„За сите времиња“ — стихозбирка на македонскиот писател Братислав Ташковски, објавена во 2023 година од ПНВ Публикации.

Осврт кон делото

уреди

Во оваа збирка, која се состои од 12 циклуси плус песната „Еј, поезијо глупава“, авторот се зафаќа со вечноста на зборот. Таа започнува со циклусот „Небото е прстен“ што ги најавува главните теми со кои се зафаќа авторот: небото, морето, вечноста, бог, јазикот на животот и јазикот на смртта, како и опсесијата со „семето на поезијата“. Во следните циклуси песните се раслојуваат на микроделови, на стихови што често се доближуваат до баладата, молитвата, исповедта и епитафот. Поетскиот глас на авторот се издига до химнично славење на убавината, љубовта, зборот и татковината за веќе во следниот миг да ја измами предвидливоста и да покаже понизност и посветеност и подготвеност за барање прошка од песната и од нејзиниот творец. Меѓу овие две расположенија се јавува и трето, многу лично, интимно, но сепак, гласно и самоиронично. Тогаш гласот е внатрешен и свртен кон себе, но сепак моќен. Во циклусот „Песни за минливоста“, истиот тој самоироничен глас, наместо очекуваното меланхолично ехо за животот, испишува луциден и делумно циничен автопортрет.[1]

Во стиховите на Ташковски, автореференцијалноста и автопоетичноста во постмодернистички манир не ја исклучуваат ни автоиронијата, која кулминира во стиховите: „Братиславе / Дали ти е потребна поезијата / Посебно во ова непоетско време?“ и во стиховите: „Е, мој авторе / До кога ќе правиш чудни работи?“, какои во двете верзии на песната „И ете, сега сите пишуваат поезија“, напишани во интервал од 21 година. Понатаму, во збирката е присутна уште една константа во творештвото на Ташковски – родољубивите стихови. Притоа, песните осцилираат од светло кон темно и обратно: штом читателот ќе добие впечаток дека авторот губи надеж, тој стигнува до циклусот „Витези на македонската поезија“, составен од седум песни посветени на: Блаже Конески, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Михаил Ренџов, Чедо Јакимовски и Љубен Ташковски. Овие песни претставуваат стихувани омажи на седумте поети, со умешно повикување на нивното дело, со вешто лирско реплицирање или цитирање на нивните препознатливи поетики. Така, тој ја надминува привидната замка дека поезијата е залудна религија и се враќа на темелната определба на неговото поетско писмо – достојното обожување на поезијата.[2]

Наводи

уреди
  1. Александра Јуруковска, „За дивата коњаница на зборот – кон „За сите времиња“ од Братислав Ташковски (ПНВ Публикации, 2023)“, Современост, број 3, 2023, стр. 123-124.
  2. Александра Јуруковска, „За дивата коњаница на зборот – кон „За сите времиња“ од Братислав Ташковски (ПНВ Публикации, 2023)“, Современост, број 3, 2023, стр. 124-125.