Милош Обреновиќ

(Пренасочено од Кнез Милош)

Милош Обреновиќ I [белешка 1] (српски: Милош Обреновић, 18 март 1780 - 26 септември 1860) — кнез на Србија од 1815 до 1839 година, повторно се вратил на власт во периодот 1858 - 1860 година. Учествувал во Првото српско востание и го предводел Второто српско востание. Тој е основач на династијата Обреновиќ. Во текот на неговото владеење, Србија станала автономно кнежевство во рамките на Османлиското Царство. Милош владеел авторитарно, одбивал да ја ограничи и дели власта, поради што против неговата власт биле покренати неколку буни. Во текот на своето владеење, Милош бил најбогатиот човек во Србија и еден од најбогатите на Балканот [1].

Милош Обреновиќ I
кнез на Србија
Портретот на Милош Обреновиќ е дело на австрискиот сликар Мориц М. Дафингер. Насликан околу 1848 г. и се наоѓа во Народниот музеј во Белград
На престол18151839 год.
ПретходникКараѓорѓе Петровиќ
НаследникМилан Обреновиќ I
Жена
  • Љубица Обреновиќ
ДецаПетрија, Савка, Габријела, Марија, Тодор, Милан, Михаило
Полно име
Милош Теодоровиќ Обреновиќ
ДинастијаОбреновиќ
ТаткоТеодор Михајловиќ
МајкаВишња Гојковиќ

Потекло

уреди

Династија Обреновиќ

уреди
 
Љубица Вукомановиќ

Милош Обреновиќ бил син на Вишња Гојковиќ и нејзиниот втор сопруг Теодор Михаиловиќ, сиромашен селанец од Црна Гора. Тој е роден во селото Горна Добриња кај Пожега. Милош е најстариот од тројцата синови од овој брак. Негови родени браќа се Јеврем и Јован.

Неговата мајка претходно била во брак со Обрен Мартиновиќ од Брусница, а од овој брак, Милош имал сестра и двајца полубраќа Стана, Јаков и Милан. Во младоста, Милош бил слуга во семејството на Аксентиј Јечемениц, богат трговец со добиток од Златибор. Во 1805 година се оженил со Љубица Вукомановиќ.

Милошевото презиме било Теодоровиќ. Презимето Обреновиќ го зел од својот полубрат Милан, кој бил истакнат војвода и имал голем углед меѓу српското население. Не е доволно јасно кога Милош почнал да го користи презимето Обреновиќ. Најчесто мислење е дека тој го сторил тоа по смртта на својот брат Милан во 1810 година, меѓутоа новите откритија покажуваат дека тој уште во 1808 година се потпишувал како Милош Обреновиќ [2].

Учество во борбите против Османлиите

уреди

Милош учествувал во Првото српско востание предводено од Караѓорѓе Петровиќ. Поради својата храброст, Караѓорѓе му ја доверил управата и одбраната на Ужичката нахија. По задушувањето на востанието, Милош бил единствен од истакнатите водачи кој останал во Србија. Добил амнестија од Османлиите и бил поставен за оборкнез на Рудничката, а потоа на Пожечката и Крагуевачката нахија.

На 23 април 1815 година во Таково било кренато Второто српско востание на чело со Милош. Тој учествувал во сите поголеми битки и лично ги предводел преговорите со Османлиите. На 25 октомври 1815 година, склучил договор со Али Паша за создавање на една мешана српско-турска администрација во Смедеревскиот санџак. Договорот бил потврден со посебен ферман, а Србите добиле значајни официјални привилегии.

Милош на секој можен начин се стремел да ја зајакне својата позиција и да издејствува поголеми автономни права за Србија. Османлиите ги подмитувал, а своите непријатели ги елиминирал (Петар Молер, Мелентија Никшиќ, Сима Марковиќ и Павле Цукиќ). Во јули 1817 година, тајно во Србија пристигнал Караѓорѓе Петровиќ за да организира заедничко востание на Србите, Грците и Бугарите, меѓутоа Милош наредил да биде убиен Караѓорѓе, негов потенцијален конкурент за власта во Србија.

Кнез на Србија

уреди
 
Портрет на Милош
 
Печатот на Милош
 
Споменик на Милош

Со својата умешна дипломатија и политичка тактичност, Милош во 1830 година успеал да издејствува посебен султанов хатишериф за делумна внатрешна самоуправа и слобода за училиштата. Со посебен берат, на Милош му била призната кнежевската титула. Милош бил неписмен, меѓутоа тој добро ги разбирал потребите на новото време. Благодарение на него, српската младина започнала да се школува во Хабсбуршката монархија, Русија и германските земји, а на негов повик, во Србија почнале да пристигнуваат доктори, професори, инженери и др. Економијата почнала да се подобрува, а дел од населението било испраќано во опустошените области каде добиле даночни олеснувања.

Деспотскиот начин на владеење, придонел да дојде до обединување на значачен дел од старешинскиот слој против него. Неговите политички непријатели во 1835 година, успеале да му наметнат првиот устав во историјата на современата српска држава, познат како Сретењски устав. Меѓутоа овој устав бргу бил суспендиран, бидејќи не им одговарал на Русија, Хабсбуршката монархија и Османлиското Царство. Во 1838 година, бил донесен еден хатишериф кој е познат како Турски устав. Со него, власта на кнезот била ограничена од еден Совет со одреден број на членови кои Милош не можел да ги замени.

На 1 јуни 1839 година, Милош бил принуден да абдицира и ја напуштил Србија. Бил наследен од својот син Милан кој бил болен од туберкулоза и починал по еден месец, а престолот бил преземен од Михајло. Новиот владетел, управувал по примерот на својот татко и набргу бил принуден и тој да ја напушти Србија. Уставобранителите во 1842 година, успеале да му ја доделат власта на Александар, кој бил син на Караѓорѓе Петровиќ. Тој владеел до 1858 година. По деветнаесет години на прогонство, со одлука на Светоандрејското собрание, Милош се вратил во Србија и го започнал своето второ, краткотрајно владеење кое траело до 1860 година.

Наследство

уреди

Куќата на Милош во Горња Црнуќа од која Милош две години управувал со Србија и каде била донесена одлука за кревање на Второто српско востание, е прогласена за споменик на културата од особено значење. Според Милош е именувана улица во Белград. Во 2004 година пред зградата на владата на Србија е подигнат споменикот Таковско востание.

Милош Обреновиќ како мотив во уметноста

уреди

Белешки

уреди
  1. Треба да се истакне дека редоследот на кнезовите од династијата Обреновиќ се одредува според презимето, а не од името како во западните монархии. Според западната традиција името на Милош би требало да биде Милош I Обреновиќ. Пример: Михајло, според западната логика требало да дојде на престолот под името Михајло I, меѓуто според српската историографија тој се именува како Михајло Обреновиќ III, бидејќи бил третиот Обреновиќ кој владеел.

Извори

уреди
  1. Guy Gauthier, Les Aigles at les Lions, Histoire des monarchies balkaniques, Éditions France-Empire, 1996
  2. Милорад Бошњак, Слободан Јаковљевић: Обреновићи, сакривена историја, ЛИО, Горњи Милановац 2006, ISBN 86-83697-33-9
  3. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 271.

Надворешни врски

уреди