Езекил (библиска книга)

книга од Библијата

„Книгата на пророкот Езекил“ — книга од Стариот завет во која се опишани пророштвата на пророкот Езекил за судбината на Јудеја и на Ерусалим.

Содржина уреди

Во петтата година од заробувањето на царот Јоаким, на пророкот Езекил му се јавува визија на четири крилати суштества под кои има четири тркала; тие се опкружени со силен оган и светлина, а над нив седи човек на престол. Тогаш, Езекил сфаќа дека ја видел славата божја над херувимите. Господ му се обраќа на Езекил и го назначува за свој пророк, давајќи му да проголта еден текст. По тој настан, Езекил заминува во Тел Авив и по седум дена повторно му се јавува Господ со налог да ги советува и подучува Израилците. Во таа прилика, Господ му ја најавува опсадата на Ерусалим, како казна за беззаконието и идолопоклонството. Притоа, Господ се заканува дека ќе ги уништи идолските светилишта и ќе ги казни Израилците со помор, глад и меч, додека другите ќе бидат раселени во туѓи земји, а дури потоа ќе бидат вратени во татковината. Една година подоцна, огнено суштество го пренесува Езекил во Ерусалим, каде го гледа идилопоклонството на Јудејцитеи тогаш повторно ги гледа херувимите во божјиот храм. Тогаш, Господ му наложува да ги разобличи лажните пророци и оние кои веруваат во магија. Подоцна, Езекил повторно проповеда за опсадата на Ерусалим од вавилонската војска, а исто така ја најавува и пропаста на Моав, Едом, Филистејците, Тир, Сидон и многу други народи. Тој ја пренесува божјата закана дека вавилонскиот цар Навуходоносор ќе го освои Египет при што опустошувањето ќе трае 40 години по што неговите жители ќе можат да се вратат назад. Пророкот Езекил објавува дека Господ повторно ќе ја обнови земјата на Израилот и ќе ја направи богата, ќе ги обедини Израилевите племиња, ќе склучи вечен завет со нив и ќе го обнови божјиот храм. Во 25-тата година по преселувањето на Израилците, Господ го пренесува Езекил во земјата на Израилот каде што тој гледа град во далечината, а потоа еден маж детаљно му го покажува божјиот храм. Тогаш, Езекил гледа како славата божја го исполнува храмот и Бог му дава насоки за изработката на жртвеникот, за неговото осветување, како и правилата што треба да ги почитуваат свештениците, правилата за принесување жртви. Исто така, Бог му ги кажува границите на земјата на Израилот, деловите кои треба да им се дадат на 12-те Израилеви племиња, границите на светиот град, како и земјата што треба да им припадне на свештениците, на народот и на кнезот.[1]

Наводи уреди

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 1026-1080.