Инженерски бригади
Инженерски бригади биле партизански единици на НОВ и ПОМ, формирани во текот на месец април 1945 година. Имало четири инженерски бригади.[1]
Основање
уредиПри инженерското одделение на ГШ на НОВ и ПОМ отпрвин постоеле четири баталјони со по три инженерски чети и една бригада. Вкупната бројна состојба на баталјоните изнесувала 459 луѓе.[1] Поради зголемување на обемот на работа на Инженерското одделение, биле оформени пет работнички баталјони составени од Албанци, секој со 500 луѓе, четири баталјони составени од заробени Италијанци и еден баталјон од заробени Германци. Во Скопје бил оформен и еден градежен баталјон за поправка и градба на воените градби.
Со новата реорганизација, од сите овие единици биле оформени четири инженерски бригади, секоја со по еден инженерски и три работнички баталјони, составени од воени заробеници. Дејноста на овие бригади била главно поправка на разурнатите стопански и сообраќајни објекти, како и оспособување на патниот и железничкиот сообраќај во Македонија.
Потоа следувала уште една реорганизација на овие единици во нови три бригади, и тоа Прва, Втора и Трета инженерска бригада и една работничка бригада,[1] составени од еден баталјон Македонци и четири баталјони заробени Италијанци.
Првата инженерска бригада, во чиј состав имало и заробени Германци, имала задача да ја поправи железничката пруга на патниот правец Велес-Демир Капија до крајот на месец мај 1945 година, а во месец јуни патниот правец Скопје-Качаник. Втората инженерска бригада работела на поправка на сообраќајниците на просторот Струмица-Валандово-Гевгелија-Дојран до крајот на мај 1945 година, а потоа на железничката пруга со тесен колосек Катланово-Зелениково. Третата инженерска бригада вршела поправки на сите мостови и патишта на патниот правец Скопје-Куманово-Пчиња, како и на правецот Бујановац-Куманово-Свети Николе и мостовите и патиштата на правецот Куманово-Крива Паланка. Работничката бригада разработувала нова варијанта на Удовската Клисура во должина од 8 километри. На оваа задача работела до октомври 1945 година.[1]
Наводи
уреди