Домарот наспроти смртта

Домарот наспроти смртта е расказ од рускиот писател Јуриј Мамлеев. Оригинално, расказот е објавен во 1990 година, во збирката на Мамлеев со наслов „Потопи ми ја главата!“. На македонски јазик, расказот е објавен од издавачката куќа „Темплум“, еднаш во збирката на Мамлеев „Потопи ми ја главата!“ од 2010 година и повторно во 2011 година, како дел од збирката „Пат околу светот во 20 раскази“. Преводот на македонски јазик го извршил Ѓорѓи Крстевски.

Содржина

уреди

Дмитриј Иванович Мухеев е домар кој се грижи за неколку стари, распаднати згради. Тој е на возраст од 50 години, оженет со Варвара, која од детството ја викаат „кучка“. Дмитриј го поминал животот во извршување на разни ситни поправки на зградите со кои управува, додека неговиот душевен живот претставува една голема празнина. Неочекува, тој се разболува од рак и дури кога сосема ослабнал, тој се упатува во реонската болница, каде му ја дијагностицираат болеста и му даваат сосема малку изгледи за да преживее.

По почетното разочарување, Дмитриј се обидува да се утеши со тоа што неговите дела ќе го надживеат и тие ќе го одржувааат споменот за него, но дознава дека сите згради со кои управува набргу ќе бидат урнати. Тоа претставува голем удар за него и тој заминува дома, каде плаче, исплашен од сознанието за неизбежната смрт. Тогаш, започнува да ја сонува својата жена и тогаш сфаќа дека ја сака, иако не ја сакал никогаш претходно. Варвара, пак, дознава за болеста на сопругот и се радува на таа вест, додека Дмитриј постојано ја опсипува со љубов. Кога Дмитриј завршува во болницата, Варвара го поминува времето со својот љубовник и во пиење, па заборава да го посети Дмитриј, кој цело време мисли на неа. Кога конечно го посетува во болницата, Дмитриј е сосема исцрпен и празен и воопшто не разговара со неа, сфаќајќи дека неговата љубов кон Варвара исчезнала. Истовремено, во него се јавува јасното сознание за неизбежноста на смртта.[1] [2]

Наводи

уреди
  1. Владимир Јанковски (уредник), Пат околу светот во 20 раскази: Антологија на светскиот расказ, Темплум, Скопје, 2011, стр. 201-221.
  2. Јуриј Мамлеев, Потопи ми ја главата!, Темплум, Скопје, 2010, стр. 54-74.