Месечев јазол — еден од двата орбитални јазли на Месечината, т.е. двете точки во кои Месечевата орбита ја пресекува еклиптиката. Искачувачкиот (или северен) јазол е местото каде Месечината преоѓа во северната еклиптичка полутопка, додека спуштачкиот (или јужен) јазол е местото каде Месечината стапува во јужната еклиптичка полутопка.

Месечевите јазли се двете точки во кои Месечевата орбитална патека ја сече еклиптиката — привидната годишна патека на Сонцето по небесната сфера.

Затемнувања

уреди
 
Прецесијата на месечевите јазли додека Земјата се врти околу Сонцето предизвикува сезона на затемнување на секои шест месеци.

Затемнувањето на Месечината се случува само кога полната месечина се наоѓа близу еден од месечевит јазли (во рамките на 11° 38' еклиптичка должина), а пак затемнувањето на Сонцето се случува само кога млада месечина е близу еден од месечевите јазли (во рамките на 17° 25').

Двете сончеви затемнувања во 2000 г. (на 1 и 31 јули) се случиле во истото време кога Месечината била во нејзиниот искачувачки јазол. Затемнувањата при искачувачки јазол во спросек се повторуваат на секоја змејска година, што изнесува 0,94901 грегоријански години, а истото важи и за затемнувањата при спуштачки јазол.

Прецесија

уреди

Бидејќи орбиталната рамнина на Месечината прецесира во просторот, месечевите јазли исто така прецесираат околу еклиптиката, исполнувајќи едно свртување (наречено змејски или јазолен период) за 18,612958 години (6.798,383 денови). (Ова не е ист период како саросот.) Истиот циклус изнесува 18,599525 години мерен низ инерцијален појдовен систем како меѓународниот небесен појдовен систем (ICRS), координатен систем во однос на неподвижните ѕвезди.

Имиња и симболи

уреди
 
Змејот во Царска астрономија на Петар Апијан, 1540 г.

Јазлите носат различни имиња во разни култури низ светот. Во средновековните дела, јазлите се нарекуваат рас ва денав ел-тинин на арапски и ха-тели у-зенаво на хебрејски. На латински се нарекуваат капут драконис и кауда драконис. Во општа употреба, искачувачкиот јазол се нарекува змејска глава (симб. ☊), а спуштачкиот јазол е познат како змејска опашка (симб. ☋).

Во индиската астрономија, јазлите, заедно со седумте планети се вбројуваат во деветте наваграхи; искачувачкиот јазол ☊ се нарекува Раху, а спуштачкиот ☋ е Кету.[1] Во тибетската астрологија (делумно заснована на калачакранската тантра) овие тие се нарекуваат Раху и Калагни.[2]

Деклинациски крајности

уреди

Месечевата орбита е наклонета 5,14° кон еклиптиката. Затоа, Месечината може да биде до 5° севернјо или јужно од еклиптиката. Еклиптиката е наклонета 23,44° кон небесниот екватор, чија рамнина е нормална на вртежната оска на Земјата. Поради ова, еднаш во текот на јазолниот период од 18,6 години (кога искачувачкиот јазол на Месечевата орбита се совпаѓа со пролетната рамноденица), Месечевата деклинација достигнува максимум и минимум (северни и јужни крајности): околу 28,6° од небесниот екватор. Затоа, азимутот на изгревот или залезот на Месечината има крајни северни и јужни точки на хоризонтот; Месечината во кулминација ја достигнува најмалата и најголемата висина (кога телото го преминува меридијанот); а првата појава на млада месечина потенцијално ги означува најдоцните времиња. Покрај тоа, прикривањата на ѕвезденото јато Плејади (сместено преку 4° северно од еклиптиката) од страна на Месечината, се случува за време на споредбено краток период по еднаш на секој јазолен период.

Дејство врз плимите

уреди

Прецесијата на месечевите јазли има мало дејство врз плимата и осеката на Земјата, било на атмосферските, океанските или копнените.[3][4] Националната океанска и атмосферска управа на САД (NOAA) определува среден ниж низок водостој (MLLW) на дадено место со упросечување на најнискиот плимен водостој забележан на тоа место секој ден во текот на 19 години; ова се нарекува „национална плимна појдовна епоха“ (National Tidal Datum Epoch).[5] 19-годишниот период на евиденција е најблиското целогодишнјо заокружување на 18,6-годишниот циклус на месечевите јазли.[6]

Заедно со покачувањето на морското ниво предизвикано од глобалното затоплување, се предвидува дека прецесијата на месечевите јазли ќе придонесе за големо зачестување на крајбрежните поплавуви во текот на 2030-тите.[7]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Hartner, Willy (1938), „The Pseudoplanetary Nodes of the Moon's Orbit in Hindu and Islamic Iconographies: A Contribution to the History of Ancient and Medieval Astrology“, Ars Islamica, 5 (2): 112–154, JSTOR 4520926
  2. Berzin, Alexander (1987), „An Introduction to Tibetan Astronomy and Astrology“, The Tibet Journal, 12 (1): 17–28, JSTOR 43300228
  3. Godin, G. (2015). The Use of Nodal Corrections in the Calculation of Harmonic Constants. The International Hydrographic Review, 63(2). Retrieved from https://journals.lib.unb.ca/index.php/ihr/article/view/23428
  4. Kaye, Clifford A.; Stuckey, Gary W. (1973). „Nodal Tidal Cycle of 18.6 Yr.: Its Importance in Sea-Level Curves of the East Coast of the United States and Its Value in Explaining Long-Term Sea-Level Changes“. Geology. 1 (3): 141. Bibcode:1973Geo.....1..141K. doi:10.1130/0091-7613(1973)1<141:NTCOYI>2.0.CO;2. ISSN 0091-7613.
  5. „Tidal Datums“. Tides and Currents. NOAA.
  6. „Tidal Datums and Their Applications“ (PDF). Tides and Currents. Silver Spring, MD: NOAA (Special Publication NOS CO-OPS 1). јуни 2000.
  7. Thompson, Philip R.; Widlansky, Matthew J.; Hamlington, Benjamin D.; Merrifield, Mark A.; Marra, John J.; Mitchum, Gary T.; Sweet, William (јули 2021). „Rapid increases and extreme months in projections of United States high-tide flooding“. Nature Climate Change (англиски). 11 (7): 584–590. Bibcode:2021NatCC..11..584T. doi:10.1038/s41558-021-01077-8. ISSN 1758-678X. S2CID 235497055 Проверете ја вредноста |s2cid= (help).

Надворешни врски

уреди