Еремиовден
Еремиовден или Ирминден — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш паѓа на 1 мај, односно на 14 мај по стариот календар. Овој празник се празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи. Иако и на други пролетни празници се изведуваат обичаи за заштита од вакви штетници се чини дека тоа најмногу се прави вечерта спроти Еремиовден. Во песните што се исполнуваат со овие обичаи Еремија е претставен како митски јунак. Тоа пак, од друга страна, значи дека иако во основата на овој празник е споменот на светиот пророк од Стариот завет - Еремија, обичаите и верувањата водат потекло од најдалечното минато на човекот.
Еремиовден | |
---|---|
Руска икона на пророкот Еремија | |
Го празнува(ат) | Христијанските и нехристијански земји |
Вид | христијански |
Значење | Ден на пророкот Еремија |
Датум | 1/14 мај |
Обичаи | обредно пеење, ритуали |
Житие
уредиЕремија (хебрејски:יִרְמְיָה, Yirmĭyahu; роден, најверојатно, по 650 пр.н.е. во Анатот, Јудеја; - ~570 пр.н.е., Египет) бил еврејски пророк и реформатор, автор на „Книгата за Еремија“. Роден во религиозно семејство во село во близина на Ерусалим, почнал да проповеда околу 627 година пр.н.е. обвинувајќи ги своите граѓани за неправда и лажно обожување и повикувајќи ги да се подобрат. Тој точно го предвидел уништувањето на Јудеја од страна на Вавилон. По падот на Ерусалим, во 586 година пр.н.е. и откако големиот дел од неговото население било протерано во егзил, тој останал бидејќи бил под заштита на својот нов гувернер. Кога гувернерот бил убиен, Еремија бил однесен во Египет од Евреите, кои се плашеле од одмазда, и останал таму сè до својата смрт. Неговото најзначајно пророштво се однесувало на времето кога Господ ќе направел нов договор со Израел.[1]
Славење
уредиВо Македонија
уреди- Охридско
Публицистот Ефтим Спространов забележал обичаи поврзани со овој ден. „Наспроти тој ден вечерта на стемнување ги падат змиите. На кација ставаат оган, врз огнот посипуваат ќуќур и одат од дупка на дупка каде што претпоставуваат дека има змии, тропаат со машата врз кацијата, чадат и викаат:
Бегај бегај гадуријо
ето ти ја Еремија,
ќе ти мотат черевата
со железно мотојло.
Откако ќе начадат добро, кацијата ја оставаат во некој агол да изгасне и рано утрото јаглените ги исфрлаат на буниште“.
Во Дебрца црепни секогаш се правеле на Еремија. Ги правеле по две-три жени заедно. Притоа строго се внимавало црепни да не прави трудна жена зашто немало да траат. Од истите причини земјата за црепните не смеело да се носи со ждребна кобила. Ако пак се случело трудна жена да прави црепни првиот пат кога ќе печела леб во новите црепни требало да рече: „Црепните да не ми траат, детето да ми е живо“.
- Крушево
Интересно е што во некои песни свети Еремија се поврзува со свети Никола во други со свети Танасија. Така на пример во Крушево се пеело: „Бегај, бегај поганија, ето ти го Еремија, со светаго Николаја“, а во Дебарско: „Бегај, бегај поганија,/ ете идет Еремија / со светаго Танасија, / врти, врти во тревата / измотај му черевата“.
- Галичник
Вакви обичаи од Галичник запишал и Панајот Гиновски кој, исто така, сведочи дека вечерта спроти празникот оделе во градините и чукајќи на саанче гласно викале: „Бегај бегај поганија, / ете ти го Еремија, / со светаго Танасија“. Но П. Гиноски сведочи дека и на самиот ден рано наутро, пред сонце, оделе на билје каде играле ора со песни. Очигледно е дека се работи за елементи од пролетното празнување познати во врска и со други пролетни празници. За берење билки и запотнување на куќите пишува и Кузман Шапкарев. Тој запишал дека освен споменатиот обичај со маша и кација, со жар и ќуќур и споменатата песна за Еремија се берела и вратика и се запотнувала куќата. Шапкарев, исто така, сведочи дека на овој ден во некои места рано наутро излегувале надвор и на некоја зелена трева пиеле пресно млеко. Околу Еремија се враќале печалбарите „солунци“ и се подготвувале за свадбите кои во овој крај се правеле на Петровден. На Еремија се изведувал обичајот „идење со грозје“. Тогаш свекрвата ја посетувала свршеницата и ѝ носела разни подароци како калемќари, свилени шамии, суво грозје, роговачки и леблебии. Свршеницата ја дарувала свекрвата со ризинче „чистој-бело“ и со чорапи. Во врска со галичките свадбени обичаи уште останало запишано дека од овој празник свршеницата останувала постојано во клед, никаде не излегувала до свадбата и за тоа време се велело дека свршеницата белее. Во овој период до свадбата таа заедно со роднини, другарки ги завршувала даровите и невестинската облека.
- Велешко
И во Велес, според записите од 19 век, вечерта спроти овој празник се изведувале интересни обичаи. Во секоја куќа една мома или жена ја земала кацијата и машата и така чукајќи одела низ сите ќошиња од куќата и викала: „Бегајте змии и гуштери, каде иде Еремија.“ Најпосле доаѓала до портата и ја фрлала машата и кацијата низ порта на сокак. „Така се истерујат змиите и гушчерите и сите лошотии. По малку постовиење машата и кацјата си ја зимајат и си ја однесујат дома.“ Во некои куќи, пак, се изведувал овој обичај: една жена влечела кожа, а другата удирала со машата и кацијата викајќи: „Бегајте змии и гуштери, каде иде Еремија, сос краставо коњиште, сос рѓаво сабјиште, сос голо главиште.“
- Гевгелиско
И во Гевгелиско како што забележал Стефан Тановиќ вечерта спроти празникот децата земале маша и кација удирале со нив и вртеле околу куќата, притоа викајќи: „Бигајте змији, гуштере, жаби, жељки, оти Иримији идат сус климији, ки ва набодат и ки ва истепат.“ Во овој крај празникот Еремија повеќе го празнувале жените од мажите. Тие не работеле никаква работа, не шиеле, не крпеле, не сечеле итн.) особено не мереле должина зашто верувале дека на секој чекор ќе среќаваат змии. Исто така, внимавале да не им се влече нешто, опинок, врвка од чорапот и сл. зашто цела година по нив ќе се влечеле змиите. На празникот се внимавало да не се изнесува ништо од дома зашто се верувало дека може да се изнесе и касметот. Особено внимавале да не дадат некој земјоделски алат. Црепни или подници се правеле од земја црвеница, која неколку дена се прскала со вода така што сама од себе се претворала во кал. Потоа се газела со нозе или се месела со железо или со стап, а потоа пак се оставала неколку дена покриена со вреќа и попрскана со вода. На денот кога се правеле црепните пак земјата добро се месела и црепните се правеле во некое место под сенка. По правењето на газерот (долниот дел од црепната) кој се правел како погача, се пристапувало кон правење на обрачот кој се викал крашник. Овој дел го правела некоја т.н. прасина жена, што значи жена што престанала да раѓа, инаку црепните ќе испукале. Црепните се сушеле во сенка, а кога црепната била готова на средината се правел крст, а на местото каде што се сечеле линиите, забодувале пердув од кокошка, а некои ставале уште и глава од лук за да не се случи некој да ги урочи црепните и тие да испукаат. Значи, како и во други случаи и овде лукот се користи за заштита од урок. Кога во црепната еднаш ќе испечеле леб, потоа ја чувале чиста како ноќвите, а особено се сметало за голем грев некој да седи на црепна или таа да се стави на нечисто место. Во врска со црепните се забележани и други верувања. Така на пр. секој минувач поздравувал со „Железни ви црепни“ зашто ако ги поздравел со друг поздрав црепните не ќе траеле, и бргу ќе се кршеле. Било обичај девојките што ќе се мажеле таа година да „не газат црепни“ што значи да не учествуваат во нивното правење. Затоа се вели во овие записи, тие што ги мрзело да работат се оправдувале дека наредната есен ќе се омажат што било подложено и на потсмев, а влегло и во народните умотворби.
- Радовишко
Во Радовишко овој обичај го изведувале постари жени. Тие тропајќи со машата по кацијата и тенеќијата викале:
Бегајте змии, гушчери,
иде Иримија,
сус ќелаво ножишче,
сус рѓаво сабјишче,
ќе ве коле, ќе ве бесе,
сус машата и кацјата,
ќе ве изгоре.
Особено овој празник го држат куќите што се занимаваат со земјоделска работа.
- Кумановско
Во Кумановско не се работело за да не им „скача гадурија пред очи“. Тропајќи со машата и кацијата овде се викало: „Еремија у поле, змија у море“. Се верува дека куќите околу кои е изведен овој обичај ќе бидат поштедени од овие штетници.
Миладиновци забележале: Во Струга, како што стои запишано во овој зборник, „на Св. Јеремија кршат стомна, шутарки и черепи“. В Прилеп пејет: „Бегај, бегај, гаду, со твојте гадишчица! Ето ти го Јеремија, ќе ти мотат черевата со железно мотоело.“ Во Кукуш, пак, според истиот извор „вечерта спроти Еремија клавает пред прагот на портата кросно и фортома, а од двете страни на кросното горит по една лепешка; ќе поминват гојдата преку кросното, за да не ги укасат змија. Чукает со кации, низ дворот, по дупките и околу кашчата и вељат: „Бегајте змии оти идет Еремија“. Раното со коприви терает гојдата на пасење.“
Во повеќе краишта на Македонија на овој ден се прават црепни. Нив ги прават само жените, кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат. Ако земјата се донесува претходниот ден ноќта се чува да не се случи некој да фрли сол од што црепните пукаат. Поради култот кон лебот, а и поради тоа што во црепните се месат разни обредни лебови кои се носат и во црквата како кравајчиња и сл. жените што прават црепни се облекуваат во чиста облека. Газењето на црепните, како што се вика овој чин се смета за тешка работа и е придружено со повеќе песни, како што е следнава песна од селото Прострање, Кичевско;
Ај сега почнуеме,
црепни да газиме.
Никого не пуштаме.
покрај нас да помине,
сол да не ни врли-
црепни да ни испукаат.
Кој пријател ќе помине
ќе ни речи:
- Железни ви црепни!
Кој душман ќе помине,
ќе ни речи:
- Земјени ви црепни!
Останало забележано од собирачите на овие обичаи и песни дека поради тоа што жените и девојките што газеле црепни ги засукувале фустаните над колена за да не се извалкаат од калта, чести минувачи биле машките. За да ги избркаат црепнарките им пееле песни со навредлива содржина. Така на пр. на момчињата им ја пееле песната:
Што лудо по друм помина,
враќајте да го вратиме,
на црепни да го седниме,
ужина да му дадиме,
желкини јајца гајгана,
од овца лута ракија,
од крава вино црвено“.
На Турците, пак, коишто често наминувале на местата каде што се правеле црепни црепнарките им пееле вакви песни:
Пролетал орел карталес,
поминал Турчин парталес,
враќајте да го вратиме,
ручек да му дадеме,
желкини јајца пржени,
желкино млеко квасено.
Се верувало дека жените што на Еремија ќе прават црепни таа година не ги касале змиите.
Во Бугарија
уредиОвој празник во Бугарија се нарекува Ирминден (или уште: Јеремја, Еремија, З’мски ден, Ирима) и претставува обред за изработка на црепни. Тоа е стар бугарски обичај, кој веќе е речиси исчезнат, но сè уште е зачуван во хасковското село Лозен. Црепните кои таму се прават претставуваат тркалезни глинени рамсни садови со пречник од околу 60 см и дебелина на дното 4-5 см. Црепните (буг. пониците) се користат за печење на леб, пити и др. На тој ден жените стануваат рано, берат билки против женски болести, скришум земаат глина од три места и се собираат во нечиј двор. Скришум носат вода од бунар или од извор. Како водата врие на огнот ја мешаат со правот и ставаат слама и ја покриваат со черга за да омекне. Потоа, исто како тесто, ја мешаат вторпат. После ја газат со нозе и се пеат специјални обредни песни за празникот. Ја разделуваат глината на топки, од големите прават црепни, на кои се пече леб и пити под вршник. Од малите топки се прават сачови за палачинки. Задолжително се прави и кандилце за дома . Сите садови се остават да се сушат под слама на 20тина дена. Жените се гоштеваат со зелник и свеж леб. Потоа сите одат кон реката да ги исперат килимите и вреќите.[2]
Во Разлошко, Иримија ја сметале за мајка на змиите и овој ден ја повикувале да си ги поведе настрана од луѓето. Затоа пееле:
„Иримие, иримосај си децата.
Куга ја ф поле – тие в гора,
куга ја ф гора, тија ф поле.“
Во Србија
уредиВо Србија пророкот Еремија е познат како „змиски светец“, бидејќи никој не правел магии против каснување од змија без да се изговори неговото име. Овој празник во Србија се нарекува Еремиов ден (српски: Јеремијин дан). Некогаш низ Србија за овој ден оделе група поворки со девојки кои пееле „Јеремија у поље, а све змије у море!“[3]
Наводи
уреди- ↑ Jeremiah, New Bible Dictionary, Second Edition, Tyndale Press, Wheaton, IL, USA 1987.
- ↑ „Обичай "Ирминден"“. Архивирано од изворникот на 2011-08-19. Посетено на 2014-05-16.
- ↑ „Змијски светац и „празник рада"“. Архивирано од изворникот на 2014-05-06. Посетено на 2014-05-16.
Надворешни врски
уреди- Ирминден – правене на поници Архивирано на 18 септември 2012 г. (на Бугарски)