Елија Анастасија
Ино или Елија Анастасија (починала 593 година) била византиска царица, сопруга на царот Тибериј II Константин. Според хронистот Јован Ефески, Ино потекнувала од Дафнидиум[1] и првично била мажена за Јован, офицер од византиската војска. Двајцата имале ќерка, која била свршена за Тибериј. Сопругот и ќерката на Ино сепак починале пред склучувањето на бракот.[1] Потоа самата Ино се омажила за Тибериј. Јован Ефески наведува дека Ино на Тибериј му родила три деца. Познати се имињата на две нивни ќерки-Константина, која била мажена за цар Маврикиј и Чарито. За третото дете се смета дека починало.
Ино | |||||
---|---|---|---|---|---|
Византиска царица | |||||
Роден(а) | 6 век | ||||
Починал(а) | 593 Цариград | ||||
Почивалиште | |||||
Сопружник | Тибериј II Константин | ||||
Деца | Константина, Чарито | ||||
| |||||
Династија | Јустинијанова династија |
Цезарица
уредиВо времето на царот Јустин II, Тибериј бил назначен како комес и во 573 година извршил воена мисија против Сасинидската империја[2] . Постепено власта во Византија се фокусирала во рацете на царицата Софија, сопруга на болниот цар Јустин. Како регент, меѓутоа таа немала целосна поддршка и затоа го назначил популарниот Тибериј за втор регент.
Теофан Исповедник наведува дека Тибериј е прогласен за Цезар лично од цар Јустин II на 7 декември 574 година[2]. Како цезар Тибериј официјално бил прогласен и за наследник на царот[3]. Така Ино била удостоена со титулата цезарица, резервирана за втората по ранг жена во империјата[4].
Јован Ефески и Теофан Исповедник се категорични дека во тоа време царицата Софија планирала по смртта на Јустин II да се омажи за Тибериј, со кого да ја управува заеднички империјата. Бракот на Тибериј и Ино сепак бил сериозна пречка за плановите на царицата и била причина сопругата и ќерките на Тибериј да западнат во немилост пред неа. Таа не дозволила на Ино и нејзините ќерки да се населат во Големата палата во Цариград. Наместо тоа, тие биле сместени во една од поранешните резиденции на царот Јустинијан I. Според Јован Ефески, Тибериј секоја вечер ноќевал кај семејството.
Подоцна Ино и нејзините ќерки го напуштиле Цариград и се населиле во Дафнидиум, претходна нивна резиденција. Малку подоцна Ино се разболела и Тибериј го напуштил главниот град, за да биде крај неа.
Царица
уредиВо септември 578 Јустин II го прогласил Тибериј за свој соцар. Јустин II починал на 5 октомври 578 и Тибериј II станал единствен владетел на империјата[3]. Јован Ефески известува дека по смртта на Јустин II, Софија го испратила патријарх Евтихиј Цариградски кај Тибериј II, за да го убеди да се разведе со Ино. Поранешната царицата му понудила на Тибериј II да се ожени со неа или за нејзината ќерка. Царот сепак категорично го отфрлил нејзиниот предлог[4].
Стравувајќи за животот на сопругата и своите ќерките, Тибериј II наредил тие да бидат донесени тајно во Цариград. Во една доцна вечер Ино и ќерките биле донесени преку моркси пат[1]. Жените пристигнале неповредени, а Тибериј II наредил тие да бидат пречекани официјално од патријархот и од членовите на сенатот. Подоцна на специјална церемонија Ино била прогласена за царица и ја добила титулата августа[4].
Околу 580 година Ино успешно се излекувала во Акве Калиде и во знак на благодарност ја подарила царската мантија на локалната црква. Во 584 година Аварите предводени од хан Бајан подложиле на опустошување Тракија и крајбрежјето и останале во лековитите Анхијалски бањи. Според византискиот историчар Теофилакт Симоката во една од црквите на градот Аварите ја пронашле пурпурната мантија на царицата Анастасија, а ханот Бајан ја облекол и се прогласил за цар на Византија.
Според Јован Ефески името Ино не доликувало на една христијанска царицата, бидејќи имало пагански потекло[5]. Според старогрчката митологија Ино е ќерка на Кадмиум и Хармонија, идентификувана со божицата Левкотеја. Така новата царицата го добила името Анастасија, предложено од приврзаниците на сината партија. Конкурентската зелена партија го предложила името Елена[1][5].
Тибериј II починал на 14 август 582 година и бил наследен од Маврикиј, вереник на ќерка му Константина. Бракот меѓу Константина и Маврикиј бил склучен во есента 582 година. Церемонијата подетално е опишана од Теофилакт Симоката. Константина ја добила титулата августа, а Анастасија и Софија продолжиле да се титулираат со истата титула.[3]. Јован Ефески споменува дека трите августки резидирале во Големата палата во Цариград.
Анастасија починала во 593 година и била погребана во црквата "Св. Апостоли" до нејзиниот сопруг[1][4].
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Martindale, John R.; Jones, A.H.M.; Morris, J. (1992). The Prosopography of the Later Roman Empire. IIIa. Cambridge University Press. стр. 60–61. ISBN 0-521-20160-8.
- ↑ 2,0 2,1 Evans, James Allan. „Justin II (565-578 A.D.)“. De Imperatoribus Romanis.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Garland, Lynda. „Sophia, Wife of Justin II“. De Imperatoribus Romanis.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Garland, Lynda. „Ino Anastasia, wife of Tiberius II Constantine“. De Imperatoribus Romanis.
- ↑ 5,0 5,1 Garland, Lynda. „Constantina, wife of Emperor Maurice“. De Imperatoribus Romanis.
Претходник Елија Софија |
Византиска царица 578–582 |
Наследник Константина |