Знаме на Велс (велшки: Baner Cymru или Y Ddraig Goch, „црвен змеј“) — национално обележје на Велс кое се состои од црвен змеј во расчекорен став на зелено-бело поле. Како и кај сите хералдички прикази, изгледот не е стандардизиран и постојат разни варијанти.


Знаме на Велс
}}
Употреба државно знаме национално знаме
Сразмер 3:5
Усвоено 1959 (денешна верзија)
Опис на сребрено[1]-зелен појас, расчокорен црвен змеј

На знамето е претставен црвениот змеј на гвинедскиот крал Кадваладр, заедно со тјудорските бои зелена и бела. Играло значајна улога како знамето на Хенри VII во Битката кај Босворт (1485), по што биле однесено, во свечена поворка, во катедралата „Св. Павле“ во Лондон. Потоа црвениот змеј е вклучен во штитодржачите на кралскиот грб на Тјудорите, за да го означат нивното велшко потекло. Добило статус на национално знаме во 1959 г.

Историја

уреди
 
Кралот Вортигерн во приказната за црвениот и белиот змеј. Ракопис од XV век.

Потеклото на симболот е завиено во легендите. Според една претпоставка, симболот го донеле Римјаните со заземањето на Британија, и дека мештаните го виделе од бајраците на коњаницата, а дека Римјаните го презеле од Дакијците или Партите.[2] Зелено-белата позадина е додаток на династијата Тјудори, кои биле Велшани и владееле со Англија од 1485 до 1603 г. Зелената и белата се бои на празот, кој исто така е национален симбол на Велс.

Најстариот наод каде змејот се споменува како симбол на Велс е во делото „Историја на Бритите“ (Historia Brittonum),[3] напишано околу 830 г. Во текстот се опишува борба помеѓу две змии длабоко под земјата, што го спречувало кралот Вортигерн да изгради упориште. Подоцна оваа приказна е присвоена како пророштво на волшебникот Мерлин (Мирдин) за долгата борба меѓу еден црвен и еден бел змеј. Според пророштвото, белиот змеј, кој ги претставува Сасите (Саксонци), отпрвин ќе биде посилен, но на крајот ќе победи црвениот, кој ги симболизира Бртитите, и ќе ја поврати Логрија (Љојгр). Доносителот на оваа победа ќе биде спасителот Маб Дароган. Од историска гледна точка, се смета дека легендата се однесува на борбата меѓу Бритите и Сасите во V и VI век. Друга верзија на приказната се раскажува во песната Људ и Љефелис во „Мабиногион“.[3] Пророштвото на Мерлин пак, се среќава во „Историја на кралевите на Британија“ (Historia Regum Britanniae) на Галфрид Монмаутски (XII век).

Меѓу народот постоело верување дека црвениот змеј бил воено обележје на Кралот Артур[3] и други келтски/британски велможи. Постојат многу докази дека змејот служел како симбол на владетелите во римска Британија, а можеби и општеството пошироко.[4] Во велшката поезија, змејот особено се поврзува со Кадваладр, крал на Гвинед од ~ 655 до 682 г.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. во хералдиката и вексилологијата не постои бела боја; она што е претставено со бела е всушност сребрена боја, наречена и само „сребро“
  2. Велшкото знаме и други велшки симболи Архивирано на 27 ноември 2007 г. — Data Wales (англиски)
  3. 3,0 3,1 3,2 Davies (2008), стр. 732.
  4. Davis, Dai. Потеклото и значењето на велшкиот змеј Архивирано на 11 јуни 2017 г. — Welsh Flag (англиски) посет. 8 август 2012 г

Библиографија

уреди
  • Davies, John; Jenkins, Nigel (2008). The Welsh Academy Encyclopaedia of Wales. Cardiff: University of Wales Press. ISBN 978-0-7083-1953-6.
  • Eriksen, Thomas; Jenkins, Richard (2007). Flag, nation and symbolism in Europe and America (1. publ.. изд.). London: Routledge. стр. 80. ISBN 9780415444040.

Надворешни врски

уреди