Игор Дурловски (р. 26 март 1977 во Битола) — македонски оперски пејач и поранешен пратеник.

Игор Дурловски
Роден(а)26 март 1977(1977-03-26)(47 г.)
Битола, СР Македонија
НационалностМакедонец
Алма матерУниверзитет „Св. Кирил и Методиј“
Занимањеоперски пејач
Познат(а) попратеник
Партијанезависен
СопружникАна Дурловски
ДецаСофија, Лука и Максим

Студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Биљана Јовановска Јакимовска, се усовршувал во Камерното Студио на Оливера Милјаковиќ во Виена.

Веќе неколку години, светот го запознава басот Игор Дурловски како изведувач на партии од оперскиот и концертниот репертоар. Тој ги третира музичките стилови со вистинска палета на расположенија, почнувајќи од улогата на Плутоне во Евридика на Јакопо Пери, до ролјата на свештеникот во операта „Посета на старата дама“ на Готфрид фон Ајнем.

Магичната интерпретација на музиката на Дурловски е забележлива уште од неговото деби во 1999 година. Од тогаш тој станува миленик на својата матична публика во Македонија, која безрезервно го наградува гласот кој со големина и карактер го изведува белканто репертоарот на Гаетано Доницети, Винченцо Белини, Џоакино Росини, лириката и драматиката на Џакомо Пучини, како и херојските улоги од рускиот и францускиот репертоар.

Командувајќи на сцената и исполнувајќи го театарот со својот моќен и елоквентен бас, Дурловски толкува мноштво на ликови напишани од познатите автори. Инструментот на овој бас, Македонската опера и балет во периодот 2000 до 2002 година, го користи во продукциите на оперите Lucia di Lammermoor, Il Trovatore, Don Giovanni, Turandot, Il barbiere di Siviglia, La forza del destino, Rigoletto, Aida и други.

Неговиот мудар славјански тон кој е вистинско богатство за ушите на слушателите, зема замав и во повеќе оперски куќи во светот. Градејќи вокален климакс, под патронат на диригентот Пол Вајголд, 2001 година, Дурловски дебитира во улогата на Nonacourt во операта Il capello di paglia di Fireza во продукција на Виенската Камерна опера. Тогаш започнува и обликувањето на елегантната вокална техника на овој уметник во камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ[1].

Драматичните и лирски особености на овој бас со годините, ќе станат препознатливи и по изведбите на оперите од македонски композитори меѓу кои операта Лидија од Македонија и Цар Самоил. 2003 година, тој ја добива наградата „Ѓорѓи Божиков“ од Сојузот на композитори на Македонија - СОКОМ за најдобра изведба на композиции од македонски автори. Истата година, Дурловски станува лауреат на меѓународниот натпревар во Белград „Jeunesses Musicales“.

Мистериозно длабокиот резонантен глас на овој пејач, 2004 година ќе стане дел и од новите продукции на Виенската камерна опера, Ballo delle Ingrati Euridice. Биографијата на Игор Дурловски бележи и концернти изведби на грандиозни дела како Бетовеновата Деветта симфонија, Моцартовиот Реквием, Вердиевиот и Моцартовиот Реквием, 14-та Симфонија на Шостакович, Радомировиот Псалтир на Димитрије Бужаровски, ораториумот Клименту од Властимир Николовски, Симфонијата Зима од Ристо Аврамовски и други. Забележливи се и неговите гостувања на реномираниот фестивали Охридско лето.

Тој е познат во оперските куќи меѓу кои: Wiener Cammeroper, Wiener Concert House, Оперската куќа во Мунстер, Националната опера и театар во Сараево, Хрватскиот Народен Театар во Загреб, Осиек и Риека, Тиранската Опера, Битолската Опера и други. Соработувал со Wienna Residence Orchestra, Источно-западниот симфониски оркестар, Белградската филхармонија, Софиската филхармонија, Ансамблот за современа музика „Алеа“. Еден период живеел во Германија. До 2004 година пеењето го усовршувал кај своевремено најпознатиот светски бас Бугаринот Николај Ѓауров[2].

Наводи

уреди
  1. „ИГОР ДУРЛОВСКИ“. Архивирано од изворникот на 2020-11-01. Посетено на 2021-02-05.
  2. „УМЕТНИЦИ ИГОР ДУРЛОВСКИ“. Архивирано од изворникот на 2021-02-14. Посетено на 2021-02-05.

Надворешни врски

уреди