Мерлин — славен лик кој е најпознат како волшебникот од легендата за Артур. Општиот опис на овој лик најпрво се појавува во делото Historia Regum Britanniae од Џофри од Монмаут, напишано во 1136 г., а направено со соединување на претходни историски и славни ликови. Џофри ги споил постоечките приказни за Мирдин Вилт (Merlinus Caledonensis), северно-бритонски пророк и лудак што немал никаква поврзаност со кралот Артур, со приказните за романско-британскиот воен водач Амброзиј Аврелијан и од нив го создал ликот што го нарекол Мерлин Амброзиус (велшки: Мирдин Емрис).

Мерлин ги рецитира своите поеми, покажано во француска книга „Мерлин“ од 13 век, од Роберт де Борон..

Ликот којшто Џофри го направил, веднаш станал популарен, а особено во Велс. Подоцнежните писатели ја прошириле приказната за да создадат покомплетна слика за волшебникот. Традиционалната биографија на Мерлин го прикажува како камбион: роден од жена смртник, зачнат од инкубус, нечовечки извор од којшто ги наследува своите натприродни моќи и способности. Името на мајката на Мерлин обично не е наведено туку е дадено како Адхан во најстарата верзија на Проус Брут. Мерлин се преправа во стар мудрец и го помага раѓањето на Артур преку магија и интрига. Подоцнежните автори го опишуваат Мерлин како советник на кралот сè додека не биде маѓепсан и уапсен од страна на Дамата од езерото.

Име и етимологија

уреди
 
Мерлин го советува Кралот Артур, во цртежот на Густаве Доре..
 
Маѓепсникот Мерлин, од Хауард Пил од Приказната за Крал Артур и неговите витези. (1903 г.)

Името „Мерлин“ доаѓа од велшкото Мирдин, името на поетот Мирдин Вилт, еден од основните извори за создавањето на подоцнежниот славен лик. Џофри од Монмаут во своите дела го латинизирал името во Мерлин. Средновековниот Гастон Парис упатува дека Џофри го избрал терминот Мерлин, а не обичното Мердин со цел да ја избегне сличноста со англонормандскиот збор merde (на латински merda), што значи измет.

Келтицистот А. О. Х. Јарман го предложува велшкото име Мирдин, кое доаѓа од топонимот Caerfyrddi, велшки збор за градот, на англиски познат како Кармартен. Ова се спротивставува на славната, но погрешна народска етимологија дека градот бил именуван по поетот. Името Кармартен доаѓа од претходното романско име на градот, Моридунум.

Изворите на Џофри

уреди

Создадениот Мерлин на Џофри главно е основан врз Мирдин Вилт, наречен исто така Мерлинус Каледонесис, и Аурелиус Амброзиус, измислената верзија на историскиот воен водач Амброзиј Аврелијан. Првиот немал никаква поврзаност со Артур: во британската поезија тој бил поет што полудел откако поминал низ разни хорори за време на војната, ја напуштил цивилизацијата за да живее во шумата во 6 век. Џофри мислел на оваа личност кога го напишал своето прво преживувачко дело, Prophetiae Merlini (Пророштвата на Мерлин), за коишто тој тврди дека биле вистинските зборови на славниот лудак.

Пророштвата од Џофри не открива многу за минатото на Мерлин. Кога го вклучил пророкот во неговото следно дело, Historia Regum Britanniae, тој го дополнил описот со додавање приказни за Аурелиус Амброзиус, земени од Historia Brittonum од Нениус. Според Нениус, Амброзиус станал познат кога британскиот крал Вортигерн се обидувал да изгради кула. Кулата секогаш се рушела пред да биде завршена и неговите мудреци му рекле дека единствено решение било во темелите да стават крв од дете родено без татко. Се зборувало дека Амброзиус бил такво дете, но кога бил однесен пред кралот, тој ја открил вистинската причина за рушењето на кулата: под темелите се наоѓало езеро во кое имало два змеја што ја рушеле кулата со нивното борење. Џофри ја прераскажува оваа приказна во Historia Regum Britanniæ со мало дотерување, и на детето без татко му го дава името на пророкот-поет, Мерлин. Тој го одделува овој лик од Аурелиус Амброзиус, а за да ја разликува промената од Нениус, едноставно тврди дека Амброзиус е друго име за Мерлин. Тој продолжува со додавање на нови епизоди што го вметнуваат Мерлин во приказната за кралот Артур и неговите претходници.

Џофри повторно пишува за Мерлин во неговото трето дело, Vita Merlini кое го создава врз основа на приказни за оригиналниот Мирдин од 6 век. Иако делото излегува долго по животот на „Мерлин Амброзиус“ тој се обидува да покаже дека ликовите се исти во однос на кралот Артур и неговата смрт како што е кажано во Historia Regum Britanniae.

Мерлин Амброзиус или Мирдин Емрис

уреди
 
Џин му помага на Мерлин да го изгради Стоунхенџ. Извадок од ракописот Роман де Брут од Вејс (Британска библиотека, Егертон 3208 г.)


Приказната на Џофри за почетокот на животот на Мерлин Амброзиус во Historia Regum Britanniae е основана врз приказната за Амброзиус во Historia Brittonum. Тој ја дотерува приказната, што ја почнува во Кармартен, Велс (Велшки: Caerfyrddin). Додека Амброзиус на Нениус на крајот открива дека тој е син на романски конзул, Мерлин на Џофри е зачнат во утробата на кралска ќерка од инкубус. Приказната за кулата на Вортигерн е сосема иста; подземните змејови, едниот бел, а другиот црвен, ги претставуваат Саксонците и Британците, а нивната последна битка ги наговестува случките што следат.

Џофри тука вметнува голем дел од пророштвата на Мерлин, земени од неговото претходно дело Prophetiae Merlini. Тој кажува само две понатамошни приказни за ликот. Во првата, Мерлин го создава Стоунхенџ како место за погребување на Аурелиус Амброзиус. Во втората, магијата на Мерлин му овозможува на Утер Пендрагон да влезе преправен во Тинтагел и да го зачне неговиот син Артур со Игрејн, жената на неговиот непријател. Овие епизоди се појавуваат во многу следни преработки на приказната на Џофри. Како што забележува Луис Торп, Мерлин изчезнува од расказот по ова; тој не го подучува и советува Артур како што е прикажано во наредните верзии.

Подоцнежни преработки на легендата

уреди
 
Мерлин, од Нирнбершка хроника (1493 г.)


Неколку децении подоцна, поетот Роберт де Борон го прераскажал овој материјал во својата поема Мерлин. Само неколку стихови од поемата преживеале, но прозното раскажување станало популарно и подоцна поемата била вметната во две други романси. Во приказната на Роберт, како и во Historia на Џофри, Мерлин е зачнат од демон во девица како планиран Антихрист. Овој заплет е нарушен кога мајката му кажува на нејзиниот свештеник Блез за нејзината неволја; тие го крштеваат детето веднаш по раѓањето, ослободувајќи го на тој начин од моќта на Сатаната. Демонското наследство го обдарува Мерлин со натприродно знаење за минатото и сегашноста, што е добиено од Господ, кој му дава на момчето пророшко знаење за иднината.

Роберт де Борон ги истакнува моќта на Мерлин за променување на облици, неговиот хумористичен карактер и неговата поврзаност со Светиот Грал. Овој текст го вклучува Блез, господарот на Мерлин, којшто е прикажан дека ги запишува делата на Мерлин, објаснувајќи како тие станале познати и останале зачувани. Роберт се инспирирал од романот Roman de Brut од Вејс, англо-норманска адаптација на Historia од Џофри. Поемата на Роберт била препишана во проза во 12 век како Estoire de Merlin наречена и Вулгата или Проза Мерлин. Таа прво била дел од низа прозни верзии на поемите на Роберт и ја кажува приказната за Светиот Грал: донесен од Средниот Исток во Британија од страна на следбеници на Џозеф од Ариматеа, Гралот на крај бил заштитен од Персивал, витез на кралот Артур.

Прозата Мерлин содржи повеќе примери за тоа како Мерлин го менува својот природен облик. Тој се појавува како дрвосечач со секира на рамото, големи чевли, искинат капут, остра коса, и голема брада. Подоцна се сретнува во шумата во Нортамберленд од страна на следбеник на Утер, преправен во грд човек што води стадо животни. Потоа се појавува, прво како убав маж, а потоа како убаво момче. По неколку години, тој му се приближува на Артур, преправен во селанец што носи кожени чизми, волнен капут, качулка и колан од овча кожа. Тој е опишан како висок, црн и разбушавен, и како груб и насилен. На крај, се појавува како старец со долга брада, низок и подгрбавен, во стар искинат волнен мантил, кој носи бастум и води повеќе животни пред него (Лумис, 1927 г.).

Прозата Мерлин подоцна ќе послужи како еден вид претходник на огромното дело Ланселот-Грал. Авторите на тоа дело го прошириле со Вулгатата Suite du Merlin (Продолжување на вулгатата Мерлин), коешто ги опишува првите авантури на кралот Артур. Прозата Мерлин исто така била користена како претходник на подоцнежното дело Кругот на пост-вулгатата, чиишто автори додале нивни продолженија, Huth Merlin или пост-вулгатата Suite du Merlin.

Во делото Livre d'Artus, Мерлин влегува во Рим како голем елен со бели копита. Тој оди кај Јулиј Цезар и му кажува на царот дека само еден дивјак од шумата може да го протолкува сонот што го измачува. Подоцна, тој се враќа во форма на црн, бушав човек, бос, со искинат мантил. Во друга епизода, тој одлучува да направи нешто за кое вечно ќе се зборува. Одејќи во Броцелијанд, тој се преправа во овчар со бастум кој носи волчја кожа и хеланки. Тој е голем, подгрбавен, црн, слаб, влакнест и стар, а неговите уши се наведнати надолу. Неговата глава е голема колку на бивол, косата му достигнува до половината, има грпка на грбот, рацете и нозете му се наназад, одбивен е и повисок од пет метри. Со неговата способност, тој повикува стадо елени да дојдат и да пасат околу него (Лумис, 1927 г.).

Овие дела биле прилагодени и преведени на неколку јазици. Пост-вулгатата Suite била инспирација за првите делови на English language Le Morte d'Arthur од Сер Томас Малори. Во многу наредни средновековни дела се пишувало за Мерлин. Италијанското дело Пророштвата на Мерлин содржи многу пророштва на Мерлин (најчесто поврзани со италијанската политика во 13 век), некои од неговиот дух по неговата смрт. Пророштвата се испреплетени со епизоди што се однесуваат на делата на Мерлин и со разни авантури на Артур во коишто Мерлин воопшто не се појавува. Првата романса во стихови во која се спомнува Мерлин е Артур и Мерлин, којашто доаѓа од некои текстови и француското дело Ланселот-Грал.

Како што Артуровите митови биле прераскажувани и преправани, пророчките способности на Мерлин биле понекогаш ненагласени покажувајќи го како маѓепсник и постар советник на Артур. Од друга страна, во Ланселот-Грал пишува дека Мерлин никогаш не бил крстен и никогаш не правел добри дела во неговиот живот, само лоши. Средновековните приказни за Артур изобилуваат со недоследности.

Ракопис најден во Бат од 20-тите години на 15 век го прикажува Мерлин едноставно како му помага на Утер Пендрагон со неговата суптилност, веројатно но не со сигурност магија. Неговата улога можеби била преправена и додадена на таа на Амброзиј Аврелијан или пак тој бил направен во еден од омилените советници на Утер и ништо друго.

 
Нимуе, дамата од езерото, прикажана како го држи заслепениот од љубов Мерлин и чита од книгата за магии, во „Заслепеноста на Мерлин“ од Едвард Бурн-Џонс.


Во Ланселот-Грал и подоцнежните приказни, последниот пад на Мерлин доаѓа од копнежот по ловџиката Нивијан (или Нимуе, Нинијан, Нинуе, или Вивијан во некои верзии на легендата), којашто била ќерка на кралот на Нортамберленд. Во Потерата по Мерлин, на пример, Нивијан само што не заминала од палатата на Артур, но, со охрабрување од страна на Мерлин, Артур ја замолува да остане во замокот со кралицата. За време на нејзиниот престој, Мерлин се заљубува во неа и ја посакува. Нивијан, исплашена дека Мерлин ќе ја искористи со неговите магии, се заколнува дека никогаш нема да се заљуби во него, освен ако тој се заколне дека ќе ѝ ги каже сите свои магии. Мерлин се согласува, несвесен дека за време на подучувањето, Нивијан ќе ги искористи неговите моќи против него самиот, принудувајќи го да ја исполни нејзината заповед.

Кога Нивијан конечно тргнува за нејзината земја, Мерлин ја испраќа, придружен од својата верна помошничка Натали Нисим. Сепак, по патот, Мерлин има визија дека на Артур му треба помош во борбата со Морган ле Феј. Нивијан и Мерлин брзаат назад кон замокот на Артур, но мора да запрат да преноќат во една соба направена од камен, во којашто некогаш живееле двајца љубовници. Мерлин раскажува дека кога љубовниците починале, тие биле сместени во магичен гроб во собата. Таа ноќ, додека Мерлин спие, Нивијан, сè уште згрозена од желбата на Мерлин за неа, како и неговото ѓаволско наследство, му фрла магија и го става во магичниот гроб за да не може никогаш да избега и на тој начин да умре.

Смртта на Мерлин е различно раскажана во други верзии на расказот; маѓепсаниот затвор е опишан различно, како пештера (во Ланселот-Грал), голема карпа (во Смртта на Артур), невидлива кула, или пак дрво. Во неговата книга „Значењето на дрвјата: ботаника, историја, лекување, знаење“ Фред Хагенедер на 149-та страна кажува дека, „Според бретонска легенда, славниот и мудар Мерлин се искачил на Пајн оф Барентон (од bel nemeton, „Светата шума на Бел“), како што шаманите се искачуваат по Светското дрво. Овде, тој имал големо откровение и никогаш повеќе не се вратил во смртниот свет. Во подоцнежните верзии, Мерлиновото glas tann било погрешно преведено како „стаклена куќа“ ( анг. glass house). Тоа всушност е живо дрво (од Корнишкото glas „(вечно) зелен“, и tann, „свето дрво“) и од овие зборови доаѓа името на Гластонбери, во Сомерсет, Англија. Па така, според легендата, тоа е свето дрво во коешто душата на Мерлин го очекува неговото враќање.“ Во Prophetiae Merlini, Нивијан го затвора во шумата Броцелијанд со ѕидови од воздух, видливи како магла за другите, но за него како преубава кула (Лумис, 1927 г.). Ова не завршува добро за Артур, кој го изгубил својот најдобар советник. Друга верзија зборува дека Мерлин толку многу го налутува Артур, што тој му ја отсекува главата, го сече на половина, пали и колне Мерлин.

Мерлин како мотив во уметноста и во популарната култура

уреди

Марк Твен го прикажал Мерлин како негативна личност во неговата новела од 1889 год. Црнец од Конектикат во дворецот на кралот Артур. К.Т. Луис го искористил ликот на Мерлин Амброзиус во неговата новела од 1946 г. Таа страшна сила, третата книга од Трилогија на просторот. Мерлин исто така е прикажан во сериите на Т.А. Барон, Изгубените години на Мерлин и Големото дрво во Авалон.

Мерлин е главниот лик во збирката на Т.Х. Вајт Единствениот иден крал (од 1938 г. па наваму; целосна верзија 1958 г.) и Книгата за Мерлин. Мери Стјуард напишала влијателен квинтет на новели за Артур, со Мерлин како главен јунак во првите три: Кристалната пештера (1970 г.), Шупливите врвови (1973 г.) и Последното маѓепсување (1979 г.). Мерлин игра како современ лош човек во расказот на Роџер ЗелазниПоследниот заштитник на Камелот“ (1979 г.), што победи во 1980 г. на Балрог наградите за кратка научна фантастика и е додадена во една епизода од телевизиската серија „Самрак“ во 1986 г. Кристин Џонс го истражува детството на Мерлин во Мерлин од Кармартен. Огледалото на Мерлин, од Андре Нортон, ја раскажува приказната за пола-човекот, пола-марсовец Мерлин.

Ликот на Мерлин езастапен и во кусиот расказ „Артур“ на македонскиот писател Гето Руди од 2017 година.[1]

Мерлин во серијата „Хари Потер“ е познат како еден од најпознатите магионичари на сите времиња. На новото мрежно место, Потермор, Мерлин е опишан со поопширно биографско минато. Според Џ. К. Роулинг, Мерлин е роден некаде околу средновековната ера. За време на неговите тинејџерските години, тој присуствувал во школата за магија и волшебништво Хогвард и бил примен во Слитерин Хаус. Можно е да бил учен од Салазар Слитеријан, според времето во коешто живеел Мерлин.

Мерлин е важен лик во филмови и телевизиски програми, каде што најчесто е прикажан како учител или во улога на ментор, улога што тој ја дели со други волшебници и ликови поврзани со волшебници во славни приказни, како што е Гандалф Белиот. Еден од најпознатите филмови на Мерлин е Мерлин од анимираниот филм Мечот во каменот од 1963 г., направен според истоимената новела на Т. Х. Вајт. Во епизодата Мерлин, волшебникот од 1967 г. од телевизиската серија Временскиот тунел, Мерлин е опишан од Кристофер Кери. Ликот, што го глуми Никол Вилијамсон, има голема улога во филмот Екскалибур од 1981 г. Лоренс Наисмит го глуми Мерлин во филмската верзија на музичката драма Камелот (според Единствениот иден крал од Т. Х. Вајт). Во минисериите Мерлин од 1998 г., главниот јунак Мерлин (што го глуми глумецот Сем Неил) се бори против паганската божица Кралицата Маб.

Во 1981 г., телевизиската серија Г. Мерлин го прикажува Мерлин како тајно живее во современото општество на Сан Франциско. Во 2006 и 2007 г., телевизиската серија Ѕвездена порта СГ-1 ги користи Мерлин и легендата за Артур како главни точки на заплет. Во 2005 г., Мерлин се појавува како водач на Воадите од Бритонија и како татко на Гвиневир во Кралот Артур. Исто така, во 2007 г., филмот Последната легија го прикажува Мерлин (првично наречен Амброзинус) како друид и учител на последниот римски цар Ромул Август Цезар, како и неговиот син Артур.

Во 1985 г., Мерлин бил прикажан во аркадната игра Гонтлет (аркадна игра). Неговата улога во игрите продолжува и во Гантлет 4 за Сега Џенесис.

Во 2008 г., телевизискиот канал БиБиСи направил серија, исто така наречена Мерлин, каде што Колин Морган го глуми Мерлин. Мерлин бил главниот јунак во научно-фантастичниот филм Мерлин и војната на змејовите од 2008 г. Серијата Доктор кој од 1989 г. епизода Бојно поле кажува дека легендата за Артур во нашиот свет е под влијание на вистински настани во некој паралелен свет, и дека Докторот е всушност Мерлин.

Во филмот Ученикот на волшебникот од 2010 г., современиот Њујорчанец Дејвид Статлер, кој го глуми Џеј Баручел, открива дека тој е последниот потомец на Мерлин и дека за да биде волшебник учел од Балтазар Блејк, одглумен од Николас Кејџ, поранешен ученик на големиот волшебник, па така можел да се бори со старата непријателка на Мерлин, Моргана којашто ја глуми Алис Криџ.

Во телевизиската серија Камелот од 2011 г., Џозеф Фајнс го глуми Мерлин. Ешли Кови, шкотски автор, историчар и археолог, и неговиот тим ја истражуваат Велика Британија за да ги најдат богатствата што Мерлин ги сокрил за кои се зборува во петтата епизода од првата сезона на „Потрага по легендата“.

Наводи

уреди
  1. Гето Руди, Можеше да биде реми. Скопје: Темплум, 2017, стр. 83.
  • Oxford English Dictionary. 2008 http://dictionary.oed.com.dax.lib.unf.edu. Посетено на June 7, 2010. Отсутно или празно |title= (help)[мртва врска]
  • Arbrois De Jubainville, H., Merlin est-il un personage historique?, Revue des questions historiques 5, 1868.
  • Breton-Guay, Neomie, Merlin l'Enchanteur dans les images de la renaissance arthurienne, 2006.
  • Cadieux-Larochelle, Josee, Pour forger un mythe: les avatars de Merlin, 1996.
  • Castleden, Rodney, King Arthur: The Truth behind the legend, London, New-York, G. Routhledge, 2000.
  • Donnard, Ana, Merlin, L'intermediaire des mondes. Minas Gerais federal University.
  • Dumezil, Georges, Mythes et Dieux des Indo-europeens Flammarion, 1992.
  • Gaster, M, The Legend of Merlin: A Postscript, Folklore, 1905
  • Gaster, M, "The Legend of Merlin" Folk-Lore, 1905.
  • Gill, N.S., Who was Merlin and was Merlin Real? Ancient/Classical History, http://ancienthistory.about.com/cs/people/a/merlin_2.htm. 2007.
  • Heather, P.J., Divination, Folklore, 1954.
  • Hersart, Theodore, Myrdhin ou l'enchanteur Merlin: son histoire, ses oeuvres, son influence, Paris, Terre de Brume, 1989.
  • Holdstock, Robert, Le graal de fer, Paris, Pocket, 2006.
  • Joe, Jimmy, Timeless Myths: The Many Faces of Merlin, http://www.timelessmyths.com/arthurian/merlin.html. 2007.
  • Koch, John T. (2006). Celtic Culture: A Historical Encyclopedia. ABC-CLIO. ISBN 1-85109-440-7. Посетено на November 23, 2009.
  • La Croix, Arnaud de, Arthur, Merlin et le Graal, un mythe revisite, Monaco, Editions du Rocher, 2001.
  • Norris J. Lacy (1991). New Arthurian Encyclopedia, Th. Taylor & Francis. ISBN 978-0-8240-4377-3.
  • Loomis, Roger Sherman (1927). Celtic Myth and Arthurian Romance. Columbia University Press.
  • Monmouth, Geoffrey. The History of the Kings of Britain. The Romance of Arthur. Ed. James J. Wilhelm. New York: Garland Publishing, 1994. 63–93.
  • Rider, Jeff, The fictional margin: The Merlin of the Brut, Modern Philology, 1989, University of Chicago Press.
  • Torregrossa, Michael A. “Merlin Goes to the Movies: The Changing Role of Merlin in Cinema Arthuriana.” Film & History: An Interdisciplinary Journal of Film and Television Studies 29.3–4 (1999): 54–65.
  • Torregrossa, Michael A. “The Way of the Wizard: Reflections of Merlin on Film." In The Medieval Hero on Screen: Representations from Beowulf to Buffy. Eds. Martha W. Driver and Sid Ray. Jefferson, NC: McFarland, 2004. pp. 167–91.

Надворешни врски

уреди