Карактер (филм од 1997)

Карактер (холандски: Karakter) - холандски филм од 1997 година, во режија на Мајк ван Дим (Mike van Diem), кој е автор и на сценариото, засновано врз романот на Фердинанд Бордевајк (Ferdinand Bordewijk). Главните улоги ги граат: Јан Деклер (Jan Decleir), Федја ван Хует (Fedja van Huet), Бети Шурман (Betty Schuurman) и Тамар ван ден Доп (Tamar van den Dop). Филмот, кој е прво остварување на режисерот ван Дим, се одликува со кафкијанска атмосфера во која се опишуваат сложените односи меѓу таткото и синот. Режисерот посветува големо внимание на секој лик, но најмногу се истакнува ликот на Древерхавен кој го игра Деклер. Филмот се одликува со емотивна длабочина каква што ретко се среќава во поновата филмска продукција, а квалитетното и интелигентно сценарио потврдува дека големите книжевни дела можат да бидат успешно екранизирани. Во 1998 година, филмот ја освоил наградата „Оскар“ за најдобар странски филм.[1]

Синопсис

уреди

Дејството на филмот се одвива во Ротердам, во 1920-тите. Полицијата го апси младиот правник Катадројфе (го игра ван Хует) и го обвинува за убиството на еден од најмоќните луѓе во градот, банкарот и судскиот извршител Древерхавен (го игра Деклер). За време на испитувањето, Катадројфе ја раскажува својата животна приказна која е поврзана со Древерхавен. Имено, Катадројфе бил вонбрачен син на Древерхавен, кој упорно ја молел неговата мајка Јобе (ја игра Шурман) да се омажи за него, но таа ги одбивала понудите за брак. Поради тоа, Древерхавен, одлучил да ѝ се одмазди така што постојано ќе поставува пречки пред нивниот син. И навистина, уште како дете, Катадројфе завршува во затворот при што за време на испитувањето кажува дека е син на Древерхавен, но татко му одбива да му помогне. Подоцна, како млад човек, Катадројфе се обидува да започне свој бизнис, но веднаш банкротира, а во постапката за стечај на неговата фирма е вклучен Древерхавен. По тој неуспешен обид, Катадројфе се вработува во една адвокатска канцеларија, каде набргу се истакнува со своите квалитети и брзо напредува во работата. Исто така, таму, тој се вљубува во една колешка, но се разочарува кога открива дека таа има момче. Тој успева да го положи испитот за правник, а потоа се запишува на факултет. Во меѓувреме умира мајка му, а на закопот присуствува и Древерхавен. На денот на дипломирањето, Катадројфе го посетува Древерхавен и започнува кавга со него. Тогаш, тие почнуваат да се борат при што си нанесуваат тешки повреди, а по заминувањето на Катадројфе, Древерхавен извршува самоубиство. Меѓутоа, тој му го остава целото богатство на својот син. На крајот, полицијата верува дека Катадројфе е невин и го ослободува.[1]

Наводи

уреди