а во Египет доаѓа и професорот Џозеф Вемпл. Една вечер, музејот го посетува мистериозниот човек, кој ја изговара молитвата со цел да ја оживее принцезата. Меѓутоа, неговите зборови ја хипнотизираат Хелен Гросвенор (ја игра Џохан), ќерката на британскиот гувернер на Судан, која во тоа време се наоѓа на една забава. Таа се обидува да влезе во музејот и паѓа во несвест на влезот, а ја спасуваат таткото и синот Вемпл. Истовремено, чуварот на музејот го здогледува натрапникот во музејот, но веднашпаѓа мртов. Френк Вемпл се вљубува во Хелен, а во неговиот стан доаѓа непознатиот човек, кој си го бара записот на богот Тот. Тогаш, докторот Милер (го игра ван Слоун), кој ја придружува Хелен, открива дека непознатиот човек е мумијата на принцот Имхотеп, откриена од професорот Вемпл. Кога професорот Вемпл се обидува да го запали записот, Имхотеп го убива со помош на телепатија. Истовремено, тој ја принудува Хелен да го посети во неговиот дом и тогаш ѝ кажува дека таа е духот на неговата мртва принцеза. Подоцна, тој повторно ја хипнотизира Хелен и се обидува да ја убие, сакајќи да ја оживее со помош на записот на богот Тот и така и неа да ја претвори во бесмртна мумија. Меѓутоа, Хелен ја замолува божицата Изида, која го убива Имхотеп во моментот кога тој се обидува да ја убие Хелен. Тогаш, мумијата на Имхотеп се распаѓа, а Хелен и Френк конечно можат да бидат заедно.[1]