Жан-Жак Ампер
Жан-Жак Ампер (француски: Jean-Jacques Ampère), (Лион, 12 август 1800 – По (град), 27 март 1864) – француски историчар, специјалист за средниот век, писател и патник.
Жан-Жак Ампер Jean-Jacques Ampère | |
---|---|
Фотографија на Жан-Жак Ампер од Адам-Саломон | |
Роден/а | 12 август 1800 Лион, Франција |
Починат/а | 27 март 1864 По, Франција | (возр. 63)
Занимање | историчар, писател и патник |
Националност | француска |
Период | XIX век |
Животопис
уредиСин на славниот физичар Андре-Мари Ампер, Жан-Жак Ампер е дел од кругот на г-ѓа Рекамје. Тој е професор на Колеж де Франс, член на Академија за книжевност (1842) и Француската академија (1848).
Првото патување на Блискиот Исток, Жан-Жак го имал во 1841 година, заедно со Проспер Мериме и двајца други пријатели, Жан де Вит и Шарл Ленорман. На патувањето ги посетиле Неапол, Малта, Сирос, Ефес, Магнезија, Сард, Смирна, како и Цариград и Рим при враќањето. Ампер го раскажал патувањето во „Грција, Рим и Данте: книжевни студии од природата“ од 1848 година.
Тој бил првиот кој го употребил поимот ренесанса.
По неговата смрт, трудовите и нешто пари им ги оставил на своите пријатели Казимир и Ортанс Шевре. Почива на гробиштата Монмартр до неговиот татко Андре-Мари (починат на 10 јуни 1836 година). На нивниот гроб има два бронзени медалјони, дело на вајарот Шарл Гимери.[1]
Новинарот и есеист Лисјен-Анатол Прево-Парадол, неговиот наследник во Француската академија, при својот прием одржал панегиричен говор за Жан-Жак Ампер.[2] Во 1929 година, маркизата де Монтебело, вдовица на Гистав Лан де Монтебело и внука на Казимир Шевре, дел од архивата на Ампер му ја поклонила на библиотеката на Францускиот институт. Овој фонд меѓу другото содржи 254 писма од Жан-Жак Ампер до госпоѓа Рекамје која ги зачувала и му ги оставила на нивниот автор.
Дела
уреди- Од историјата на поезијата (De l’histoire de la poésie, 1830) ;
- Од француската книжевност во односите со странските литератури во средниот век (De la littérature française dans ses rapports avec les littératures étrangères au moyen âge, 1833) ;
- Литература и патувања: Германија и Скандинавија (Littérature et voyages : Allemagne et Scandinavie , 1833) ;
- Книжевна историја на Франција пред XII век (3 тома) (Histoire littéraire de la France avant le XIIe siècle (3 volumes), 1839) ;
- Историја на книжевноста во средниот век. Од формирањето на францускиот јазик (3 тома) Histoire de la littérature au moyen âge. De la formation de la langue française (3 volumes) , 1841) ;
- Баланш (Ballanche, 1849) ;
- Грција, Рим и Данте: книжевни студии од природата (La Grèce, Rome et Dante : études littéraires d’après nature, 1848) ;
- Литература, патувања и поезија (2 тома) (Littérature, voyages et poésies (2 volumes), 1848) ;
- Римската историја на Рим (4 тома) (L’histoire romaine à Rome (4 volumes), 1856) ;
- Цезар, историски сцени (César, scènes historiques, 1859) ;
- Прошетка во Америка (2 тома) (Promenade en Amérique (2 volumes), 1860) ;
- Науката и книжевноста на Ориентот (La science et les lettres en Orient, 1865) ;
- Мешавина од историја и книжевност (2 тома) (Mélanges d’histoire et de littérature (2 volumes), 1867) ;
- Римското Царство во Рим (2 тома) (L’Empire romain à Rome (2 volumes), 1867) ;
- Патување во Египет и Нубија (Voyage en Égypte et en Nubie, 1868) ;
- Кристијан или римската година (Christian ou l’année romaine, 1887).
Наводи
уреди- ↑ Гробот на Андре-Мари Ампер и Жан-Жак Ампер, на семрежното место landrucimetieres.fr
- ↑ Приемен говор на Лисјен-Анатол Прево-Парадол, пофално слово за Жан-Жак Ампер, на семрежното место academie-francaise.fr