Историски и споредбено погледнато корисниот модел е право од индустриска сопственост кое егзистира многу одамна и во голем број национални законодавства во светот. Се работи за право кое е различно уредено, кое исто така има одредени разлики во националните решенија како и патентот и индустриски дизајн.
Предметот на заштита со корисен модел како во научната литература, така и во законодавставата и практиката се движи помеѓу творба – производ чија функција е само естетска, до творба со само техничка функција.
Постои разлика и за начинот на стекнување на правото на корисен модел. Според едни национални системи, корисниот модел е право со кое се стекнува носителот со регистрација кај надлежната патентна администрација, без претходно испитување на материјално правните услови за заштита; а според другите национални системи, корисниот модел се регистрира по претходно извршено испитување.
Времетраењето на корисниот модел е пократко од она на патентот и во основа се движи во рамките на заштитата на индустрискиот дизајн.