Ив Сен Лоран (моден творец)
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Ив Анри Донà Матју Сен Лоран (француски: Yves Henri Donat Mathieu-Saint-Laurent), познат како Ив Сен Лоран (1 август 1936 - 1 јануари 2008)[1], бил француски моден творец, едно од најголемите имиња во модната индустрија.[2] Во 1985 година Керолајн Ренолдс Милбенк напишала: „Без исклучок најпрославениот и највлијателниот моден творец во последните 25 години, Ив Сен Лоран, е заслужен за поттикнувањето на модното издигнување од својата пепел во 60-тите, како и за изработувањето на колекциите готови за носење“ (француски: Prêt-à-Porter), (англиски : Ready-to-wear ). Лоран е и првиот кој во модната индустрија го вовел женскиот смокинг. За првпат на неговите модни ревии по пистите зачекориле манекенки од етничко малцинство и е првиот кој внел неевропска култура во својата работа. За неговиот живот се направени 3 документарни програми.
Ив Сен Лоран | |
---|---|
Податотека:Yvessaintlaurent narrowweb.jpg Yves Saint Laurent at the age 66, January, 2002 | |
Роден(а) | 1 август 1936 Оран, Француски Алжир |
Починал(а) | 1 јуни 2008 Париз, Франција | (возр. 71)
Националност | French |
Занимање | Моден творец |
Младост и образование
уредиИв Сен Лоран е роден на 1 август 1936 година, во Оран, Алжир. Негови родители се Шарл (француски: Charles) и Лусиен Андре Матју (француски: Lucienne Andrée Mathieu-Saint-Laurent). Пораснал во вила покрај Медитеранот со неговите две помлади сестри, Мишел и Брижит. Ив сакал да изработува сложени кукли од хартија. Во раните тинејџерски години тој дизајнирал фустани за неговата мајка и сестрите. На 18 годишна возраст, Сен Лоран се преселил во Париз и се запишал во синдикалната комора за висока мода (француски : Chambre Syndicale de la Couture), каде што веднаш биле забележани неговите творби. Уредникот на француското издание на списанието „Вог“, Мишел де Бруноф (француски: Michel De Brunhoff), го запознал Сен Лоран со модниот творец и великан во рамките на модниот свет Кристијан Диор (француски: Christian Dior).
„Диор ме фасцинираше“, гласела една изјава на Сен Лоран, „Не можев да зборувам пред него. Тој ме научи на основите на мојата уметност. Што и да се случеше понатаму, никогаш немаше да ги заборавам годините кои ги поминав покрај него. “ Под туторството на Диор, стилот на Сен Лоран продолжувал да созрева и сè повеќе бил забележуван.
Кариера
уредиМлад творец
уредиВо 1953 година, Сен Лоран пријавил три свои цртежи во натпревар за млади модни творци. Тој го освоил првото место и бил поканет да учествува на церемонијата за доделување на наградите, која се одржувала во Париз, истата година. Додека Сен Лоран заедно со својата мајка бил во Париз, го запознале Мишел де Бруноф, главниот уредник на француското издание на списанието Вог. Де Бруноф, кој бил внимателна личност, позната по охрабрување на нови таленти, бил импресиониран од цртежите на Сен Лоран и му предложил да стане моден творец. Сен Лоран требало да го посетува наставниот план во рамките на синдикалната комора за висока мода (француски: Chambre syndicale de la haute couture), која управувала со индустријата за висока мода и обезбедувала обука за нејзините вработени. Сен Лоран го послушал советот на Де Бруноф, по завршувањето на средното училиште го напуштил Оран и се преселил во Париз, каде што ги започнал своите студии и дипломирал како славен студент. Подоцна истата година, тој повторно учествувал на интернационален натпревар и го освоил првото место, победувајќи го својот пријател Фернандо Санчес (Fernando Sánchez) и младиот германски студент Карл Лагерфелд (германски: Karl Lagerfeld). Кратко по неговата победа, Сен Лоран му покажал дел од своите цртежи на Де Бруноф. Тој забележал сличност со цртежите кои утрото му ги покажал Кристијан Диор. Де Бруноф знаел дека Диор ги нацртал скиците истото утро и дека младиот Сен Лоран не можел никаде да ги види. Де Бруноф го испратил Сен Лоран кај Диор и тој веднаш го вработил.
Иако Диор веднаш го препознал талентот на Сен Лоран, тој ја поминал првата година во модната куќа на Диор извршувајќи обични задачи, како на пример декорирање на студиото и изработување на модни детали. По извесно време, Сен Лоран почнал да доставува дел од своите цртежи за модните колекции. Со секоја измината сезона, Диор прифаќал сè поголем број негови цртежи. Во август, 1957 година, Диор ѝ соопштил на мајката на Сен Лоран, дека го избрал токму него за негов наследник како моден творец. Неговата мајка подоцна изјавила дека била збунета од оваа одлука, затоа што Диор во тоа време имал само 52 години. Таа и нејзиниот син биле изненадени кога во октомври, истата година, Диор починал од масивен срцев удар, во спа-центар, во северна Италија.
На возраст од 21 година Сен Лоран станал главен творец во модната куќа на Диор. Неговата пролетна колекција од 1958 година, ја спасила компанијата од финансиска пропаст. Правите линии на неговите творби му донеле интернационална слава. Во ова време, тој го скратил своето презиме во Сен Лоран, затоа што интернационалните медиуми имале потешкотии при изговарањето на неговото целосно име.
Неговата есенска колекција од 1958 година, не била толку добро прифатена како првата. Наредните колекции кои содржеле тесни здолништа биле напаѓани од печатот.
Во 1959 година, Фара Диба, која студирала во Париз, го одбрала Сен Лоран да ја дизајнира венчаницата за нејзината свадба со владетелот на Иран.
Во 1960 година, Сен Лоран бил регрутиран да служи во француската армија за време на Алжирската војна за независност. Англиската новинарка и моден критичар Алис Росторн, напишала дека се шпекулирало дека Марсел Бусак (француски: Marcel Boussac), сопственик на модната куќа Диор и еден од највлијателните луѓе во печатот, извршил притисок врз владата да не го регрутираат Сен Лоран во 1958 и 1959, туку побарал тој да биде регрутиран по катастрофалната 1960 година, така што би можел да биде сменет од позицијата.
Регрутирање, болест и независност
уредиСен Лоран бил дел од армијата само 20 дена, пред да заврши во воената болница поради стресот кој го доживеал при малтретирањето од неговите колеги војнци. Додека бил во болницата, добил вести дека е отпуштен од Диор. Тоа била вест која само додала масло во огнот и тој завршил во француската воена болница Val-de-Grâce. Таму добивал големи дози на седативи и други психоактивни лекови, а исто така бил изложен и на електроконвулзивна терапија.
Откако излегол од болницата, во ноември, 1960 година, Сен Лоран ја тужел модната куќа Диор за прекршување на договорот, при што го добил спорот. По период на закрепнување, Сен Лоран и неговиот партнер , индустријалецот Пјер Бержé (француски: Pierre Bergé ), отвориле своја модна куќа, со помош на донацијата на милионерот од Атланта, Мек Робинсон (англиски: Mack Robinson). Модната куќа го носела името Ив Сен Лоран (француски: Yves Saint Laurent).
Сен Лоран и Бержé ја прекинале својата романтична врска во 1976 година, но и покрај, тоа тие останале бизнис партнери.
За време на 60-тите и 70-тите модната куќа популаризирала модни трендови какви што се битник изгледот; сафари палта за мажи и жени; тесни панталони; високи, тесни чизми со високи потпетици; како и веројатно најпознатиот класичен смокинг за жени наречен Le Smoking.
Сен Лоран бил првиот француски моден творец кој ја објавил првата прет- а-порте колекција (француски: prêt-à-porter), што во превод значи готово за носење. Според модната критичарка Алиша Дрејк (англиски: Alicia Drake), Сен Лоран ја лансирал оваа линија со желба да ја демократизира модата. Други, истакнале дека и останати модни куќи подготвувале прет- а-порте колекциии во истото време, само модната куќа Ив Сен Лоран била првата која ја објавила таа линија. Првата продавница во која се продавала прет-а-порте линија се отворила на 26 септември, 1966 година во Париз. На овој настан бил присутен и Ив Сен Лоран, а првиот купувач била француската глумица Катрин Денев (француски: Catherine Deneuve).
Сен Лоран бил првиот дизајнер на чии ревии се појавиле девојки од етничко малцинство. Исто така, тој бил првиот кој внел неевропска култура во своите творби. Голем број од неговите колекции биле дочекани со восхит од неговите обожаватели и печатот. Такви биле есенската колекција од 1965 година, во која бил претставен женскиот смокин - Le Smoking. Други пак негови колекции, како на пример пролетната колекција од 1971 година, која била инспирирана од модата во 40-тите, предизвикале голема контроверзност. Некои сметале дека со тоа Сен Лоран ја идеализира германската окупација врз Франција за време на Втората светска војна, која тој лично не ја искусил. Француското списание France Soir ја нарекло пролетната колекција од 1971 година "Une grande farce!", што во превод значи „Еден голем срам!“
За време на 1960-те и 1970-те, Сен Лоран бил дел од парискиот „џет сет“. Тој често бил забележуван во ноќни клубови во Франција и Њујорк, како на пример Студио 54. Било познато дека Сен Лоран конзумирал големи количества алкохол и кокаин. Кога не ја надгледувал активно подготовката за колекциите, тој времето го поминувал во својата вила во Маракеш, Мароко.
Во доцните 1970-ти, тој и Бержé купиле вила во неоготски стил, во Бенервил сир Мер (француски: Benerville-sur-Mer ), блиску до населбата Довил (француски: Deauville), во Франција. Ив Сен Лоран бил голем обожавател на Марсел Пруст (француски: Marcel Proust), кој бил чест гостин на Гастон Галимар (француски: Gaston Gallimard), еден од претходните сопственици на вилата.
Инспирирани од една од новелите на Пруст, Сен Лоран и Бержé го најмиле Жак Гранж (француски: Jacques Grange) да им ја уреди вилата.
Линијата прет-а-порте станала многу популарна во јавноста и им донела на Сен Лоран и Бержé поголема заработка од линијата за висока мода. Сепак, Сен Лоран, на кого здравствената состојба му била критична со години, бил под голем притисок при дизајнирањето на 4 колекции секоја година и почнал сè почесто да посегнува по алкохол и дрога. Понекогаш на крајот од неговите модни ревии тој едвај одел по пистата и морал да се потпира за некоја од манекенките.
Неуспехот кој го доживеала модната ревија во Њујорк, во 1987 година, во која биле вклучени накитени палта со вредност од 100.000 американски долари, Сен Лоран го префрлил на неговите помошници.
Подоцнежен живот и смрт
уредиВо 1983 година, Сен Лоран станал првиот жив моден творец кој бил почестен од Метрополитен музеј на уметноста со своја самостојна изложба. Во 2001 година, францускиот претседател Жак Ширак (француски: Jacques Chirac) го одликувал со титулата Командант на легијата на честа (француски: Légion d'Honneur). Во 2002 година, Сен Лоран се пензионирал и сè повеќе водел изолиран живот. Живеел во неговите куќи во Нормандија и Мароко, заедно со неговото милениче, францускиот булдог Мужик (француски:Moujik).
Тој, заедно се Бержé основал фондација во Париз која ќе ја следи историјата на модната куќа Ив Сен Лоран.
Сен Лоран бил омилен меѓу женските муштерии. Тој имал бројни музи кои го инспирирале во неговата работа. Една од главните била манекенката Мониа која често била „невестата“ на крајот од неговите модни ревии. Друга негова муза, често лице од насловните на француското издание на списанието „Вог“, која Сен Лоран еднаш ја опишал како жена од „соништата“, била сомалиската манекенка Иман. Друг дел од жените кои му давале инспирација на Сен Лоран биле Лулу де ла Фалез (француски: Loulou de La Falaise), ќерка на француски маркиз и англо-ирска манекенка; Бети Катру (француски: Betty Catroux ), ќерка на мајка Бразилка и татко кој бил американски дипломат, подоцна станала сопуга на француски декоратор; француската глумица Катрин Денев (француски: Catherine Deneuve); Никол Дорие (француски: Nicole Dorier ), топ модел од модната куќа Ив Сен Лоран во периодот од 1978-1983 година, која станала и помошник при организирањето на неговите модни ревии; супермоделите Катуче Ниан и Ребека Ајоко; како и супермоделот Летиција Каста (француски: Laetitia Casta), која ја носела главната творба на неговите модни ревии во периодот од 1997-2002 година.
Во 2007 година, францускиот претседател Никола Саркози (француски: Nicolas Sarkozy) му ја доделил титулата Grand officier de la Légion d'honneur.
Ив Сен Лоран починал на 1 јуни 2008 година во домот во Париз, од тумор на мозокот. Според дневниот весник Њујорк тајмс (англиски: The New York Times), неколку дена пред неговата смрт Сен Лоран стапил во брак со Пјер Бержé. Неговите сестри и мајка го надживеале, додека татко му починал во 1988 година.
Му бил приреден католички погреб, во црквата Сен Рош (француски: St. Roch) во Париз. Телото на Сен Лоран било кремирано, а пепелта била распрскана во ботаничката градина во Маракеш, Мароко, која тој често ја посетувал и од каде што црпел инспирација и наоѓал мир. На погребната служба Бержé рекол: „Никогаш нема да заборавам колку ти должам и еден ден ќе ти се придружам под палмите во Мароко.“ Меѓу личностите кои присуствувале на погребот биле иранската кралица Фара Пахлеви, Мадам Ширак ( сопругата на поранешниот француски претседтел Жак Ширак), претседателот на Франција Никола Саркози заедно со неговата сопруга во тоа време. Според списанието „Форбс“ (англиски: Forbes ), Сен Лоран бил човекот кој во 2009 година најмногу заработил посмртно.
Продажба на уметничка колекција
уредиВо февруари 2009 година, аукционерската куќа „Кристи“ одржала аукција на која учествувале 733 предмети, почнувајќи од слики на Пикасо, па сè до антички египетски скулптури. Сен Лоран и Бержé започнале со собирање на уметнички дела во 1950-те. Бержé решил да ги продаде колекциите, затоа што без Сен Лоран тие го изгубиле поголемиот дел од своето значење. Со заработените средства од аукцијата, предложил да се основа нова фондација за истражувања за СИДА.
Пред започнувањето на аукцијата, кинеската влада се обидела да ја спречи продажбата на две бронзени кинески скулптури, кои биле украдени од Пекинг, од страна на француските и британските воени сили, за време на Втората англо-кинеска војна, од 1860 година. Францускиот судија го одбил барањето. Скулптурите претставувале знаци од кинескиот хороскоп. Едната била глава на зајак, а другата глава на стаорец. Двете скулптури биле продадени за 15.745.000 евра, но подоцна се дознало дека понудата на аукцијата ја дал Чаи Мингчао, претставник на Фондот за национални богатства на Кина, кој се обидувал да ги врати предметите назад во Кина и тврдел дека нема да плати за нив.
На првиот ден од аукцијата, сликата на Анри Матис (француски: Henri Matisse), Les coucous, tapis bleu et rose, се продала за 342.5 милиони евра, со што го срушила светскиот рекорд за продадено дело на Матис поставен во 2007 година, кој изнесува 32 милиони евра. На следната аукција, одржана од 17 до 20 ноември, биле изложени 1.185 предмети, кои биле дел од вилата на Сен Лоран и Бержé во Нормандија. Оваа аукција не била толку импресивна како првата. Како дел од предметите за наддавање биле истакнати последниот Мерцедес-Бенз автомобил на Сен Лоран, како и неговите патни торби Хермес.
Наводи
уреди- ↑ Staff writer (2 June 2, 2008). "Yves Saint Laurent Dies – Yves Saint Laurent Has Died in Paris Aged 71". Agence France-Presse (via Nine News). Retrieved 12 June 2010.
- ↑ Staff writer (1 June 2008). „Obituary: Yves Saint Laurent – Yves Saint Laurent, Who Has Died Aged 71, Was, with Coco Chanel, Regarded as the Greatest Figure in French Fashion in the 20th Century, and Could Be Said To Have Created the Modern Woman's Wardrobe“. The Daily Telegraph. UK. Посетено на 24 July 2010.
Литература
уреди- Milbank, Caroline Rennolds (1985) Couture – The Great Fashion Designers. Thames & Hudson.
- Bergé, Pierre (1997). Yves Saint Laurent – The Universe of Fashion. Rizzoli. ISBN 0-7893-0067-2.
- Rawsthorn, Alice (1996). Yves Saint Laurent – A Biography. Nan A. Talese/Doubleday. ISBN 0-385-47645-0.
- Biography of Yves Saint Laurent Архивирано на 25 септември 2004 г.
- Yves Saint Laurent Biography Архивирано на 20 јуни 2013 г.
- Yves Saint Laurent shuts its doors – BBC World 31 October 2002
- All About Yves – Jim Lehrer 16 January 2002 By Jessica Moore
- Yves Saint Laurent announces retirement Архивирано на 19 март 2005 г. – CNN 7 January 2002
- All About Yves: As the incomparable Yves Saint Laurent celebrates his 40th anniversary as a couturier, the world salutes his genius. – Julie K.L. Dam, Time magazine, 3 August 1998.
Надворешни врски
уреди„Ив Сен Лоран (моден творец)“ на Ризницата ? |
- ysl.com, official Yves Saint Laurent (brand) website
- Trapèze dresses at Digital Collections at Chicago History Museum Архивирано на 12 октомври 2019 г.
- Ив Сен Лоран (моден творец) designer profile at Fashion Model Directory
- The Guardian: retrospective article
- „Interactive timeline of couture houses and couturier biographies“. Victoria and Albert Museum.
- L'amour fou на Семрежната филмската база на податоци