Плунка — слузеста, пенлива малку заматена течност, без боја, мирис и вкус. Дневното колиество на излачена плунка е различно и обично е во границите од 1 до 1,5 литри. Електрохемиската реакција на плунката е од слабо кисела до слабо базна (неутрална).[1]

Состав

уреди

Плунката е составена од околу 99% вода и од околу 0,5% до 1% растворени материи (неоргански соли, белковини и сл.). Од неорганските материи најмногу има натриум и калиум во вид на хлориди, фосфати и бикарбонати. Од овие соли особено важно е присуството на калциум бикарбонат кој со стоењето на плунката во усната празнина поминува во калциум карбонат, кој заедно со белковините во овој дел на дигестивниот тракт се таложи на забите, создавајќи забен камен. Од органските делови најмногу има белковини и ензими. Од белковините најзастапени се муцинот и албуминот, а од ензимите има амилаза и малтаза.

Плунката е составена од два различни секрети, првиот серозен кој содржи амилаза и вториот мукозен кој содржи муцин. Врз лачењето на плунката свое влијание имаат повеќе фактори, како што се: џвакањето, говорот, механичките и хемиските дразби, дразнењето на сетилата за мирис и вкус, дразнењето на желудникот итн.[1]

Излачување на плунката

уреди

Секрецијата на плунката е контролирана од нервни импулси што потекнуваат од нервни јадра што се сместени меѓу продолжениот мозок и понсот. Самиот процес на излачување на плунката може да се подели на три фази:

  • Првата фаза настапува со самата помисла за некоја храна или со чувствувањето на нејзиниот пријатен мирис
  • Втората фаза се јавува како резултат на надразнувањето на соодветните центри на секреција на плунката што се сместени во кората на големиот мозок.
  • Третата фаза е резултат на рефлексите во желудникот како одговор на некоја непријатна храна што предизвикува мачнина во тој дел на дигестивниот тракт.[2]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр. 57
  2. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр. 57/58