Лицев живец

(Пренасочено од Лицев нерв)

Лицев живец (лат. nervus facialis) ― седми черепен живец кој излегува од Варолиевиот мост (pons) на мозочното стебло, ги контролира мимичните мускули на лицето (musculi faciei) и ги спроведува сензациите на вкус од предните две третини на јазикот.[1][2] Тој патува од Варолиевиот мост низ лицевиот канал (canalis nervi facialis) во слепоочната коска (оs temporale) и излегува од черепот низ стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum). Почнува во мозочното стебло во област зад очноодводниот живец (CN VI) и пред тремнополжавестиот живец (CN VIII). Тој исто така носи преганглионски парасиматички влакна до неколку ганглии на главата и вратот.

Лицев живец
Пат на лицевиот живец
Живци на скалпот, лицето и вратот.
Податоци
Одјадро на лицевиот живец, посреден живец
Воголем петрозен живец,
НадразнуваМоторна: мимични мускули, задно меше на двомешестиот мускул, стилохиоиден мускул, мускул на узенгија
Специјална сетилна: вкус од предните две третини на јазик
Парасиматичка: подвилична жлезда, подјазична жлезда, солзна жлезда
Назнаки
Латинскиnervus facialis
TAA14.2.01.099
FMAFMA:50868

Структура

уреди

Јадра во мозочното стебло

уреди

Клеточните тела на еферентните нервни влакна кои ги инервираат мимичните мускули на лицето се наоѓаат во моторното јадро на лицевиот живец (nucleus nervi facialis), сместено во каудалниот дел на вентролатералниот tegmentum pontis. Клеточните тела на парасиматичките еферентни влакна се наоѓаат во горното саливаторно јадро (nucleus salivatorius superior), кое исто така се наоѓа во tegmentum pontis. Парасиматичките гранки на нервот се секреторни влакна наменети за солзната жлезда, жлездите на носната слузокожа, непчената жлезда, подјазичната и подвиличната жлезда. Аферентните нервни влакна се густорецепторни (ги пренесуваат сензациите за вкус од густативните папили на јазикот), а завршуваат во nucleus tractus solitarii medullae oblongatae.

Пат на живецот

уреди

Посредниот живец (nervus intermedius) е гранка на лицевиот живец која ги носи парасиматичките и сетилните влакна. При напуштање на мозочното стебло, моторните и сетилните гранки на лицевиот живец се спојуваат и минуваат низ задната черепна јама (fossa cranii posterior) пред да влезат во петрозниот дел на слепоочната коска (pars petrosa ossis temporalis) преку внатрешниот слушен канал (meatus acusticus internus). По излегувањето од внатрешниот слушен канал, живецот минува низ каналот на лицевиот живец или фацијален канал (canalis nervi facialis), кој е поделен на лавиринтски, тапански и мастоиден сегмент.

Лавиринтскиот сегмент на фацијалниот канал е многу краток и завршува со свиок познат како колено на фацијалниот канал, кој го содржи коленестиот ганглион (ganglion geniculi nervi facialis) за клеточните тела на аферентните нервни влакна (густорецепторни). Првата гранка на лицевиот живец, големиот петрозен живец (nervus petrosus major), се одвојува на ниво на коленестиот ганглион, влегува во средната черепна јама (fossa cranii media), минува низ foramen lacerum, влегува во птеригоидниот канал (canalis pterygoideus) и завршува во крилестонепчаниот ганглион (ganglion pterygopalatinum), кој се наоѓа во крилестонепчаната јама (fossa pterygopalatina), каде гради синапси. Длабокиот петрозен живец (nervus petrosus profundus), кој носи симатички влакна од внатрешниот каротиден сплет (plexus caroticus internus), се спојува со големиот петрозен живец на влезот во птеригоидниот канал и заедно го градат живецот на птеригоидниот канал (n. canalis pterygoidei) или Видиев живец (по италијанскиот анатом и хирург Видус Видиус).

Во тапанскиот сегмент на фацијалниот канал, лицевиот живец минува низ тапанската празнина на средното уво (cavitas tympani), медијално од наковалната (incus).

Пирамидалната еминенција е вториот свиок на лицевиот живец, каде тој се движи надолу како мастоиден сегмент. Во слепоочниот дел на фацијалниот канал, од лицевиот живец се одвојуваат живецот за мускулот на узенгијата (nervus stapedius) и тапанската врвца (nervus chorda tympani). Тапанската врвца се протега помеѓу чеканчето и наковалната, на медијалната површина на вратот на чеканчето. Таа продолжува низ петротимпаничната пукнатина (fissura petrotympanica), по што излегува од черепот кај подслепоочната јама (fossa infratemporalis). Потоа се спојува со јазичниот живец (nervus lingualis), кој е гранка на долновиличниот живец (nervus mandibularis или V3). Влакната на тапанската врвца патуваат со јазичниот живец до подвиличниот ганглион (ganglion submandibulare). Овде, преганглионските влакна на тапанската врвца градат синапси со постганглионски влакна кои продолжуваат за да ги инервираат подјазичните и подвиличните плунковни жлезди. Специјални сетилни (вкусни) влакна, исто така, патуваат со тапанската врвца од предните 2/3 на јазикот преку јазичниот живец.

По излегувањето од стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum), лицевиот живец го создава задниот ушен живец (n. auricularis posterior). Лицевиот живец потоа поминува низ паротидната жлезда, која не ја инервира, каде го формира паротидниот сплет (plexus parotideus), кој се дели на пет гранки: слепоочна (rami temporales nervi facialis), јаболчна (rami zygomatici nervi facialis), букална (rami buccales nervi facialis), маргинална долновилична (ramus marginalis mandibularis nervi facialis) и вратна (ramus colli nervi facialis), кои ги инервираат мимичните мускули.[3][4]

Внатрешночерепни (интракранијални) гранки

уреди

Големиот петрозен живец (nervus petrosus major) поаѓа од горното саливаторно јадро во Варолиевиот мост и носи парасиматичка инервација кон неколку жлезди, вклучувајќи ги носните жлезди (glandula nasales), непчените жлезди (glandulae palatinae), солзната жлезда (glandula lacrimalis) и голтниковата (фарингеална) жлезда. Тој, исто така, дава парасиматичка инервација на клинестиот синус (sinus sphenoidalis), челниот синус (sinus frontales), виличниот синус (sinus maxilliaris), ситестиот синус (cellulae ethmoidales,labyrinthi ethmoidales) и носната празнина (cavum nasi). Овој живец носи и влакна за вкус од непцето преку малиот непчен живец (nervi palatini minores) и големиот непчен живец (nervus palatinus major).

Живецот за мускулот на узенгијата (nervus stapedius) дава моторна инервација на мускулот на узенгијата (musculus stapedius) во средното уво.

Тапанската врвца (nervus chorda tympani) дава парасиматичка инервација на подјазичните жлезди (glandula sublingualis) и подвиличните жлезди (glandula submandibularis), како и специјални сетилни влакна за вкус од предните две третини на јазикот.[1]

Надворешночерепни (екстракранијални) гранки

уреди

Дистално од стиломастоидниот отвор (foramen stylomastoideum), од лицевиот живец се одделуваат следните гранки:

Слепоочната гранка на лицевиот живец (или фронтална гранка) го преминува јаболчниот лак (arcus zygomaticus) до слепоочниот регион, снабдувајќи ги musculus auricularis anterior и musculus auricularis superior, а потоа се спојува со зигоматично-темпоралната гранка (ramus zygomaticotemporalis nervi zygomatici) на горновиличниот живец (nervus maxillaris, V2) и со ушно-слепоочната гранка (nervus auriculotemporalis) на долновиличниот живец (nervus mandibularis, V3). Попредните гранки ги снабдуваат venter frontalis musculi occipitofrontalis, кружниот мускул на окото (musculus orbicularis oculi ) и мускулот собирач на веѓите (musculus corrugator supercilii) и се спојуваат со супраорбиталната (nervus supraorbitalis) и лакрималната (nervus lacrimalis) гранка на офталмичниот живец (n. ophthalmicus, V1). За да се тестира функцијата на слепоочната гранка на лицевиот живец, од пациентот се бара да се намурти и да го збрчка челото.

Јаболчната гранка на лицевиот живец поминува низ јаболчната коска (os zygomaticum) до страничниот агол на очната празнина. Овде, таа го снабдува кружниот мускул на окото (musculus orbicularis oculi) и се спојува со филаменти од солзниот живец (nervus lacrimalis) и зигоматикофацијалната гранка (ramus zygomaticofacialis nervi zygomatici) на горновиличниот живец (nervus maxillaris, V2).

Букалната гранка на лицевиот живец (инфраорбитална гранка) е поголема од останатите гранки, минува хоризонтално напред, и нејзините гранки се распределуваат под очната празнина и околу устата. Тие ги снабдуваат следните мимични мускули: мускул на насмевнување (musculus risorius), образен мускул (musculus buccinator), мускул подигнувач на горната усна (musculus levator labii superioris), мускул подигнувач на горната усна и носното крилце (musculus levator labii superioris alaequae nasi), мускул подигнувач на усниот агол (musculus levator anguli oris), носен мускул (musculus nasalis), кружен мускул на усните (musculus orbicularis oris), мускул спуштач на носната преграда (musculus depressor septi nasi) и тенок мускул (musculus procerus).

Маргиналната долновилична гранка на лицевиот живец поминува напред под платизмата и мускулот спуштач на усниот агол (musculus depressor anguli oris), снабдувајќи ги мускулите на долната усна и брадата, а комуницира со менталната гранка на долниот забен живец (nervus alveolaris inferior). Таа ги инервира следните мускули: мускулот спуштач на долната усна (musculus depressor labii inferioris), мускулот спуштач на усниот агол (musculus depressor anguli oris) и мускулот на брадата (musculus mentalis).

Вратната гранка на лицевиот живец се протега нанапред под платизмата и формира низа лакови низ страната на вратот над супрахиоидниот регион. Една гранка се спушта за да се приклучи на вратниот кожен живец (nervus transversus colli) од вратниот сплет (plexus cervicalis). Вратната гранка на лицевиот живец ја снабдува платизмата.

Развој

уреди

Ембриолошки лицевиот живец е изведен од вториот фарингеален лак (arcus pharyngei). Вториот лак се нарекува хиоиден лак бидејќи придонесува за формирање на помалиот рог и горниот дел од телото на подјазичната (или хиоидна) коска (остатокот од подјазичната коска го формира третиот фарингеален лак). Лицевиот живец дава моторна и сетилна инервација на мускулите кои се формираат од вториот фарингеален лак. Моторниот дел на лицевиот живец е изведен од базалната плоча (lamina basalis) на ембрионалниот Варолиев мост, додека сетилниот дел потекнува од мозочниот гребен (crista neuralis cranialis).[5]

Иако предните две третини на јазикот потекнуваат од првиот фарингеален лак, од кој исто така потекнува и трогранковиот живец, овој живец не ја обезбедува целата инервација на јазикот. Јазичната гранка на долновиличниот живец (nervus mandibularis, V3) дава сензации на притисок, топлина, текстура на предниот дел на јазикот преку општи соматски аферентни влакна. Нервни влакна за вкус се снабдени од тапанската врвца (nervus chorda tympani), која е гранка на лицевиот живец, преку специјални висцерални аферентни влакна.[6]

Функција

уреди

Израз на лицето

уреди

Главната функција на лицевиот живец е моторна контрола на сите мимични мускули (musculi faciei). Тој, исто така, го инервира задното меше на двомешестиот мускул (musculus digastricus), стилохиоидниот мускул (musculus stylohyoideus) и мускулот на узенгијата (musculus stapedius) во средното уво. Сите овие мускули се напречно-пругасти мускули со бранхиомерно потекло кои се развиваат од вториот фарингеален лак.

Сензации од лицето

уреди

Дополнително, лицевиот живец спроведува сензации на вкус од предните две третини на јазикот преку тапанската врвца (nervus chorda tympani). Сензациите за вкус се испраќаат до горниот дел на nucleus tractus solitarii medullae oblongatae. Општите сензации од предните две третини на јазикот се спроведуваат од аферентни влакна на третата гранка на трогранковиот живец (V3). Овие сетилни (V3) и вкусни (VII) влакна патуваат заедно како јазичен живец (nervus lingualis) пред тапанската врвца да го напушти јазичниот живец за да влезе во средното уво преку петротимпаничната пукнатина (fissura petrotympanica). Овде тапанската врвца  се спојува со остатокот од лицевиот живец преку каналчето на тапанската врвца. Лицевиот живец потоа го формира коленестиот ганглион (ganglion geniculi nervi facialis), кој ги содржи клеточните тела на аферентните влакна за вкус на тапанската врвца и други сетилни патишта. Од коленестиот ганглион, аферентните влакна за вкус продолжуваат како посреден живец (nervus intermedius), кој оди до горниот преден квадрант на фундусот на внатрешниот слушен канал (meatus acusticus internus) заедно со моторниот корен на лицевиот живец. Посредниот живец доаѓа до задната черепна јама преку внатрешниот слушен канал пред да гради синапси во nucleus tractus solitarii medullae oblongatae.

Лицевиот живец, исто така, обезбедува малку аферентна инервација на орофаринксот под непчаниот крајник (tonsilla palatina). Исто така, посредниот живец носи малку кожни сензации од регионот на ушната школка (auricula).

Други функции

уреди

Лицевиот живец, исто така, носи парасиматички влакна до подвиличните жлезди (glandula submandibularis) и подјазичните жлезди (glandula sublingualis) преку тапанската врвца. Парасиматичката инервација служи за зголемување на протокот на плунка од овие жлезди. Лицевиот живец, исто така, обезбедува парасиматичка инервација на носната слузница и солзните жлезди (glandula lacrimalis) преку крилестонепчаниот ганглион (ganglion pterygopalatinum). Парасиматичките влакна кои патуваат со лицевиот живец потекнуваат од горното саливаторно јадро (nucleus salivatorius superior).

Функционални компоненти

уреди

Лицевиот живец носи аксони од типот GSA (англ. General Somatic Afferent, општи соматски аферентни влакна), до кожата на задното уво.

Лицевиот живец, исто така, носи аксони од типот GVE (англ. General Visceral Efferent, општи висцерални еферентни влакна), кои ги инервираат подјазичните, подвиличните и солзните жлезди, и мукозата на носната празнина.

Аксоните од типот SVE (англ. Special Visceral Efferent, специјални висцерални еферентни влакна) ги инервирани мимичните мускули на лицето, мускулот на узенгијата, задното меше на двомешестиот мускул и стилохиоидниот мускул.

Аксоните од типот SVA (англ. Special Visceral Afferent, специјални висцерални аферентни влакна) ја спроведуваат сензацијата за вкус од предните две третини од јазикот преку тапанската врвца.

Клиничко значење

уреди

Парализа

уреди

Луѓето може да страдаат од акутна парализа на лицевиот живец, која обично се манифестира со парализа на лицето.[7] Беловата парализа е еден вид на идиопатска акутна парализа на лицевиот живец, која најверојатно се јавува како резултат на вирусна инфекција, а понекогаш и како резултат на Лајмска болест. Јатрогената Белова парализа може да се јави како резултат на неправилно администриран дентален локален анестетик (блок на долниот алвеоларен нерв).

Испитување

уреди

Волните движења на лицето, како што се збрчкување на веѓите, покажување заби, муртење, цврсто затворање на очите (неможноста да се направи тоа се нарекува лагофталмус), стискање на усните и дување на образите, се користат за тестирање на функционалноста на лицевиот живец.

Дополнителни слики

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „The Facial Nerve (CN VII) - Course - Functions - TeachMeAnatomy“. teachmeanatomy.info. Посетено на 2022-07-08.
  2. „facial nerve | anatomy | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2022-07-08.
  3. Gupta, Sachin; Mends, Francine; Hagiwara, Mari; Fatterpekar, Girish; Roehm, Pamela C. (2013). „Imaging the facial nerve: a contemporary review“. Radiology Research and Practice. 2013: 248039. doi:10.1155/2013/248039. ISSN 2090-1941. PMC 3676972. PMID 23766904.
  4. Снел, Ричард (2011). Clinical Anatomy by Regions. Lippincott Williams & Wilkins; 9th edition. ISBN 978-1451110326.
  5. Dudek (2014). BRS Embryology (Board Review Series). LWW; Sixth edition. ISBN 978-1451190380.
  6. Moore KL, Persaud TV, Torchia MG (2011). The Developing Human: Clinically Oriented Embryology with Student Consult Online Access, 9th Edition. Saunders. ISBN 978-1437720020.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  7. Masterson, Liam; Vallis, Martin; Quinlivan, Ros; Prinsley, Peter (2015-09-16). „Assessment and management of facial nerve palsy“. BMJ (Clinical research ed.). 351: h3725. doi:10.1136/bmj.h3725. ISSN 1756-1833. PMID 26378061.