Играчот (филм од 1992)
„Играчот“ (англиски: The Player) - американски филм од 1992 година, во режија на Роберт Алтман, по сценариото на Мајкл Толкин засновано врз неговиот роман. Главните улоги ги играат: Тим Робинс, Грета Скаки, Фред Ворд, Вупи Голдберг, Питер Галагер, Синтија Стивенсон, Лајл Ловет и Винсент Д'Онофрио. Исто така, во филмот се појавуваат и многу познати глумци, како: Џон Кјузак, Хари Белафонте, Ник Нолти, Сузан Еарандон, Џулија Робертс, Брус Вилис итн. „Играчот“ го означува повторното враќање на Алтман на големата сцена по творечката криза од 1980-тите. Филмот претставува сатира за холивудската филмска индустрија, а во него Алтман си поигрува со неколку жанрови - драмата, комедијата и трилерот. Притоа, со овој филм започнала плодната соработка на Алтман со глумецот Тим Робинс, кој подоцна настапил и во два други филма на Алтман. „Играчот“ постигнал голем успех кај критиката и кај публиката и бил номиниран за „Оскар“ во три категории. Исто така, Алтман и Робинс ги освоиле наградите за најдобар режисер и за најдобар глумец на Канскиот филмски фестивал. Најпосле, филмот освоил една награда БАФТА, два „Златни глобуса“ и уште десетина други награди.[1]
Синопсис
уредиМладиот Грифин Мил (го игра Робинс) работи во едно холивудско студио и секој ден мора да слуша десетина идеи за филмови кои му ги нудат сценаристите. Кога ќе почне да добива заканувачки пораки, тој заклучува дека нив ги праќа сценаристот Дејвид Кехејн (го игра Д'Онофрио) кого Мил го одбил пред неколку месеци. Мил разговара со него, а потоа случајно го убива бега од местото на убиството. Истовремено, тој ја запознава девојката на Кехејн, Џун Гудмундсдотир (ја игра Скаки) и меѓу нив се раѓа љубовна врска. Во меѓувреме, работното место на Мил е загрозено со доаѓањето на младиот Лари Леви (го игра Галагер), а продолжуваат и заканувачките пораки упатени до него. Полицијата спроведува истрага за убиството и во неколку наврати го испрашува Мил. Во целата збрка, Мил добива идеја за филм од двајца сценаристи и намерно проектот му го препушта на Леви со намера да го наведе на неуспех. Најпосле, истрагата против Мил е запрена, тој добива повисока менаџерска положба, го презема филмскиот проект на Леви и го претвора во комерцијален холивудски филм, раскинува со својата девојка (ја игра Стивенсон) и се жени со Џун.[2]