Исповедта на убиецот

„Исповедта на убиецот, раскажана во една ноќ“ (германски: Beichte eines mörders, erzählt in einer nacht) — роман на австрискиот писател Јозеф Рот од 1936 година.

Содржина

уреди

Раскажувачот на романот живее во еден хотел во Париз и често ја посетува блиската гостилница „Тари-бари“. Набргу се запознава со еден од редовните гости - Семјон Семјонович Голупчик. Еден ден, Голупчик започнува да ја раскажува својата лична приказна: Тој бил вонбрачен син на кнезот Крапоткин, а во детството останал без татко му, кој бил убиен поради извршена прељуба. Иако кнезот никогаш не го признал Семјон како свој законски син, сепак тој се грижел за него и го финансирал неговото школување. Еден ден, Семјон заминал во Одеса со намера да побара признавање од кнезот. Веднаш по пристигнувањето, нему му пристапил непознат човек кој се претставил како Јене Лакатош. Набргу, Семјон се сретнал со кнезот, кој одбил да го признае, но му подарил златна табакера. Тогаш, во куќата на кнезот, Семјон здогледал млад човек за кого дознал дека е законскиот син на кнезот, иако тој не му бил биолошки татко. Семјон и Лакатош ја продале табакерата, а набргу биле уапсени и затворени. Во затворот, Семјон сфатил дека Лакатош е соработник на полицијата. По интервенцијата на кнезот Крапоткин, Семјон бил ослободен, под услов да потпише документ дека никогаш повеќе нема да ги бара своите законски права. Тогаш, кај Семјон се појавила омраза кон младиот кнез Крапоткин и тој се вработил во тајната полиција.[1]

Во една прилика, Семјон Голупчик успеал да наговори еден студент-затвореник да го накодоши младиот кнез Крапоткин кого веднаш го затвориле, но набргу го ослободиле, а неговата вина му ја припишале на затворениот студент. Набргу, Голупчик бил преместен на служба во Петроград. Во тоа време, во градот пристигнал познат кројач од Париз во друштво со 15 модели, а тајната полиција добила задача да ги следи. Тогаш, тој се вљубил во една од девојките - убавата Лутеција. Кога во една прилика, ја видел Лутеција во прегратката на младиот кнез Крапоткин, Кај Семјон повторно се разгорела омразата кон младиот кнез. Тогаш, служејќи се со фалсификат, Семјон успеал да издејствува да го уапсат кнезот, кој повторно бил ослободен, а Семјон бил испратен да ги придружува девојките до Париз. На руската граница, тој се послужил со измама и во куферот на Лутеција подметнал револвер и таа била уапсена. Семјон, кој патувал со лажен идентитет како кнезот Крапоткин, ја спасил Лутеција и така ја стекнал нејзината доверба.[2]

Во Париз, претставувајќи се како кнезот Крапоткин, Семјон станал љубовник на Лутеција. Меѓутоа, неговата среќа била нарушена кога дознал од Лакатош дека во градот пристигнал младиот кнез Крапоткин. Во тоа време, Семјон се уфрлил меѓу руските емигранти-револуционери и така ја запознал Еврејката Хана Леа која сакала да се врати во Русија за да го спаси својот затворен брат. Семјон се сретнал со младиот Крапоткин, кој му понудил пари за да си замине од градот, но Семјон ги одбил парите, туку побарал помош за Хана. Набргу, Лакатош направил лажен пасош за Хана, со намера таа да биде уапсена на руската граница, а Семјон добил многу пари од руската амбасада. Со намера да ја спаси Хана, Семјон се подготвил да замине во Русија, а пред заминувањето, заминал кај Лутеција со намера да се збогува со неа и да ѝ ја каже вистината за себе. Таму, Семјон ја затекнал Лутеција во друштво со младиот Крапоткин и почнал силно да ги удира двајцата, а потоа избегал, оставајќи ги жртвите во станот. Оттука, тој заминал во руската амбасада, каде го признал извршеното двојно убиство, а потоа се пријавил во руската војска и бил упатен на фронтот. По војнат го сретнал младиот кнез Крапоткин, кој бил тешко повреден. Откако Семјон ја завршува својата трагична приказна, во гостилницата пристигнува Лутеција и тој заминува со неа. Раскажувачот се враќа во својот хотел каде во тој миг пристигнува нов гостин во кого го препознал Јене Лакатош. Претчувствувајќи несреќа, раскажувачот веднаш го напушта хотелот и никогаш повеќе не го среќава Голупчик.[3]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2010 година, романот бил објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Темплум“, како 86. книга од библиотеката „Магма“. Преводот од германски јазик го извршила Марија Костовска, а книгата била издадена со помош на Програмата за култура (2007-2013) на Европската Унија. Графичкото уредување и дизајнот било дело на „Кома“, а на корицата се наоѓа приказ на една слика на George Grosz. Книгата, со обем од 207 страници и со димензии од 21 сантиметар, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-189-78-4.[4]

Осврт кон делото

уреди

Многу критичари го сметаат романот „Исповедта на убиецот“ за најзрелото дело на Рот, кое е особено карактеристично за неговиот стил на пишување. Како и другите негови романи, и овој е исполнет со меланхолија, насетување на неизбежната смрт, како и претставувањето на словенскиот свет — карактеристични особини на творештвото на Рот со кои тој ја збогатува германската книжевност.[5]

Наводи

уреди
  1. Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 5-70.
  2. Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 70-115.
  3. Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 115-200.
  4. Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010.
  5. „Белешка за авторот“, во: Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 204.